Македонија
АХВ и полицијата во Паланечко: биле спречени во инспекцискиот надзор на три одгледувалишта за говеда
Официјални ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со полициски службеници од ОВР Крива Паланка, утрово, во кривопаланечкото село Жидилово, спроведоа вонреден инспекциски надзор во три одгледувалишта за говеда и направија нов обид за одземање на животни од видот говеда, поради сторен прекршок согласно одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните.
Со надзорот е утврдено дека сопствениците на говедата не постапиле согласно добиените известувања од 05.03.2025, година со кое биле задолжени во ограден простор, во период од 05.03.2025 до 14.03.2025 година да ги обезбедат животните, заради спроведување на увид во однос на идентификација на животните и нивниот здравствен статус за болестите туберкулоза и бруцелоза кај говедата, а со цел спроведување на извршните решенија за одземање на говедата од трите одгледувалишта од 17.04.2024 година.
Како и во неколкуте обиди за одземање на животните досега, сопствениците на говедата од трите одгледувалишта, денес и едно непознато лице, ги спречиле официјалните ветеринари и полициските службеници во спроведувањето на вонредниот инспекциски надзор, растерувајќи ги десеттината говеда кои се наоѓале во близина на една од шталите, со што е оневозможено нивното идентификување и проверка на здравствениот статус, а со тоа и спроведувањето на решенијата за одземање на животните.
„Против трите одгледувачи на говеда, кои во моментов во Ветеринарно информативниот систем на Агенција за храна и ветеринарство имаат пријавено 486 говеда (состојба 13.03.2025 година) од сите категории, претставки со наводи за уништување на имоти и посеви од говедата кои се движат без никаков надзор низ селото и планината, до АХВ се поднесени уште во 2023 година. Лани, поединци, со една претставка и триесеттина сопственици на имоти во близина на селото, како и Општина Крива Паланка до која се обратиле жители од ова село, до АХВ биле поднесени 6, а годинава 4 претставки против овие одгледувачи на говеда, чија бројка поради немарност и негрижа на сопствениците и нивното неконтролирано размножување, сега по проценка на официјалните ветеринари изнесува над 600 животни кои неконтролирано се движат, не само во близина на селото, туку и во градот Крива Паланка и по сообраќајниците, магистралните патишта, предизвикувајќи сообраќајни незгоди, информираат од агенцијата“.
Појаснуваат дека решенијата за одземање на животните донесени се во 2024 година по спроведени вонредни инспекциски надзори во трите регистрирани одгледувалишта во Ветеринарно информативниот систем на АХВ, каде во неколку наврати од страна на официјалните ветеринари, не се најдени животни во одгледувалиштата, утврдени се недоследности во однос на евидентирањето на употребата на ветеринарно медицински препарати, како и необезбедување на заштита и благосостојба на животните, неспречување на нанесување на непотребна болка и страдање или повреда и необезбедување на соодветни услови за животните, кои место под надзор, слободно се движат низ селото и околината.
Поради овие утврдени недоследности, потврдени и од страна на Комисијата за одлучување по прекршок при Агенцијата за храна и ветеринарство, минатата година донесени се решенија за одземање на животните од трите одгледувалишта.
Постапката за одземање на животните ќе продолжи, со наложување и на други мерки, а за обезбедување на говедата и спроведување на решението за нивно одземање, поради несоработката со сопствениците и недостапноста на теренот, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе побара соработка и од други институции, вклучително и од АРМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

