Македонија
Ахмети го обвини Мицскоски дека не го почитува легитимитетот на гласачите Албанци
Демократската унија за интеграција денеска во Тетово почна седница на Генералниот совет свикана од партискиот претседател Али Ахмети. Актуелните политички случувања во државата е темата на Советот, за што свое излагање имаше Ахмети.
Лидерот на ДУИ ги повтори обвинувањата кон ВМРО – ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски дека не го почитувале легитимитетот на гласачите Албанци.
„Ставот на ВМРО, не го оспоруваме, нивниот легитимитет. Ние го оспоруваме и ќе го демонстрираме нашето незадоволство и револт поврзано со нивната неправедна одлука во насока на непочитување на легитимитетот кој е постигнат од страна на ДУИ и Европскиот фронт. Оваа Влада нема легитимитет, нема етнички легитимитет. Ние ќе ја направиме нашата работа за да објасниме пред јавноста македонската и албанската јавност, дека оваа држава има иднина и перспектива само почитувајќи ги слободниот глас, легитимноста и ние сме победиле на овие избори“, рече Ахмети.
Според Ахмети, решенијата на Мицкоски не биле праведни и рече дека државата нема издржани политики со соседите, како со Грците, така со Бугарите.
„Ние сме биле многу отворени и искрени, промена на Уставот е неопходна, бидејќи сите граѓани добиваме од тоа во насока на забрзување на нашиот пат кон ЕУ. Секој застој во оваа насока ќе има превисока цена, како што сме ја платиле таа цена со грчката страна, може да платиме висока цена и со бугарска страна. Но, тука цената може да биде уште повисока, споредувајќи со таа со грчката страна. Бројот на граѓани со бугарско државјанство расте секој ден. Можно е пакетот за членство во ЕУ, ако ние не ги направиме неопходните чекори, тој пакет и да биде изменет, Албанија да ги отвори преговори за членство во ЕУ, а ние да останеме назад и Албанија да стане членка, а ние држава со два народа кои имаат две различни државјанства. Со бугарско и со албанско државјанство, затоа овие пресметки треба долго да се размислат пред да се зборува и да се делува“, рече Ахмети.
Од ДУИ информираа дека по завршување на седницата на Генералниот совет, заклучоците преку соопштение ќе ги достават до јавноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

