Македонија
Бачев: Заев го има под свое и буџетот од 3 милијарди евра, се плашам оти ќе ги однесе на чување дома и девизните резерви

Претседателот на Единствена Македонија во изјава за јавноста се осврна на најновиот предлог, Заев покрај премиер да биде и министер за финансии.
„Слушнав дека Зоран Заев се назначил и за министер за финансии со што го става под своја лична контрола и буџетот од 3 милијарди евра. Заев веќе нема насип во бесмилосниот грабеж. Заев кој е купен и контролиран од странски центар избриша се што е македонско и сега на раат го пљачка народот, оти ужива заштита на украденото од своите странски газди од НАТО кои не ги интересира грабежот туку сакаат само марионети кој верно им служат. Заев вели ќе раководел со финансиите бидејќи оваа 2019 година била економска година за повеќе пари за граѓаните. Напротив, 2019 е година за повеќе пари за Заев и фамилијата. 2019 ќе биде година кога Заев и фамилијата стануваат главни дилери на дрога што ќе им донесе 100 милиони евра профит заедно со другите бизниси. Ова го призна и самиот Заев на последниот ТВ дуел со Христијан Мицковски кога кажа дека фирмите на Заев плаќаат по десетина милиони евра данок годишно, што според даночните стапки значи дека остварува годишна добивка од 100 милиони евра”, вели Бачев.
Според него, ,,народот останува со прст во уста со романтичарските изјави на Заев дека Македонија отвори светла страница и економски напредок, се доближува до НАТО и ЕУ од каде ќе се истурат милијарди евра во Македонија и сите ќе бидат среќни и весели и слични романтичарски изјави на Заев оти на народот му треба и по малку романтика”.
,,Заев сега ќе го има под лична контрола и буџетот од 3 милијарди евра. Се плашам дека прашање на време е кога Заев ќе донесе одлука да му се доделат на чување кај него дома и државните девизни резерви.Македонскиот народ и поголем дел од државјаните во новата легална власт на Единствена Македонија која доаѓа ја гледаат единствената надеж. Единствена Македонија кажува директно и јасно – ние сме во политиката да ги бркаме бандитите и да направиме ревизија и одземање на стекнатото од позиција на власт во изминатите 30 години. Македонија е нашата татковина, Македонија е нашиот дом, ветувам дека онака како што се бориме за нашите домови ќе се бориме и против криминалците“, истакна Бачев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.