Македонија
Ахмети загрижен дека против ДУИ се создава „хибриден политичко-економски центар“, па го собрал раководството на партијата

Највисокиот партиски орган на ДУИ – Генералниот совет одржал состанок на која се разговарало за актуелната политичка состојба во државата, но и во партијата откако членови на ДУИ се соочија со скандали во низа.
Претседателот на партијата, Али Ахмети кој претседавал со Советот, изразил загриженост од како што се наведува во соопштението, „создавање на хибриден политичко-економски центар против ДУИ“.
Во партиското соопштение не се елаборира што сакал со ова да каже Ахмети, но наведуваат дека Ахмети ја повторил посветеноста на партијата кон демократските принципи и нејзината решеност да продолжи да работи во насока на унапредување на системските вредности и стандарди во Северна Македонија.
Ахмети и Генералниот совет, како што се наведува во соопштението, го осудуваат и нападот врз првиот вицепремиер Артан Груби, карактеризирајќи го палењето на возилото кое официјално се води на име на сосед на Груби – како напад врз ДУИ.
Генералниот совет на ДУИ донел и одлука за како што велат, зајакнување на раководството на партијата. Оттука за нов потпретседател на ДУИ бил назначен Бујар Османи како континуирано посветен член на партијата. Собранието назначило и тројца нови членови на претседателството на местото на „Огнената група“ кои ја напуштија ДУИ. Новоименувани членови се Беким Незири, Илир Хасани и Арта Билали.
На состанокот се разговарало и за европската перспектива и уставните измени, информираат од ДУИ.
Партискиот состанок на ДУИ доаѓа по низа скандали и потреси во и околу партијата. Имено, пред неколку дена доскорешниот функционер на ДУИ Изет Меџити ја напушти партијата и почна активности за формирање нова партија. На Меџити му се приклучија пратениците Мерита Коџаџику и Кастриот Реџепи, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, како и поранешниот заменик-министер за одбрана Башким Хасани.
Претходно, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко кој е високопозициониран член на ДУИ беше ставен на американската црна листа поради висока корупција и влијанија врз судството.
Истовремено, во јавноста силно одекнаа брзото напредување на двата внука на Али Ахмети – Бесијан, кој за нецели два месеца напредуваше во МНР до советник во амбасадата во Брисел, и помладиот Дрин, кој на само 23-годишна возраст го купи трговскиот центар „Соравија“ за непозната сума пари.
Завчера вечерта, пак, беше запален автомобил на вицепремиерот и висок партиски функционер на ДУИ, Артан Груби за кој Груби вели дека е на неговиот сосед но ОЈО денеска отвори истрага и побара од Антикорупциска информација дали има промени во имотнот список на Груби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Без вода делови од Гази Баба и Кисела Вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Михаил и Евтихиј бр. 33 во населба Кисела Вода, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Михаил и Евтихиј. ( општина Кисела Вода).
Од таму со соопштение дека поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. 30 во населба Трубарево, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населба Трубарево. ( општина Гази Баба ).