Македонија
Ахмети му напиша писмо и на Мицкоски: „Секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало последици“

Демократска унија за интеграција (ДУИ) информира дека претседателот на партијата, Али Ахмети, упатил официјално писмо до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со одлуките на Уставниот суд.
Од ДУИ велат дека писмото е одговор на сериозните предизвици со кои се соочува Северна Македонија во еден исклучително чувствителен геополитички момент кога секоја нова тензија, како што велат, може да има негативни последици врз меѓуетничките односи и внатрешниот развој.
ДУИ апелира до политичките партии и институции за поголема одговорност и зрелост поттикнувајќи решенија што ќе ги зајакнат соработката и заедништвото, а не поделбите. Од партијата велат дека писмото на Ахмети претставува повик за соработка, заемна почит и конструктивен дијалог.
„Ви се обраќам во исклучително чувствителен период за нашата земја. Геополитичката состојба е поопасна од кога било од крајот на минатиот век, со ескалацијата на руската агресија во Украина, амбициите на Кина, сложената ситуација на Западен Балкан, нестабилноста во Босна и Херцеговина, тензиите меѓу Косово и Србија, како и континуираните блокади од страна на Бугарија. Во оваа комплицирана средина секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост“, се вели во писмото.
Се додава дека последните одлуки на Уставниот суд се извршување на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците.
Ахмети вчера испрати писмо и до претседателот и премиерот на Република Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама, петседателката и премиерот на Република Косово, Вјоса Османи и Албин Курти, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, канцеларот на Германија, Олаф Шолц, претседателот на Франција, Емануел Макрон, и до државниот секретар на САД, Ентони Блинкен. Во писмата Ахмети им пиша дека Охридскиот договор е загрозен и повика на заедничка акција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Министерството за локална самоуправа со швајцарска поддршка набави ИТ опрема за Центрите за развој на планските региони

Во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ – 2 фаза, Министерството за локална самоуправа успешно спроведе постапка за набавка на ИТ опрема за сите осум Центри за развој на планските региони. Овој проект, поддржан од Владата на Швајцарија, претставува значајна инвестиција во подобрување на капацитетите на Центрите и нивната способност да обезбедат поефикасен и поквалитетен сервис за граѓаните.
Во Министерството за локална самоуправа, денеска симболично беше извршено примопредавање на опремата, при што директорите на Центрите едногласно истакнаа дека таа значително ќе им помогне во обезбедување на побрз и поефикасен пристап до информации, како и голема поддршка во напорите за одржлив развој во сите региони низ земјава.
Набавената опрема, која вклучува преносни и персонални компјутери, монитори, мултифункционални принтери и NAS системи е целосно приспособена на потребите на Центрите за развој на планските региони. Вкупната вредност на оваа донација изнесува 1.295.500,00 МКД и ќе има директно позитивно влијание на работењето на овие институции.
Воспоставувањето на силни и добро опремени центри претставува основа за продолжен раст и развој, кој ќе ги подобри условите за живот на сите граѓани, а посебно на оние во помалку развиените региони, велат од министерството.
Македонија
(Видео) Филипче: Ако се обединиме на патот кон ЕУ, нема пречка која нема да ја совладаме

Патот кон Европската унија трае предолго, но не смее да се откажеме, мораме да се обединиме бидејќи кога сме заедно ги обединуваме сите капацитети и нема пречка што не можеме да ја совладаме, оцени денеска Венко Филипче, претседателот на СДСМ на дебатата на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции за придобивките од Реформската агенда 2024 – 2027.
Тој во своето обраќање на отворањето на дебатата истакна дека Македонија дала премногу жртви без поголем резултат на патот кон Унијата но не смее да се откаже затоа што не постои никој друг извор на средства кој вложува повеќе во човечкиот капитал и најмногу тоа се гледа кај соседите кои напредуваат во преговорите.
„Сметам дека премногу долго трае нашиот пат кон ЕУ сме дале многу жртви не сме виделе многу голем резултат. Причините сите ги знаеме меѓутоа се поставува прашањето треба ли сега да се откажеме. Не постои никој друг извор на средства ниту заем којшто ќе вложи во клучната работа, а тоа е човечкиот капитал и само така ќе видиме видливи резултати кога ќе инвестираме во отворена економија, во економија којашто е базирана на знаење. Се поставува прашањето што треба да направиме. Мислам дека треба да се направи споредба. Треба да се направи споредба со некои земји коишто се приклучија во ЕУ како тие имаат пристап до сериозно големи фондови тоа се европските фондови за развој, како нивните земји практично се менуваа, пред нивните очи а и ние ги гледаме тоа се земји соседи Бугарија, понатаму Романија, Хрватска итн“, рече Филипче.
Притоа Филипче потенцираше патот кон ЕУ мора да се води заедно и обединети затоа што тоа е единствениот клуч како да се избориме против пречките кои се испречуваат при патот во евроинтеграциите.
„Време е да гледаме низ една друга перспектива да влеземе да работиме и да се бориме што и да е на масата каква и пречка да е пред нас исправена мораме да се обединиме поради тоа што кога сме заедно ги обединуваме сите капацитети. Нема пречка што не можеме да ја совладаме поради тоа што најлошото сценарио е сите овие проблеми да едноставно да ги ставиме на страна и да ги оставиме да ги решаваат следните генерации поради тоа што тоа никој нас нема да ни го прости“, рече Филипче на дебатата за придобивките од Реформската агенда.
Македонија
Тошковски да не ги штити неговите началници, за трагедијата во Кочани мора да има одговорност, велат од СДСМ

Изминуваат 37 дена од трагедијата во Кочани, а наместо вистинска правда и одговорност сведоци сме на селективна истрага и молк за одговорноста на актуелните функционери од ДПМНЕ и началниците кои ги има поставено Тошковски, истакнуваат од СДСМ.
Како е можно истрагата целосно да ги игнорира службениците, началниците, раководителите на различни позиции во СВР Штип и ОВР Кочани кои на 16 март 2025 година – на денот на пожарот – имале директна одговорност да спречат трагедија, но тоа не го направиле, прашуваат од опозициската партија.
„Седум командири, началници и заменик-командири на полицијата имале јасни законски надлежности, за безбедноста на просторот, за присуството на малолетници, за употреба на пиротехничките средства.
Полицијата присуствувала во објектот, видела малолетници, видела пиротехника, видела поголем број присутни а не презела ништо.
Ако тие постапеле, трагедијата ќе можела да биде спречена. Животи ќе беа спасени.
Се поставуваат прашањата:
-Зошто началничката на ОВР Кочани, Марија Цветковска Маневска, не е дел од истрагата, иако лично била надлежна за безбедноста во Кочани?
-Зошто не е опфатен началникот на крим-полицијата во Кочани, Томо Донев?
-Зошто Сашо Тасев, началникот на СВР Штип, како и раководителите на крим полицијата во Штип не се опфатени со истргата?
Дали ова не е намерна заштита на кадрите што ги именувал Тошковски“.
Истрагата, како што напоменуваат, не смее да биде политичка операција на прикривање и спасување кадри на ДПМНЕ и затоа Тошковски треба да поднесе оставка а истрагата да се прошири со актуелни функционери кои на денот на трагедијата биле на позиции.
Според СДСМ, болката на семејствата не смее да се дозволи да биде поголема со селективна правда, тоа е неправда.
СДСМ, додаваат од таму, ќе продолжи да се бори за целосна и правична истрага – без заштита на актуелни функционери. Мора да им одговорност, мора да има правда за Кочани.