Македонија
Арсовски: Дали огласите за вработување во општина Ѓорче Петров се наместени?

Општина Ѓорче Петров е општина која е предмет на силување од страна на СДСМ и градоначалникот Александар Наумовски, кој добро ѝ е познат на јавноста од своите настапи во кафеани, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски на прес-конференција.
„Според информациите кои ги добивме од загрижени граѓани, денеска сакаме да ги прашаме институциите и општината кои се нормално под водство на СДСМ, дали огласите за вработување во општина Ѓорче Петров се наместени за луѓе кои однапред се познати и избрани во штабот на СДСМ, а не според квалитетите, и дали некој ќе го спречи ова силување на општината и изигрувањето на законите?
Денеска во Агенцијата за администрација се полагањата за работните места во Општина Ѓорче Петров, а резултатите треба да стигнат наредната недела“, вели Арсовски.
„Затоа прашуваме, дали лицата кои ќе ги презентирам сега ќе бидат лицата кои ќе имаат најмногу бодови на тестирањата и ќе засноваат редовен работен однос во Општина Ѓорче Петров, односно народски познато ќе земат решенија за постојан работен однос?
Прашуваме, дали лицето Лепа Ѓорѓиевска Јакимовска, односно жена на личниот шофер на градоначалникот, ќе биде вработена како соработник за односи со јавност во општината?
Дали лицето Емилија Блажевска – ангажирана речиси 3 години во општината под договор на дело, партиски активист на СДСМ истакнат, ќе биде избрана како помлад соработник, односно асистент на градоначалникот ?
Дали лицето Игор Поповски, активист на СДСМ, ќе биде вработен како советник – урбанистички аналитичар?
Дали лицето Александра Угринска, активист на СДСМ, ќе биде вработена со решение како соработник за нормативно-правни работи од областа на урбанизмот?
Дали лицето Ѓурѓица Нелковска, партиски активист на СДСМ, ќе биде вработена како помлад соработник за одржлив развој во Општина Ѓорче Петров?
Дали лицето Марија Ѓурчиновска, партиски активист на СДСМ, ќе земе решение како соработник за поддршка за водење на постапки, подготовка на документација за јавно наддавање и администрирање на градежното земјиште во Општина Ѓорче Петров?
Дали лицето Филип Гиноски, инаку партиски активист на СДСМ, брат на поранешниот претседател на ОО СДСМ Ѓорче Петров, Александар Гиноски, ќе земе решение како соработник за документирање на градежно земјиште и водење постапки по пат на непосредна спогодба?“, праша Арсовски.
Тој истакна дека е индикативно што сите овие лица кои се партиски активисти на СДСМ, и добро познати на јавноста, односно на лицата од Ѓорче, се и први на тестирањата во Агенцијата за администрација и дека на другите учесници во тестирањето не им бил обезбеден фер и еднаков пристап, за да може еднакво да конкурираат и да бидат вработени согласно квалитетот, а не спорeд партиските заслуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предложен притвор за кичевецот кој утрово со секира си го уби таткото и тешко ја повреди мајка си

Основното јавно обвинителство Кичево поведе истражна постапка против кичевец осомничен за кривични дела убиство и обид за убиство.
„При вршење семејно насилство рано утрово, во дворот на семејната куќа во селото Србјани, осомничениот 47-годишник го лишил од живот својот татко, а се обидел да ја убие и својата мајка. При вербална расправија, со нож и секира најпрво го нападнал таткото, прободувајќи го по телото и удирајќи го со секирата по главата. Потоа и нанел убоди со нож во вратот и на неговата мајка. Од многубројните повреди оштетениот маж починал при укажување прва помош, а жената е пренесена на Ургентниот центар во Скопје во тешка состојба“, извести вечерва Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кичево вечерва достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Осомничениот беше уапсен откога самиот пријавил во Итната медицинска помош дека ги нападнал родителите.
Македонија
Невреме со град, дожд и грмотевици вечерва во Струмица: поплавени улици, паднати дрвја и делови од градот без струја

Откорнати дрвја, поплавени улици и делови од центарот без струја е билансот од невремето со град, дожд и грмежи вечерва во Струмица. За санирање на штетите на терен се јавното претпријатие „Комуналец“ и Територијалната противпожарна единица на Струмица.
Пожарникарите известија дека отстраниле паднато дрво врз автомобил на улица.
„Вечерва (недела) 11.05.2025 година, околу 20.00 часот на ул.Ванчо Китанов, ТППЕ Струмица со едно противпожарно возило и двајца пожарникари-спасители интервенираше на отстранување на паднато дрво врз автомобил. За кратко време дрвото е отстрането од улицата“, објави Противпожарната единица на Струмица.
Струмичани јавуваат дека невремето почнало пред 20 часот и за кусо време улиците биле поплавени и побелени од град.
Дијаспора
Муцунски се сретна со македонските иселеници во Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во дводневна работна посета на Кралството Шведска. Фокусот на првиот ден од посетата беше ставен на бројната македонска дијаспора – при што ја посети и присуствуваше на литургија во македонската православна црква „Св. Наум Охридски“, се сретна со претставници на дијаспората и со македонски стопанственици кои работат и инвестираат во Шведска.
„Посетата на црквата ’Св. Наум Охридски’ во Малме и средбата со македонската заедница, како прв министер за надворешни работи кој присуствувал на утринска литургија во оваа црква, беа можност за разговор за нивните иницијативи, предизвици и очекувања. Се разговараше и за владините политики насочени кон унапредување на односите со дијаспората, при што беше потврден значајниот придонес на македонската заедница во јакнењето на односите меѓу двете држави. Во шведскиот град Трелеборг, во организација на Обединетата Македонска Дијаспора, министерот Муцунски се сретна со македонски стопанственици кои успешно делуваат во Шведска. Во фокусот на средбата беа можностите за инвестирање во Република Северна Македонија, јакнењето на економската соработка и активната улога на дијаспората во економскиот развој на државата“, известија од Министерството за надворешни работи.
Утре министерот Муцунски предвидено е да има средба со министерката за надворешни работи на Шведска, Мариа Малмер Стенергрард.