Македонија
Арсовски: Власта го менува рокот за рестартирање на „Југохром“, излажани 1.200 вработени
Поради премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, една и пол година 1.200 работници од „Југохром“ поминуваат низ вистински пекол, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, и додаде дека семејствата немаат приходи поради неодговорноста на власта што ги лаже за рестартирањето на работата на комбинатот.
„На 18 јуни 2017 година Зоран Заев лично вети дека ќе се ангажира за рестартирањето на ‘Југохром’ за на 12 октомври истата година Владата да излезе и со конкретно ветување дека фабриката ќе почне со работа најдоцна до мај-јуни оваа година, а еве помина цело лето, поминува и ноември, за жал, ‘Југохром’ сè уште не почнува со работа.
1.200 вработени се без работа и немаат основни средства за егзистенција, а виновниците за тоа имаат име и презиме, тоа се Зоран Заев и Кочо Анѓушев. Пред точно два дена власта која ветуваше целосно рестартирање, сега вели дека комбинатот ќе почне со работа в година до јуни, со што спасени ќе бидат 550 вработени“, рече Арсовски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ праша како власта ќе им објасни на работниците дека 650 од нив ќе останат без работа. „Кои се тие што ќе ги бркате, а кои ќе останат да работат? Што ќе прават 650 луѓе што ќе останат без работа од “Југохром’?“, праша Арсовски.
Опозицијата додава дека како еден од снабдувачите со струја на „Југохром“ додека работела се јавува ЕДС – компанијата што била во сопственост на Кочо Анѓушев.
„Тоа можеме да го видиме од возниот ред на МЕПСО, кој ви го презентираме во заднина (на видеото од прес-конференцијата) од 8 јуни 2016 година, од која се гледа дека ЕДС на Анѓушев во тоа време се јавува како доставувач на струја за “Југохром’. Власта треба итно и неодложно да одговори дали зад нерестартирањето на ‘Југохром’ се кријат нечии бизнис-апетити и дали можеби некој заткулисно се пазари? СДСМ една и пол година е на власт и не оствари ниту едно ветување, а не успева затоа што и во еден ‘Југохром’ се кријат лични бизнис-интереси на поединци од власта и политичко пазарење за сметка на маката на напатените работници“, рече Арсовски.
Ова е најцрно време за македонската економија и за граѓаните, заклучува опозицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата го утврди Предлог-Законот за Советот на јавните обвинители, соопшти Министерството за правда
Владата на денешната седница на предлог на Министерството за правда го утврди Законот за Советот на јавни обвинители.
Овој закон, како што е соопштено, претставува значаен чекор кон зајакнување на независноста, отчетноста и транспарентноста на јавнообвинителскиот систем.
„Клучни измени во Предлог-законот:
Детално уредена постапка за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот, која се покренува врз основа на образложено барање од најмалку четири члена на Советот.
Засилена улога на Советот во постапката за избор и разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, вклучително и можност за поднесување иницијатива за разрешување до Собранието.
Зајакната транспарентност на работата на Советот, преку јавност на второстепената дисциплинска постапка, со јасно утврдени исклучоци за заштита на лични податоци, угледот на странките и други легитимни интереси.
Воведување прецизни и јасни критериуми за избор на членови на Советот, со кои се гарантира стручност, искуство и интегритет, по пример на новиот Закон за Судскиот совет.
Детално уредена постапка за разрешување на член на Советот, со прецизирани рокови и јасни критериуми“.
Од министерството информираат дека Предлог-законот, заедно со Предлог-законот за Јавното обвинителство, добија заедничко позитивно мислење Венецијанската комисија.
Македонија
Блокадите од ССМ имаат политичка заднина, смета Мицкоски
Премиерот, Христијан Мицкоски, вели дека денешниот протест на ССМ има политичка заднина и дека со договорот кој го направиле со синдикатите, Владата ги исполнила своите обврски.
„Па овој договор на Владата со синдикатите значи уште еден историски договор, дека во следните две години и неколку месеци, односно почнувајќи од април 2026 до април 2028, околу единаесет илјади луѓе од администрацијата и од службите во судовите и обвинителствата ќе добијат околу 40% повисока плата, од таа што денеска ја добиваат. И со ова Владата како најголем работодавач го заокружува својот договор со своите колеги. Практично на ова му претходеа здравствените работници, па образовните работници, па другите институции и конечно сега со САДУ и со УПОЗ, на тоа ги додадовме и вработените во службите на судовите и обвинителствата, околу единаесет илјади наши колеги. Сето ова кога ќе се заокружи, ние можеме да кажеме дека до крајот на мандатот на оваа Влада, сме ги регулирале нашите обврски и односи со нашите колеги“, рече Мицкоски.
На прашањето дали ќе се донесе едно конечно решение околу минималната плата, бидејќи денеска има блокади пред Собранието, а има и најави за блокирање на Стопанските комори и на Владата, премиерот Мицкоски рече:
„Не, тоа ќе продолжи. Затоа што ова има политичка позадина. Еден од денешните протестанти со мене држеше прес-конференција, видно во егзалтична состојба задоволен од тоа што го постигнал. Но, денеска го гледате блокира со тој другиот којшто се повикува на работнички права, злоупотребува службени возила за приватни цели и уште многу работи допрва, како што имам чувство, ќе бидат сведоци работниците кој ги води, кој ги манипулира во овие политички инструирани процеси. И тоа во периодот што следи, ќе го има, нема да престане, јас сум свесен. Но она, коешто за мене е важно како претседател на Владата е дека аргументот Владата е најголем работодавач, треба да си ги регулира обврските, ние си ги завршивме нашите обврски.
Во бипартитниот дијалог меѓу коморите, односно работодавачите и работниците, ние сме фасилитатор. И рековме ќе го поддржиме секое решение коешто практично тие ќе го договорат. Но политички инструирани, самонаречени водачи, ние не можеме да поддржуваме. Не сакаме да поддржуваме, да влегуваме во таков тип на процеси. Повторно ќе кажам, еден од оние коишто денеска протестираше, пред два дена со мене држеше прес-конференција во една егзалтична состојба, кажуваше дека ова е историски договор и дека ова никогаш не се случило до сега и така натаму. Но, граѓаните сами нека судат и нека ценат.“
Македонија
(Видео) Кузеска: Гласен молк на власта за најголемиот нарко-скандал во регионот
Гласен молк на власта за најголемиот нарко-скандал во регионот – заплената на 5 тони дрога во соседна Србија, која дошла од Македонија, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа додава дека и после десет дена од објавувањето на овој скандал нема одговори како 5 тони дрога, со неколку камиони, ја преминале македонската граница и кој ќе одговара?
„Молкот не е случајност туку јасен индикатор дека овој скандал води до врвот на власта и дека некој се обидува да го заташка. Затоа што е јасно, без поддршка и логистика на структури во власта, во МВР, во Царината и во други институции – ваква шверцерска операција на дрога не била возможна. Во медиумите беа објавени информации дека камионите што ја превезувале дрогата биле пломбирани. Ако е ова точно, се отвораат и нови аспекти за тоа кој се вмешан. Секоја стока што преминува преку граница мора да биде тарифирана согласно тарифни броеви. Ако на овој начин била пренесена дрогата, биле ставени други тарифни броеви што води до заклучок дека станува збор за организирана група, директно поврзана со повеќе институции“, рече Кузеска.
Според неа, ова е скандал од огромни размери, кој, како што ка, директно го разоткрива длабокиот криминал на владата предводена од ВМРО и премиерот Христијан Мицкоски.
Кузеска рече дека СДСМ бара итна, независна и транспарентна истрага за целосно расчистување на скандалот која ќе ги даде одговорите кој сѐ е вмешан и кој дозволил 5 тони дрога да поминат преку македонската граница и дали лицето Симе, кое јавноста го виде на фотографии со Мицкоски, е дел од оваа мрежа?

