Македонија
АХВ со совети како да се приготвува храната во домовите

Во услови кога поради воведените мерки од Владата за справување со вирусот Ковид-19, поголемиот дел од граѓаните се дома и подготвуваат храна во домашни услови, Агенцијата за храна и ветеринарство потсетува на „5-те клучеви до побезбедна храна“.
1.Внимавајте на чистотата
Мијте ги рацете пред земање на храната и во текот на нејзината подготовка. Мијте ги рацете по одење во тоалет. Одржувајте ги чисти сите површини и опремата што ја користите за подготовка на храната. Заштитете го просторот на кујната и самата храна од инсекти, штетници и други животни.
Зошто?
Повеќето од микроорганизмите не предизвикуваат болести, но опасните микроорганизми може да се најдат на различни места – во почвата, водата, на животните и луѓето. Тие се пренесуваат преку рацете, кујнските крпи и садови, особено преку штиците за сечење и со најмал допир може да се пренесат на храната и да предизвикаат заболување што се пренесува преку храна.
2.Одвојте го сировото од зготвеното
Одвојте го сировото месо, месото од живина, риба и морските плодови од другата храна. Садовите и приборот како што се ножевите и штиците за сечење и обработка на суровата храна, не користете ги за термички обработената храна. Чувајте ја храната во одвоени садови за да се избегне контактот на суровата со обработената храна.
Зошто?
Сировата храна, посебно месото, месото од живина, рибата и морските плодови, може да содржат опасни микроорганизми кои со текот на подготовката и чувањето може да се пренесат на храната.
3.Темелно згответе ја храната
Храната гответе ја темелно, особено месото, месото од живина, рибата и морските плодови. Супите и гулашите оставете ги да провријат за да бидете сигурни дека е постигната температура од 70 степени Целзиусови. При печење на месото и месото од живина, сокот не смее да биде розов туку треба да е бистар.
Се препорачува да се употребува термометар за мерење на температурата на месото. При подгрејување, храната темелно загрејте ја.
Зошто?
Правилното готвење ги уништува речиси сите микроорганизми. Истражувањата покажале дека со готвење на храната на 70 степени Целзиусови можеме сосема да бидеме сигурни дека храната е безбедна за консумирање.
4.Храната чувајте ја на пропишаната температура
Не оставајте ја зготвената храна на собна температура подолго од 2 часа. Целата зготвена и лесно расиплива храна во колку што е можно покус рок, оладете ја (на температура под 5 степени Целзиусови). Пред послужување зготвената храна добро подгрејте ја (над 65 степени Целзиусови). Дури ни во ладилник не треба да ја чувате храната подолго време.
Зошто?
Микроорганизмите може многу брзо да се размножуваат доколку храната се чува на собна температура. Со чување на храната на температура пониска од 5 степени Целзиусови и обработка на повисока од 60 степени Целзиусови, размножувањето на микроорганизмите е значително забавено или целосно запрено. Сепак, некои микроорганизми се размножуваат дури и при температура под 5 степени Целзиусови.
5.Користете исправна вода и свежи намирници
Користете само здравствено исправна вода. Изберете само свежи намирници и избегнувајте ги оние за кои се сомневате дека се здравствено неисправни. Изберете ја храната која претходно е термички обработена ако таа го намалува ризикот од труење, а не влијае значително на хранливите својства ( пастеризирано млеко).
Измијте ги овошјето и зеленчукот пред консумирање во свежа состојба. Не употребувајте храна со поминат рок на траење.
Зошто?
Сировите намирници, вклучувајќи ги и водата и мразот, може да бидат контаминирани со опасни микроорганизми и хемикалии. Отровни соединенија може да се создадат во оштетена и мувлосана храна. Со поголемо внимание при изборот на сировите прехранбени намирници, како и со едноставните мерки- миење и лупење, може значително да се намали потенцијалниот ризик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.