Македонија
АХВ: Од антракс се угинати неколку животни во Кичевско, но заболени луѓе нема

Денешната прес-конференција на Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, беше со цел за собирање на ситни политички поени преку злоупотреба на народот и непотребно кревање на паника, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од каде ја уверуваат јавноста дека заболени луѓе од антракс нема.
„Болеста за која денес ВМРО-ДПМНЕ непотребно создава паника не е новост во нашата земја и за неа согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните се врши превентивна вакцинација во дистриктите (места каде се преземаат посебни мерки за сузбивање и искоренување на оваа болест со задолжителна вакцинација на животните во наредните 20 години)“, појаснуваат од Агенцијата.
Од таму информираат за случај во селото Долно Строгомиште, Кичевско, за кој како што велат, навреме се преземени сите потребни мерки за справување со болеста.
„Угинатите животни под надзор на официјален ветеринар се спалени и нештетно отстранети, во фармата е извршено темелно чистење и дезинфекција. Донесена е и забрана за влез и излез на животни од и во одгледувалиштето“, се наведува во соопштението.
Засега болеста е детектирана кај животни од едно одгледувалиште, а соседните одгледувалишта се ставени под надзор на официјален ветеринар.
„Нови случаи на појава на болеста кај добитокот нема. Одржан е итен соостанок на Комисијата за заразни болсети при Министерството за здравство, спроведено е и епидемиолошко испитување за утврдување на можниот извор на заразата, а се врши и едукација на населението од ова населено место“, истакнуваат од АХВ од каде додаваат дека во Долно Строгомиште наредена е мерка за вакцинација кај добитокот против болеста антракс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Невреме во Неготино – паднати дрвја, бандери, поплавени дуќани и автомобили

Големото невреме кое денеска го зафати Неготино зад себе остави паднати дрвја, бандери, поплавени дуќани и автомобили.
Силниот ветер носел покриви од куќи, а паднатите дрвја го блокирале патот Дуброво-Војшанци.
Невремето траело кратко но предизвикало големи материјални штети на тамошните жители.
Македонија
Ковачевски од Бигорски: Маврово и Ростуше е сплотено во поддршката за Медат Куртовски

Со посета на манастирот св. Јован Бигорски, каде претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски се сретна со епископот Партениј, започна агендата на претседателот во општина Маврово и Ростуше.
Претседателот Ковачевски истакна дека граѓаните на Маврово и Ростуше се сплотени во поддршката за кандидатот за градоначалник, Медат Куртовски и СДСМ затоа што знаат дека токму тие се гарант дека развојот на општината ќе продолжи со несмален интензитет.
„Кандидатот на СДСМ, Куртовски во својата досегашна работа се истакна со реализација на над 60 проекти за што се инвестирани блиску 32 милиони евра. Со Куртовски, Маврово и Ростuше добива нов лик, и токму затоа граѓаните се обединети, со силна поддршка за СДСМ и кандидатот за градоначалник Куртовски.“ порача Ковачевски.
При денешната посета, претседателот Ковачевски ќе се сретне и со жителите на Требиште, Велебрдо, Ростуше и Јанче.
Македонија
МЗШВ: Од први септември започнува ловот на дивите свињи како една од мерките во борбата против болеста Африканска свинска чума

Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска донесе решение за одобрување на ловење на дивеч под заштита. Со ова решение започнува итна максимална депопулација на дивите свињи според акционен план дефиниран помеѓу МЗШВ и АХВ. Ловната сезона започнува на 1. септември на сите ловиштата на територија на државата освен во ловиштата во општините Македонска Каменица, Виница, Кочани и Делчево.
Одобрувањето на почеток на лов на диви свињи е една од мерките за спречување на ширењето на болеста Африканска свинска чума, која сериозно го загрозува свињарскиот сектор. Ваквата одлука беше донесена врз основа на координативните состаноци помеѓу министерството, АХВ и сите релевантни страни засегнати од опасноста од ширење на оваа болест.
Согласно Законот за ловство, дивечот е во државна сопственост и како добро од општ интерес на државата ужива посебна заштита и подлежи на законски мерки во случај на појава и ширење на заразни болести.
Концесионерите на дивечот во ловиштата, управувачите со државните ловишта ЈУ „Национални паркови“ и ЈП„Национални шуми“ – Скопје како привремени управувачи на ловиштата без концесионер, потребно е да го прилагодат своето работење согласно одредбата од донесеното Решение за одобрување на лов.
Концесионерите на дивеч во ловиштата се должни ловот да го организираат во присуство на ловочувар, инспектор за ловство и доктор по ветеринарна медицина, а застеланиот дивеч по завршувањето на ловот да се складира на одредено место обележано од страна на Концесионерите на дивечот во ловиштата. Исто така, се задолжуваат Концесионерите и управувачите со државни ловишта во рок од 5 дена да определат ловни денови за засилен отстрел на диви свињи и да ги превземат сите мерки пред почетокот на ловот кој согласно денешното Решение ќе започне на 01. септември.
МЗШВ континуирано ја следи состојбата со болеста Африканска свинска чума и во координација со АХВ и другите институции превзема навремени мерки. На иницијатива на министерот Николовски беше предложено итно формирање на Координативно тело како една од мерките за мониторинг и спречување на болеста Африканска свинска чума. Ова Координативно тело активно ќе ја следи состојбата и ќе дава идни препораки за потреба од превземање на дополнителни мерки.