Македонија
АХВ: Скопската зоолошка ќе биде затворена три недели, потврден е птичји грип
По угинување на една гуска лоцирана во езерцето во Зоолошка градина Скопје и поставен сомнеж за болеста Авијарна инфлуенца (Птичји грип), по лабораториско тестирање на угинатата птица, со лабораториски резултат од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, од 18.10.2024 година, потврден случај на присуство на виосокопатоген сој на вирусот на Птичји грип H5N1.
Во текот на денешниот ден, од страна на надлежен официјален ветеринар спроведен е надзор во Зоолошката градина и наредени се мерки за надзор на болеста, а извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на следните видови птици: 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата.
Наредени се мерки согласно Законот за ветеринарно здравство и Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста Авијарна инфлуенца.
Забранет е влез и излез на животни од зоолошката градина,ограничено е движењето на луѓе (посетители) во зоолошката градина, наредени се мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во зоолошката градина за присуство на вирусот на Птичји грип, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел сузбивање на болеста и спречување на нејзино ширења надвор од зоолошката градина кај животните и кај луѓето.
Мерките ќе бидат на сила 21 ден почнувајќи од денес за кој временски период и зоолошката градина ќе биде затворена за посетители.
Последните случаи на појава на високопатогена авијарна инфлуенца беа во 2022 година, во населените места Градец, Лески и Виница, место Селце во општина Штип и во близина на Злокуќани, општина Карпош.
Авијарната инфлуенца или птички грип е болест предизвикана од вирусот на грип/инфлуенца тип „A“ од фамилијата Orthomyxiviridae, која може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија и ограничувања во увозот и извозот на живи птици и производи од живина. Дивите птици се познати како резервоари за вируси на птичји грип, главно од ниско патогени соеви затоа на глобално ниво се спроведуваат мерки за надзор, следење, појава и карактеристика на вируси на птичји грип кај дивите птици иако поголемото мнозинство на овие вируси не предизвикува болест.
Високопатогените соеви вирусот се патогени за живината, но како зооноза болеста може да се пренесе и на луѓето. Досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе иако е повеќе години во циркулација во земјите од ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу-Сала: Постојат можности за продлабочување на соработката со Република Албанија во областа на здравството
Министерот за здравство, Азир Алиу во рамки на работната посета на Република Албанија оствари средба со министерката за здравство и социјална заштита на Албанија, Евис Сала, на која беше реафирмирана успешната билатерална соработка меѓу двете земји и можностите за понатамошно нејзино продлабочување во областа на здравството.
– Со Република Албанија имаме воспоставено успешна соработка, а со министерката Сала заеднички се залагаме за продлабочување на соработката во повеќе сегменти на здравствениот систем. Лично сметам дека размената на знаења и искуства меѓу медицинскиот кадар од двете земји придонесува кон целокупно унапредување на здравствената заштита. Воедно, ја информирав министерката за нашата заложба за јакнење на човечките ресурси и проактивно планирање на кадровските капацитети, со посебен акцент на унапредување на системот за специјализации и супспецијализации, во согласност со потребите на граѓаните, истакна Алиу.
На работната средба на министрите Алиу и Сала стана збор и за дигитализацијата, како еден од клучните двигатели на развојот на здравствените системи во регионот.
Македонија
(Видео) Левица со најава дека ќе достави докази до ДКСК за Томовски и фирмата „Сити Аутсорсинг”
Бидејќи директорот на СОЗР Ивица Томовски одбива да одговори дали управителот на компанијата „Сити Аутсорсинг” е негов личен пријател, Левица ќе достави фотографии до Антикорупциската комисија, која отвори предмет за овој случај, соопштија од партијата.
„Во оваа компанија која добила 5 милиони евра државни пари во тендери, како управител е заведено лице кое има бројни заеднички фотографии токму со Томовски, што ја потврдува поврзаноста на директорот на СОЗР. Заедничките фотографии ја отвораат дилемата дали управителот само формално фигурира во оваа компанија, која претходно беше во сопственост на семејството на Томовски?!
Потсетуваме дека името на компанијата „Сити Аутсорсинг” претходно гласеше „Сити Логистик”. Како „Сити Логистик”, компанијата добила тендери од 60.000 евра со потпис на Мицкоски, кога тој беше директор на ЕЛЕМ. Јавното обвинителство мора да отвори истрага како фирма каде управител бил Томовски, а Мицкоски делел тендери – сега добива 5 милиони евра државни пари?!“.
Левица, нагласуваат од оваа партија ќе ги достави сите докази кои ги поседува за оваа контроверзна компанија, која очигледно, како што оценуваат, е параван за испумпување на државни пари за Мицкоски и неговите блиски соработници.
„За Левица е скандалозно што ОЈО не отвора ниту една постапка за компаниите каде се инволвирани соработниците на премиерот, што укажува дека апсолутистичкиот режим на ДПМНЕ целосно го има заробено правосудниот систем за да нема одговорност за нивните криминали“.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Стари кадри од времето на Заев обременети од претходните функции, Филипче ги претставува како нови лица во раководството на СДС
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДС продолжува да тоне се подлабоко.
Наместо промени, нови лица и свеж кадар, на раководни позиции, СДС, додаваат од владејачката партија, повторно стави стари и излитени лица уште од времето на Зоран Заев.
„Венко Филипче најави таканаречена „Нова сила“, а всушност врати стари лица на Заев, со кој ја приватизираа и на крај ја раскрчмија СДС.
Старите кадри претставени како ново раководство на СДС, Заев му ги напиша, а Филипче само ги изгласа.
Во нивното т.н. ново раководство влезе Филип Андов кој е поранешен директорот на затворот Шутка со активна кривична пријава за злоупотреба на службена должност, како и Јон Фрчковски кој беше фатен и призна дека на своето работно место консумира наркотични средства, а наместо осуда од СДС доби унапредување.
Тука е и поранешна директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Рената Младеновска која и досегашен член на ИО на СДС, па Драган Крајовски, претседател на ОО на СДС во Битола во времето на Ковачевски а директор на затворот „Црн мост“ во времето на Зоран Заев и член на ЦО на партијата, а за претседавач Филипче го избра Герасим Лазов.
Следниот е Дејан Николовски, кој беше вработен во кабинетот на Заев, задолжен за странските инвестиции и досегашен претседавач на ЦО, како и Андреј Жерновски, неуспешен и скандалозен дипломат, неуспешен градоначалник и градежник кој за функција прелета од ЛДП во СДС на Заев, кого јавноста не го памети по ништо добро, туку само по ширење на паника дека ќе се урне стадионот кој Скопје ден денес го користи.
Агрон Демири, поранешен советник во секторот за ЕУ и меѓународна соработка, па во Одделението за правни услуги во АД ЕСМ, коносител, односно втор на листата во шеста изборна единица на минатогодишните парламентарни избори кога СДС го претрпе најголемиот пораз а тој не успеа да пратеничко место.
Организацискиот секретар, Љупчо Фармаковски, наречен Фосил, државен советник во МВР и во влада уште од времето на Хари Костов, кој до ден денес му е главен координатор за човечки ресурси во Комерцијална Банка. Во 2008 година беше претседател на Националната комисија за интегрирано гранично управување, а и до сега ја извршуваше истава партиска функција.
Да не ја заборавиме и Јована Тренчевска, поранешна министерка за труд и социјална политика во владите на Заев, на работа го врати директорот на меѓуопштински Центар за социјална работа во Радовиш, Александар Филев од СДС, откако беше разрешен затоа што беше фатен во трговија со дрога.
Тренчевска лани се повлече од функцијата како Претседателка на форумот на жени, при што на социјалните мрежи пишуваше дека е време во СДС да приклучат нови лица блиски до народот на кои им се верува, неизвалкани од бремето на претходните функции“.
А Филипче, според ВМРО-ДПМНЕ, избра спротивно на ова, сите до еден стари кадри, со што се потврдува нашата, како што велат, и на цела јавност констатација, СДС продолжува да тоне, наместо да направи суштински структурни и кадровски промени.
Според нив, ова е убедливо најлошиот состав на СДС кој Филипче и Заев го избрале, што на следни избори и 100 илјади гласа ќе им бидат недостижни.

