Македонија
Бектеши во вторник ќе ги зголемува замрзнатите цени, поскапел увозот
Ќе поскапат некои од производите со замрзнати цени оти поскапел увозот. Министерот за економија, Крешник Бектеши, најави дека во вторник следната недела ќе има корекции на некои од цените по утврдувањето дека увозниците пријавиле поскапи цени во Царинската управа.
„Колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Ако има намалување на цените што се прикажани во Царинската управа, процентуално на тоа намалување ќе се намали и цената на тој производ. Ако е иста, ќе остане иста. Генерално, нашиот увоз е од Грција, Турција, Албанија и од Србија и повикувајќи се на новите цени што се пријавуваат во Царинската управа, следниот вторник Владата ќе ги ревидира замрзнатите цени. Кај одредени производи ќе има многу мало зголемување како највисока цена на овие производи, но никако нема да има во малопродажба цени како пред десетина дена кога се движеа околу 130-140 денари, па отидоа и до 150 и погоре. Цена на овошјето и зеленчукот за производите што беа наведени во одлуката нема да има поголема од 100 денари за што дополнително ќе ја информираме јавноста“, рече министерот Бектеши.
Во понеделникот оваа недела Владата донесе одлука со која свежите домати не може да се продаваат за повеќе од 70 денари, свежите краставици не може да се продаваат повеќе од 75 денари, кромидот не може да се продава повеќе од 60 денари, карфиолот не може да се продава повеќе од 7о денари, зелените пиперки не може да се продаваат повеќе од 90 денари, гравот не може да се продава повеќе од 75 денари, леќата не може да се продава повеќе од 110 денари, бананите не повеќе од 75 денари, портокалите не повеќе од 55 денари, мандарините не повеќе од 60 денари и лимоните не повеќе од 55 денари. Некои од овие производи ќе имаат нови цени поради новите увозни цени пријавени во Царинската управа иако во одлуката стоеше дека цените треба да останат до крајот на месецот. Веќе на почетокот на следниот месец се очекува домашното производство на пазарот, кое треба дополнително да ги намали цените на производите.
Министерот Бектеши потсети дека податоците што ги има Министерството за економија за фиктивни фактури за увоз на овошје и зеленчук ќе ги достави до сите надлежни институции, но и дека ќе ги објави за да ги поттикне институциите да постапуваат. Министерот обвини дека многумина од големите увозници едни фактури пријавувале во Царинската управа, а други со помали цени имало во компаниите каде што плаќаат. Побара надлежните институции да истражат и нагласи дека казната за затајување данок над 10.000 евра е кривично дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

