Македонија
Без струја делови на Бутел и Центар
Поради технички зафати во дистрибутивната електромрежа, денеска без електрична енергија ќе останат следните корисници:
– од 9 до 12 часот дел од с. Горно Оризари (општина Бутел);
– од 9 до 14 часот објектите на ЈП „Паркови и зеленило“ и Кајакарскиот клуб во Градскиот парк (општина Центар).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Катаклизма е комплимент за она што вие го оставивте како влада во енергетскиот сектор“, му одговори Мицкоски на Филипче
„Ќе ве потсетам, август 2017 година нула долгови, 25 милиони евра депозити, милијарда и пол денари и некаде приближно 380 милиони денари на сметката на тогашната АД ЕЛЕМ и нула долгови, исплатени плати, приближно дата на пресек 7-8 август 2017. Во 2024 во август 7 % состојба на акумулации на електрична енергија, нула откривка во РЕК Битола, нула откриен јаглен, на депонија околу 20-30 илјади тони, неремонтирани блокови во Битола, неремонтирани во Осломеј, една катаклизмична состојба и долгови од 150 милиони евра. Јас не знам како се оперира глава срце итн., но знам кого да прашам. Другпат кога ќе ви ги постават овие прашања и кога ќе ве носат повторно во длабоко, бидејќи не е ова ваша тема, барем прашајте некој којшто ги разбира овие работи, затоа што тоа што вие го оставивте како влада во енергетскиот сектор, катаклизма е комплимент, но затоа оставивте позади себе десетици-стотици милионери, политички профитери и лешинари коишто се талогот на општеството“.
Вака одговори премиерот Христијан Мицкоски на пратеничкото прашање на Венко Филипче за тоа зошто не е направено ништо за зајакнување на енергетскиот сектор и производството на струја и зошто сега мора да има поскапување на цената на струјата.
Што се однесува на поскапувањето на струјата Мицкоски го упати Филипче да го праша новиот член на раководството на СДСМ кој е брат на претседателот на РКЕ, кое пак е независно тело.
„Зошто поскапување на струјата? Ова прашање господине Филипче можеби најдобро ќе ви го одговори новиот член на вашиот Извршен комитет, господинот Бислимоски којшто е брат на претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски. РКЕ по закон, по Устав е независно тело. Не знам зошто мене ми го поставувате ова прашање. Претпоставувам треба да му го поставите на Марко Бислимоски чијшто брат сега ви е соработник во Извршниот комитет или како и да ви се вика Одбор на СДСМ и се надевам дека тој ќе ви даде попрецизен одговор од мене. А зошто ја манипулиравте јавноста со поскапување над 5%, над 10%, па не излезе толку, излезе 2 запирка нешто проценти претпоставувам дека тие исто така можат да ви дадат одговор“, потенцираше Мицкоски.
Што се однесува на обвинувањето на Филипче дека ништо не се направило за година ипол во енергетскиот сектор и дека истиот се уништува, Мицкоски го потсети Филипче дека 50 луѓе се под истрага или се водат судски процеси за уништување на тоа што било оставено од поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ, а поранешниот директор на ЕСМ и висок функционер на СДСМ е во бегство.
„Е сега околу енергетските капацитети. Изминативе година ипол повеќе од 50 луѓе коишто го уништувале тоа коешто е оставено од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, односно од времето кога јас бев директор на тогашното ЕЛЕМ се или под истрага или се водат судски процеси, а поранешниот директор, висок поранешен функционер на СДСМ е во бегство. Ако е невин, ако е чесен ќе дојде тука и ќе се соочи со органите, ќе даде исказ и ќе каже зошто е така. Е сега дали можеби кога зборите за енергетските капацитети мислите и на компании коишто во минатото добиваа ексклузивно право да увезуваат јаглен и за тоа одредени јавни личности и политичари беа наградувани со скапи џипови коишто ги возеа со полномоштво на такви фирми и се префрлаа средства во соседството. Дали на тоа мислите кога зборите за уништување на енергетскиот систем или мислите за уништување на енергетскиот систем кога се купуваа хемикалии и останати средства коишто не се потребни за да се делат провизии за високи поранешни функционери од редовите на СДСМ во Вардарскиот Регион во Пелагонискиот Регион итн“, нагласи Мицкоски.
Македонија
Интензивни контроли и мерења на прекумерната бучава, високи казни за непочитување на законските норми, најави општина Аеродром
Општина Аеродром започнува со интензивни контроли и мерења на прекумерната бучава, со цел заштита на здравјето, мирот и квалитетот на живеење на граѓаните.
Согласно со член 9 од Законот за заштита од бучава во животната средина, забрането е емитирање бучава над пропишаните гранични вредности. Во станбените објекти, во вечерниот период од 19:00 до 23:00 часот, дозволеното ниво на бучава не смее да надмине 35 dBA, а во ноќниот период од 23:00 до 07:00 часот, дозволеното ниво на бучава не смее да надмине 30 dBA, извести Општината.
Овластените инспектори за животна средина на Општина Аеродром ќе спроведуваат интензивни и континуирани контроли, со посебен фокус на угостителските и туристичките објекти, со цел доследно почитување на законските одредби.
За непочитување на законските норми предвидени се високи санкции, и тоа:
· глоба од 6.000 до 7.000 евра (во денарска противвредност) за микро трговци,
· од 13.000 до 14.000 евра за мали трговци,
· од 37.000 до 41.000 евра за средни трговци,
· од 62.000 до 69.000 евра за големи трговци,
· како и глоба од 2.000 евра за трговец поединец.
Глобите се изрекуваат доколку нивото на бучава при вршење на угостителска или туристичка дејност ги надминува пропишаните гранични вредности.
Општина Аеродром упатува апел до граѓаните, доколку се изложени на прекумерна бучава, случаите веднаш да ги пријават на електронската адреса: [email protected]
– Со заедничка одговорност и почитување на законите, Општина Аеродром продолжува да работи на обезбедување мирна, уредна и здрава животна средина за сите граѓани, додаваат од Општина Аеродром.
Македонија
Мицкоски: Груби побара да се избрише балансерот и за тоа ДУИ им должи извинување на граѓаните Албанци
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна граѓаните треба да ја знаат вистината дека владата на ДУИ и СДСМ каде прв вицепремиерот беше Артан Груби препорача да се укине балансерот и за тоа ДУИ им должи извинување пред сè на граѓаните Албанци, а Законот за правична застапеност кој го изготви оваа влада доби позитивна препорака од Венецијанска комисија, а одлуките на комисијата се спроведуваат согласно методологијата за пристапување кон ЕУ.
„Не е точно и не е вистина дека со доаѓањето на оваа Влада е избришан инструментот балансер, вистината е дека Владата во која беше ДУИ, а потпретседател или прв потпретседател Артан Груби, на седница донесе одлука во којашто го брише и дава мислење дека треба да се избрише инструментот балансер. Истото тоа понатаму е содржано во скрининг извештајот на Европската Унија, тоа е вистината и треба сите граѓани во целата државата без разлика на етничката припадност да ја знаат вистината, бидејќи заслужуваат да ја знаат вистината“, потенцираше премиерот Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање од пратеничката Рина Ајдари од ДУИ.
Премиерот Мицкоски нагласи дека за Законот за правична застапеност, Венецијанска комисија даде позитивна препорака за овој закон, а одлуките на Венецијанска комисија според новата методологија на пристапување и преговарање по кластери, а побарана од страна на Франција се одлуки кои не се коментираат туку се спроведуваат, затоа што се дел од пристапниот процес кон Европската Унија.
„Од една страна зборуваме за ЕУ, за членство во ЕУ, за полноправно членство, а од друга страна велите дека законот бил ваков или таков. Да ви помогнам, Венецијанска комисија има дадено позитивна препорака за усвојување на овој закон. Дали тој вас ви се допаѓа или не, јас нема да навлегувам во таа дискусија со која ќе овозможам да вие добивате вештачко дишење како политичка опција за да опстоите на политичката сцена бидејќи доживеавте дебакл не така одамна со овие пораки, и тогаш сè тоа ви изгледаше смешно и саркастично, но гласачите си го кажаа своето на изборите и откако го кажаа тоа наместо да извлечете поука, вие континуирано продолжувате така да се однесувате, мислејќи дека на тој начин ќе привлечете внимание и од гласачите и од јавноста. Нема да навлегувам во етнички поделби бидејќи не е тоа дел од мојот карактер, сум го кажал тоа многу пати и ќе повторам, како претседател на влада јас сум на сите граѓани без разлика на политичка, етничка или верска поделба и така ќе продолжам да се однесувам бидејќи тоа ми е важно“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски посочи дека изнесувањето невистини од страна на пратениците на ДУИ од собраниската говорница нема да им донесе политички поени, туку ќе им одземе, но чесно и доблесно ќе беше да излезат и да кажат и се извинат за тоа дека владата во која ДУИ беше партнер со СДСМ е таа која препорача да се избрише балансерот, додека за време на истата влада се избрани судиите од Уставен кои донесоа одлука да се укине балансерот.

