Македонија
АСОМ: Примерот со Албанија ги потврди нашите апели – ограничувањето на легалните игри на среќа ја отвора вратата за игрите на црно
„Повеќегодишните апели на Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) за потребата од сеопфатна јавна дебата во Македонија за законот што ги регулира игрите на среќа бидејќи во спротивно – брзи и популистички мерки на долг рок се контрапродуктивни, се покажаа како исправни и преку примерот со Албанија“, велат од АСОМ.
„Имено, по укинувањето на легалните обложувалници и казина во 2019 година, Албанија се соочи со игри на среќа на црно и пораст на криминалот, што минатата недела доведе до изгласување на нов закон од страна на мнозинството пратеници од Парламентот во Албанија. Законот со кој се укинува забраната во Албанија, покрај сузбивање на играњето на црно, ќе придонесе за зголемување на буџетските приходи и поголема транспарентност во оваа економска гранка. Сакаме да потсетиме дека нашата дејност не поттикнува млади да играат игри на среќа, ниту пак стимулира каква било зависност. Напротив, како општествено одговорни компании, годишно вложуваме десетици илјади евра за спроведување на кампањи за едукација на играчите, а воедно 100% ги почитуваме актуелните законски норми и правила поврзани со нашата дејност, плаќаме даноци и со тоа постојано ги зголемуваме буџетските приливи“, велат оттаму.
Како што додаваат, во интерес на индустријата на игри на среќа е игрите да се играат за забава, а државата да биде единствената што ќе има контрола на овие процеси.
„Токму затоа, не сме уверени дека тоа ќе биде случајот со Законот што Владата и Собранието го туркаат, а Претседателот Стево Пендаровски не го потпиша. Како што наведува Претседателот Пендаровски во образложението на својата одлука причината зошто не го потпишал указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри е бидејќи тој е донесен во незаконска процедура – со употреба на европското знаменце, во ситуација на отсуство на суштинско „аки“ (задолжително право на ЕУ) во областите што ги опфаќа Законот и фактот дека Законот не наведува дури ни лимитирано „ЕУ аки“ што може да биде релевантно. Покрај тоа, како што наведува Пендаровски, за Законот не била спроведена широка и инклузивна дебата, на што забелешки имаше и Европската Комисија, а потврда стигна и од канцеларијата на Делегацијата на ЕУ во Македонија“, посочуваат од АСОМ и додаваат:
„Во наш заеднички интерес е да се донесе вистински европски закон и да имаме подобро решение што ќе биде конкурентно, засновано на реални аргументи и факти, а истовремено ќе ги заштити и нашите вработени и малолетниците. Ние сме индустрија која е одлично регулирана во моментов, односно актуелниот закон ги опфаќа сите сегменти на контрола на игрите на среќа од надлежните институции, меѓутоа како експерти од фелата, ние приредувачите на игри на среќа кои чиниме 95% од пазарот, сме подготвени да работиме заедно со институциите сè додека не се дојде до вистинското законско решение. Секторот игри на среќа во земјава вработува околу 10 илјади лица, а индиректно помага 54 илјади други работни места. Секоја година во државниот буџет од игри на среќа се слеваат над 280 милиони евра по однос на сите давачки со кои се задолжени приредувачите на игри на среќа. Покрај силен импулс за економијата, индустријата на игри на среќа во Македонија има свој влог и во развој на заедницата. 3% од приходите од оваа економска гранка се вложуваат во Агенцијата за млади и спорт, односно повеќе од 1 милион евра како директна инвестиција во спортот. Затоа, уште еднаш го повикуваме Собранието, сите политички партии и сите пратеници да не го гласаат законот во трето читање и да остават простор за отворање на вистинска широка дебата за подобрување на законската рамка за оваа дејност“, додаваат тие.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

