Македонија
Без струја улици во Карпош и Старата скопска чаршија
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, соопшти дека поради планирани зафати во електро-дистрибутивната мрежа на ден 26.07.2024 година (петок), без напојување со електрична енергија ќе останат:
• од 06:00 до 09:00 часот, корисниците од ул. Самарџиска во Старата Скопска Чаршија.( Општина Чаир)
• од 08:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Атинска, Борка Талески и Рузвелтова. (Општина Карпош)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Во соработка со МВР расчистена е депонија во објект вселен од бездомници во Буњаковец
По налог на Општина Центар, расчистен е напуштениот објект на улица „Владимир Полежиновски“, зад ТЦ Буњаковец, во кој со месеци диво биле вселени бездомни лица и зависници. Акцијата е спроведена со асистенција на МВР, а по пријава на станарите од околните згради. Бездомниците се иселени, а руинираната куќа, претворена во депонија со смет и токсичен отпад, е исчистена и оградена со лимени табли за да се спречи повторно влегување на овие лица. На акцијата присуствуваше и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Жителите му се пожалија дека стравуваат за личната безбедност, но и за своето здравје поради ситуацијата во соседниот објект, кој е потенцијален извор на зарази.
„Инспекторите на Општина Центар и полицијата денеска одлично си ја завршија работата и мислам дека веќе нема место за загриженост. На сопствениците им наложивме да си го средат и исчистат објектот, а ние го расчистивме околниот јавен простор. Сопственикот го загради и влезот на куќата со цел да нема нови упади“, истакна Герасимовски во разговор со граѓаните.
Градоначалникот посочи дека ваквите пропаднати и напуштени куќи, во кои се собираат бездомници и се прават мини депонии не се само грда слика во центарот на градот, туку претставуваат и вистинска опасност за сите жители во околината.
Затоа ги замолуваме сопствениците да бидат совесни, а соседите навремено да пријавуваат за да можеме да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
Одлуката на Уставниот суд за „балансерот“ е избрзана, не ни требаат тензични состојби, оценува Таравари
Според министерот за здравствo Арбен Таравари, одлуката на Уставниот суд за „балансерот“ е избрзана.
„Уставниот суд, за жал, се судии кои што се избрани и иако судиите треба да бидат неутрални. Меѓутоа, мислам дека не ни требаат вакви тензични состојби во овој период. Напротив, ние и така имавме договор со ВМРО-ДПМНЕ пред да почне коалицијата дека треба да се договориме за Законот за правична застапеност на сите заедници и потоа „балансерот“, вели Таравари, одговарајќи на новинарски прашања по потпишување на договорот за грант меѓу Јапонскатa амбасада и УК за детски болести.
Како што нагласи се избрзало со целиот процес.
„Некој можеби сакаше да се зборува за ова и да се дефокусира од другите побитни теми“, оцени Таравари.
Додаде дека „балансерот“ како што рече, „беше добра алатка, меѓутоа во последно време беше доста злоупотребена“.
„Во албанските општини се пишуваа како Македонци, за да се вработат Албанци, а генерално во државната централна администрација повеќе Македонци се пишуваа како Роми, Турци, Албанци за да бидат примени на работа.
И тоа, веќе беше алатка што се злоупотребуваше на големо. Мораме да најдеме решение за да сите категории на луѓе бидат застапени во државната администрација“, потенцира Таравари.
Македонија
Ковачев: Ќе бараме ВМРО-ДПМНЕ да ја исклучат од Европската Народна Партија
Ја информиравме Европската народна партија за однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и ќе побараме да се иницира процедура за исклучување на таа партија од ЕНП, изјавил за БНТ европратеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев.
„Мислам дека тие (ВМРО-ДПМНЕ – н.з.) на секој начин докажуваат дека сакаат да бидат со Фидес, партијата на Орбан. Тоа си е нивна желба и тие многу се оддалечуваат од вредностите на ЕНП и европската демократија“, оценил Ковачев.
Коментирајќи ги изјавите на македонскиот вицепремиер Александар Николоски за отсуството на македонско знаме на средбата Радев-Сиљановска, бугарскиот европратеник изразил увереност дека зборовите на Николоски биле координирани со Мицкоски, пренесува „Дојче Веле“.
„Се покажува јасна желба на сегашното раководство на Република Северна Македонија да не продолжи по патот на европската интеграција. Си бараат некаков изговор пред нивната јавност зошто тоа не може да се случи, а изговорот е, се разбира, со оцрнување на Бугарија“, оценил европратеникот.
Според него, Бугарија не дала повод за таква провокација, напротив се однесувала „исклучително цивилизирано и европски”.
„Тие (РСМ) апсолутно го погазуваат Договорот за добрососедство. Тој е одобрен од парламентите во двете земји и во него е запишано дека Северна Македонија и Бугарија имаат заедничка историја и тоа не може да се фалсификува“, изјавил Ковачев.
Според него, Бугарија не ја користела темата за изборна кампања.
„Тие се обидуваат да нѐ провоцираат, за да може земјата (Бугарија- н.з.) да биде виновник, а тие да си тргнат натаму каде што тргнале со Вучиќ и Орбан, кон Кина и Русија. Тоа е геополитичката приказна“, критикувал Ковачев.
Иако во изјавите на бугарските политичари доминираат слични наративи за наводно скршнување на РСМ од европскиот пат, одредени постапки откриваат дека ги загрижува крикот на Скопје против оптоварувањата на интеграцискиот пат со билатерални прашања, пишува „Дојче Веле“.
Пред два дена беше закажана седница на собраниската Комисија за политики за Бугарите во странство, на која прва точка на дневниот ред била сослушување на амбасадорката на Италија во Бугарија, во врска со посетата на италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани на РСМ, пред десет дена. Тој пред доаѓањето во Скопје изјави дека Северна Македонија е клучен партнер во обезбедувањето просперитетна иднина и стабилност за целиот регион на Западен Балкан.
Мицкоски на вчерашниот работен ручек организиран од претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен, на кој беа присутни уште пет лидери од регионот на Западен Балкан, а потоа и средба со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, порачал дека интегрирањето во ЕУ мора да се темели на процес во кој што ќе се оценуваат постигнувањата, а не да се темели на билатерални прашања кои ќе бидат одлучувачки фактор.