Македонија
Арсовска ја потпиша Платформата за хуманитарна помош со Црвениот крст на град Скопје

На Светскиот ден на Црвениот крст се креира Платформа за унапредување на соработката помеѓу Црвен крст на град Скопје и Градот Скопје во делот на подготвеност и одговор во случај на катастофи, која денес ја промовираа градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска и Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот крст на град Скопје.
-Проактивноста во делувањето на Црвениот крст е од исклучителна важност за бројни категории на граѓани за чија добробит делуваат волонтерите на Црвен крст, преку илјадници акции и активности во текот на целата година, вклучително и оние за најранливите групи на граѓани, за кои оваа грижа придонесува за позитивна промена во нивниот живот, изјави градоначалничката на Скопје Данела Арсовска по потпишувањето на Платформата.
Арсовска истакна дека соработката со Црвениот крст треба да се унапредува, па затоа токму на овој ден кога се одбележува важноста на организацијата, се креира Платформа за унапредување на соработката помеѓу Црвен крст на Град Скопје и Градот Скопје во делот на подготвеност и одговор во случај на катастрофи.
-Оваа платформа ги активира ресурсите за делување за помош на граѓаните во случај на катастрофи. Ќе се формираат оперативно функционални мобилни тимови кои ќе бидат во служба на граѓаните, при потреба од евакуирање, медицинска поддршка и транспорт на лица, како и обезбедување и дистрибуција на хуманитарна помош. Соработката со Црвениот крст за нас е од голема важност бидејќи со зголемување на активностите се обезбедува помош онаму каде што е најпотребна, а преку почитување на основните принципи на Црвениот крст ја мобилизираме вистинската моќ на хуманоста, додаде градоначалничката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Арсовска спротивно на законoт поставилa Генерален секретар на Град Скопје

Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ го именувале за секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски, актуелен советник во општина Чаир од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, обвинуваат од СДСМ.
„Ова освен што е неетички, туку е и спротивно на член 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси.
Надлежните ограни се веќе известени и овој случај мора да има разрешница“, реагираат од партијата.
Според СДСМ, Арсовска одново докажува дека освен груба партизација на Град Скопје ништо друго и не прави.
„Одамна е јасно дека Арсовска е најнеуспешниот градоначалник на Град Скопје“, се наведува во реакцијата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Што зборувал Џафери со контроверзните Чеченци кои се верни следбеници на Путин?

Собранискиот спикер Талат Џафери влегува од скандал во скандал, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„После примитивизмот и пцуењето на вработени во Собранието, дојде нов скандал за негови врски и средби со лица од Чеченија кои се верни следбеници на Владимир Путин“, посочуваат од опозициската партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека додека Џафери и владата на СДСМ и ДУИ имаат полна уста за прозападна ориентација, остваруваат контакти со контроверзни ликови блиски до режимот во Кремљ.
„Џефери на 10. јули 2021 година имал средби со Абдул-Вајед Нијазов поранешен пратеник во Думата и основач на здружението “Муслиманите во поддршка на Претседателот Путин”. Како е возможно ваков лик да остварува средби со високи државни функционери на земја-членка на НАТО. Зарем и во други земји-членки вакви лица блиски до Кремљ слободно се шетаат во нивните парламенти“, прашуваат од партијата од каде се во дилема и за тоа што разговарал Џафери со Чеченците.
„Според информациите во странски медиуми, гостите од Чеченија биле во посета на општина Тетово и со тогашните локални власти разговарале за изградба на споменик на Ахмат Кадиров, по кого се нарекуваат и чеченските единици кои сега ги спроведуваат најбруталните акции во Украина“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Сончево и топло време со температури до 33 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со слаб променлив ветер, информираат од УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 26 до 33 Целзиусови степени.
Во Скопје сончево со слаб северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне 31 степен.
Во следните денови ќе биде топло со пораст на дневната температура, која на повеќе места ќе биде над просекот за овој период од годината. Од недела во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.