Македонија
АХВ: Одгледувачите на овци и кози да ги засилат мерките за заштита од чума кај малите преживари
Агенцијата за храна и ветеринарство ја следи состојбата со болеста Чума кај малите преживари (Peste des Pestitis Ruminants) која е потврдена во регионов.
Со цел зачувување на статус земја слободна од болеста, извоз на живи животни, месо од овци и кози и нивни производи во Европската Унија и заштита од внесување на вирусот на болеста на сила се решенијата за забрана на увоз и транзит на живи животни (домашни и диви овци и кози) и производи и нус производи од животинско потекло од регионите каде е потврдена болеста во Република Романија и во Република Грција, кои АХВ ги донесе во јули годинава веднаш по потврдувањето на болеста во посочените региони во овие земји.
„Како одговорна институција и за здравствената заштита на животните, по потврдувањето на болеста и во регионот, АХВ ги извести Ветеринарната комора, ветеринарните друштва, одгледувачите на животни и официјалните ветеринари за нивните обврски во однос на спроведување на активности за рано откривање на болеста чума кај мали преживари. Упатен е апел одгледувачите веднаш да пријават до ветеринарните друштва и официјалните ветеринари доколку забележат појава на симптоми на болеста, дури и кај едно животно,при што ни едно од животните не смее да го напушти одгледувалиштето. Од таму не смее да се изнесуваат животните, производи од животинско потекло, опрема, измет и ѓубре“, велат од АХВ.
Во случај на сомнеж или потврда на болеста ќе се применуваат мерките од Планот за итни мерки и оперативниот прирачник за чума кај малите преживари кои Агенцијата ги подготви и донесе уште во 2018 година. Со Планот и оперативниот прирачник се уредуваат постапките и активностите кои треба да се спроведат и применуваат согласно Законот за ветеринарно здравство и Одлуката за планови за итни мерки кај животните. Со овие документи, како што додаваат од АХВ, се овозможува ефикасно и ефективно спроведување на мерките за заштита и контрола на приемчивата популација животни – овци и кози, како и брза проценка за ограничување или отстранување на ризикот за внес и ширење на вирусот.
На ветеринарните друштва им се препорачува да го зголемат нивото на претпазливост и веднаш да пријават до официјалниот ветеринар доколку забележат некои од симптомите на оваа болест, или угинување на животни од видовите овци и кози.
Болеста чума кај малите преживари претставува вирусно заболување кај козите и овците, предизвикано од morbilli вирус од фамилијата парамиксовируси и предизвикува големи економски штети. Заразувањето (морбидитетот) на приемчивите животни може да биде од 90 до 100%, а стапката на смртност (морталитет) се движи помеѓу 50 и 100% и е особено изразен кај подмладокот.
Светската организација за здравје на животните (WOAH- OIE) и ФАО болеста ја класифицираат меѓу високо заразните прекугранични болести со сериозни општествено-економски реперкусии. Погодувајќи го ситниот добиток, козите и овците, се гледа како на болест од јавен интерес што го попречува развојот на сточарството на локално и национално ниво и ја загрозува безбедноста на храната и егзистенцијата на семејставата кои одгледуваат овци и кози.
Луѓето не се приемчиви на вирусот и нема опаснот по нивното здравје.
Болеста чума кај малите преживари е една од најзаразните болести кај малите преживари која исто така може да ги зафати и некои диви мали преживари.
Инфекцијата обично се случува преку директен контакт меѓу приемчивите и заразени животни. Во раните фази на инфекцијата, кога животните имаат покачена телесна температура, сите телесни секрети и екскрети се високо контаминирани. Преносот на болеста преку воздух е брз кај соседни стада.
Излачувањето на вирусот започнува за време на инкубацискиот период, пред појавата на првите клинички знаци и може да трае до над 2 месеци по закрепнувањето. Овие периоди на „тивко“ присуство на вирусот, без видливи клинички знаци, го зголемуваат ризикот од ширење на болеста на други мали преживари, како домашни така и диви. Контаминација е исто така можна преку внесување на заразена храна или вода поради што е потребно спроведување на засилени биосигурносни мерки на одгледувалиштата за овци и кози и на пасиштата.
АХВ одржа координативен состанок со експерти од областа на кој се разгледа епидемиолошката состојба во земјава и во регионот. Донесени беа заклучоци за преземање на засилени безбедносни мерки за спречување на внес и ширење на болеста во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Мицкоски ако јас сум кума на хаосот, ти си гробарот на јавниот превоз, реагира Арсовска
„Реформата на јавниот сообраќај која ја споменуваш “патриоту” Мицкоски, ти ја вети заедно со мене пред скопјани, ти ја саботираш таа реформа, ти го колабираш со своите полтрони советници јавниот превоз“, реагира градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Мицкоски, ти не гласаш за нови автобуси затоа што побарав сите партии во советот на Град Скопје да се вклучат во избор на спецификација и услови за набавка, ама така ти “патриоту” Мицкоски нема да можеш да преговараш со производители на автобуси како што правеше на почетокот на мандатот кога за тебе бев најдобриот менаџер во Европа.
Ајде „патриоту“ Мицкоски одлучи се, или сум јас најдобриог менаџер во Европа кој ТИ со твоите мицковистички полтрони во советот го саботираш, или сум најлошиот градоначалник кој е ТВОЈ избор, градоначалник кој ТИ го молеше да го поддржиш на избори бидејќи твоите кандидати не ти се допаѓаа и не ти биле доволно градски луѓе.
„Патриоту“ Мицкоски, се што разбра јавноста за тебе во овие изминати години е дека не може да ти се верува, исто како за враќање на името на Македонија, исто како за уставобранителите, исто како и за набавката за нафта за ЈСП која преку твојата директорка Богева ја поништи, за да креираш криза од која сега ќе не спасуваш!“, се додава во реакцијата на Данела Арсовска.
Скопје
Герасимовски: Реконструкцијата на „Елисие Поповски“ обезбедува современа и функционална инфраструктура
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, направи увид во работните активности за реконструкција на улицата „Елисие Поповски“ во населбата Капиштец. Во тек е почетната фаза на асфалтирање. Поставен е првиот слој асфалт, наместени се бетонските рабници, а тротоарите ќе бидат поплочани со павер елементи и делумно проширени.
„Станува збор за фреквентна улица која подолг период беше во лоша состојба. Со реконструкцијата ќе обезбедиме квалитетна и безбедна инфраструктура, а ќе се зголеми и сигурноста за сите учесници во сообраќајот. Ги замолувам граѓаните за трпение, бидејќи градежните работи секогаш носат одредени предизвици, но конечниот резултат ќе биде функционална и модерна улица,“ истакна Герасимовски.
Потегот што се реконструира е долг 700 метри и се протега од Клиничкиот центар до Заводот за рехабилитација. Втората фаза започнува наредната недела, кога ќе следи финално асфалтирање и завршно уредување на површината.
Проектот се очекува да биде завршен до крајот на годината, со што „Елисие Поповски“ ќе добие современ изглед и подобрена функционалност. За реконструкцијата се издвоени 13 милиони денари од општинскиот буџет.
До крајот на годинава, Општина Центар ќе започне со реконструкција на улиците Алберт Ајнштајн, Донбас и Андон Дуков.
Македонија
Јаловите напади на ВМРО-ДПМНЕ се доказ за нивната нервоза и страв од промените во СДСМ, вели опозициската партија
„Обидите на ДПМНЕ да ги прикаже новите кадри на СДСМ како „стари и потрошени“ се ништо друго освен јалов напад кој го одразува нивниот страв од вистинските промени што се случуваат во СДСМ. Со ваквата реторика, владејачката партија уште еднаш покажува дека е неспособна да понуди решенија за проблемите на граѓаните, па се фокусира на празни и безсодржајни критики кон опозицијата“, реагира СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Изборот на новото раководство на СДСМ е доказ за освежување, нова енергија и силна визија за иднината. Станува збор за професионалци со интегритет, кои немаат политички багаж и кои ја претставуваат модерната социјалдемократија. Нападите на ДПМНЕ само ја потврдуваат нивната нервоза пред овој силен и решителен чекор на СДСМ да ги постави темелите за ново, посилно политичко делување.
Ваквите напади се безуспешен обид да се дискредитира еден демократски и транспарентен процес, со кој СДСМ избра раководство подготвено да ги врати партиските вредности и довербата на граѓаните. Наместо да се занимаваат со сопствените скандали, неуспеси и неспособност за управување со државата, ПМНЕ се обидува да манипулира со јавноста преку излитени и невистинити тврдења.
СДСМ ќе продолжи да гради нова и прогресивна партија која ќе биде блиску до своите членови, симпатизери и граѓаните, без разлика на очајните обиди на ДПМНЕ да го наруши овој процес. Граѓаните веќе ја препознаваат разликата: додека СДСМ се менува и работи за иднината, ВМРО-ДПМНЕ останува заглавена во старите шаблони на манипулација и деструктивност“, се додава во реакцијата на СДСМ.