Македонија
Без струја делови на Аеродром, Сопиште, Ѓорче Петров и Чучер Сандево

Од „ЕВН Македонија“ информираат дека се планирани технички зафати во електросистемот на град Скопје и без електрична енергија ќе останат делови на Аеродром, Сопиште, Ѓорче Петров и Чучер Сандево.
Во периодот од 8.30 до 13.30 часот, без струја ќе бидат корисниците од улицата Тодор Чангов – подуличките од 40 нагоре (општина Аеродром), од 8.30 до 16 часот корисниците од дел од с. Нова Брезница под чешмата (општина Сопиште), од 9 до 14 часот корисниците од дел од с. Орман (општина Ѓорче Петров) и во периодот од 9 до 12 часот корисниците од дел од с. Бразда, ул. 1, бр. 23 (општина Чучер-Сандево).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обезбедени 170 милиони денари субвенции за инвертер клими за ранливите категории, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажува и докажува вистинска грижа за сите категории на граѓани. Таа грижа посебно се истакнува кај граѓаните од ранливите категории. Секој македонски граѓанин заслужува еднаков третман од државата и покомотни и достоинствени услови за живеење“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Врз основа на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година, објавен е оглас за поддршка на домаќинства кои спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија.
Огласот предвидува субвенции за инвертер клима уреди за граѓани од ранливи категории кој ќе трае 60 дена и за таа цел од Владата се обезбедени 170 милиони денари.
Станува збор за клима уреди од класата А+ со инсталирана моќност од 3,5 киловати, кој ќе биде вграден директно во домот.
Нема веќе принцип „прв дојден-прв услужен“, клима уредите ќе се набавуваат преку јавна и транспарентна тендерска постапка и истите ќе се поделат според месечните приходи на домаќинствата, од најниски до највисоки се до исцрпување на средствата.
Тоа е гаранција дека уредите ќе ги добијат оние на кои им се најнеопходни и на овој начин ќе се придонесеме семејствата од ранливите категории да имаат поголем комфор во својот дом како во летото, така и во зимата.
А, од друга страна, со оваа мерка се интервенира и во делот на заштитата на животната средина и намалување на загадувањето, посебно во периодот на грејната сезона кога граѓаните ги затоплуваат своите домови.
Освен субвенциите за инвертер клими, за ранливите категории Владата обезбеди и финансиска поддршка за потрошена електрична енергија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Филипче да одговори дали јахтата на која плови со Заев е купена со пари од државни тендери“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„На лицемерието на СДС му нема крај. Додека на прес-конференции и преку соопштенија глумат загрижени за стандардот на граѓаните, нивниот сегашен и поранешен претседател, крстарат со луксузна јахта низ Егејското море“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Цела македонска јавност ги виде сликите од Венко Филипче и Зоран Заев како безгрижно, раскомотени со скапи пијалаци и луксузна (како што впрочем и тие ја нарекоа) храна, тераат ќефови на сред Егејско.
После приватната журка со Харис Џиновиќ во Дубаи, дуото Заев и Филипче своето уживање во луксуз го покажаа со јахтата во Грција, кој ретко кој бизнисмен, не само од Македонија, туку и од регионот може да си го дозволи.
Таков луксуз не може да се постигне со чиновничка плата, макар тоа премиерска, министерска, пратеничка, ниту пак со докторска.
Затоа прашуваме и очекуваме одговори, дали јахтата со која пловат Филипче и Заев е на Заев од марката Рива и истата чини 850 илјади евра?
На која фирма ја регистрирал и дали за нејзиното купување се употребени пари од државни тендери?
И додека СДС глумат душегрижништво за стандардот и платите во државата, Филипче и Заев за неколку часа пловење со луксузната јахта, само за гориво трошат една просечна плата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ДУИ: И во спортот дискриминација и етничко исклучување со алармантни размери

„Демократската унија за интеграција изразува длабока индигнација и силно противење на новиот состав на Олимпискиот комитет на Северна Македонија, каде што Албанците се речиси целосно исклучени од раководните и одлучувачките структури“, велат од ДУИ.
„Од вкупно 117 членови, само 4 се Албанци, шокантен показател за дискриминаторски пристап што е неприфатлив за една мултиетничка и европска држава.
Уште поалармантна е целосната отсутност на Албанците во клучните органи:
• Управен одбор: 0 Албанци од 11 членови.
• Олимписки совет: 0 Албанци од 11 членови.
• Спортски арбитражен суд (САС): 0 Албанци.
• Комисија за етика: 0 Албанци.
• Комисија на спортисти: само 1 Албанец од 6 членови.
• Комисија за маркетинг: само 1 Албанец од 6 членови.
• Спортска дирекција: само 1 Албанец од 5 членови.
• Собрание на ОКСМ: само 1 Албанец од 25 членови со право на глас.
Во поголемиот дел од останатите комисии: правна, дисциплинска, родова застапеност, параолимписки игри, наука и спорт, антидопинг, финансии, е-спорт, надзорен одбор и комитет за дијаспора, застапеноста на Албанците е нула.
Ова не е само пропуст, туку јасна слика на исклучувачки менталитет што е спротивен на духот на Охридскиот договор, на принципите на еднаквост и на стандардите на демократските држави. Спортот треба да обединува, а не да разделува; да гради мостови, а не етнички бариери.
ДУИ бара итно преиспитување на овој состав и обезбедување на пропорционална застапеност на Албанците на сите нивоа на Олимпискиот комитет. Секоја одложување или избегнување претставува удар врз еднаквите права и опасен чекор наназад за меѓуетничката стабилност во земјата.
ДУИ останува решителна да ја брани еднаквоста и духот на Охридскиот договор, во секоја институција и во секоја област на животот – вклучувајќи го и спортот“, се наведува во соопштението на ДУИ.