Македонија
Арсовска си најде сродни души во СДС, ДУИ и Левицата, како попчиња ѝ го гласаат буџетот, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Веќе не е ни новост тоа што СДС, ДУИ и Левицата се во коалиција во Советот на Град Скопје. Нивната соработка и нивната поддршка на Арсовска се потврди повторно со гласањето на буџетот на Градот на Скопје, буџет кој е неразвоен, со кој се укинуваат капиталните инвестиции и се намалуваат субвенциите, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, овој буџет е најлошиот буџет што го имал Градот и освен пари за сомнителни тендери, не нуди ништо за граѓаните.
„СДС, ДУИ и Левицата со гласањето на буџетот на Арсовска Данела си овозможија тегла со мед, во која ќе си ги брцаат рацете. Единствено добро во целата ситуација е што сите граѓани може јасно да ја видат оваа коалиција, која, освен што се лепи со многу мед, меѓусебно се привлекува и со непринципиелноста и меракот за матни бизниси“, додаваат од опозициската партија.
За ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска во СДС, ДУИ и Левицата си најде сродни души, кои како попчиња ѝ го гласат буџетот за новата изгубена година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Поскапувањата во јануари и февруари го „изедоа“ владиното покачување на минималната плата, ССМ пресмета 969 денари поскапа кошничка за февруари
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за месец февруари пресмета зголемување на вредноста на минималната потрошувачка кошничка за 969 денари, објави денес претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. За толку беше зголемена вредноста на потрошувачката кошничка што ја пресметува ССМ и во јануари, па Трендафилов направи споредба со најавата за системско усогласување на минималната плата следниот месец.
„Вредноста на синдикалната минимална кошничка за месец февруари повторно е зголемена и тоа за вредност од 969 денари. Истата изнесува 67.382 денари. За два месеци, од почетокот на годината веќе го ‘изеде’ најавеното усогласување на минималната плата кое функционерите сакаат да им го дадат на работниците од 1.500 денари односно секое семејство на работниците е посиромашно за 2.000 денари за само два месеца“, вели претседателот на ССМ.
Тој направи пресметка и за колку се зголеми синдикалната кошничка во изминативе две години, период во кој ССМ бара зголемување на минималната плата. „За 24 месеци, односно онолку време колку што одбиваат да ја зголемат минималната плата, вредноста на синдикалната минимална кошничка е зголемена за повеќе од 10.000 денари. Затоа, наместо да се препукуваат на грбот на работниците во парламентот и политичките партии да застанат со нив, да ја изгласаат новата минимална плата која треба да изнесува 600 евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку 6.000 денари затоа што животот очигледно е дека само за функционерите и за газдите е добар во Македонија, додека работниците тонат во сиромаштија“, рече претседателот Трендафилов.
ССМ по блокадите на Собранието, стопанските комори и на Владата, ѝ даде рок на Владата до крајот на месецов да ја зголеми минималната плата на 600 евра, а сите останати за 100 евра. Доколку минималната плата не се зголеми во тој рок, на почетокот на март ССМ најави дека ќе организира генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор, во работен ден.
Македонија
Со оружје, стотици парчиња муниција и импровизирани направи во возилото, Италијанец се обидел да ја помине границата на Табановце – приведен е
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го привеле С.В. (45) од Италија.
При гранични проверки и контрола на возило со италијански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени осум импровизирани направи со игла за активирање на непозната муниција, пиштол калибар 22, шест кутивчиња со по 100 парчиња муниција, едно кутивче со 200 парчиња муниција, едно кутивче со 60 парчиња муниција, како и други предмети.
По наредба на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.

