Македонија
Белград би можел да обезбеди и дополнително сместување на повредените од Кочани, ако има потреба

Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград утринава изјави дека е достапна за евентуално дополнително сместување на повредените во пожарот во Кочани, доколку има потреба.
„И за оваа задача што ја извршивме сите мои колеги доброволно се пријавија, доброволно учествуваа во транспортот, кој е еден од најтешките видови транспорт на овие пациенти, па доколку има потреба, стоиме на располагање и тука сме повторно да им помогнеме на луѓето во Северна Македонија“, изјави потполковник Рондовиќ за РТС.
Тој додаде дека 30 пациенти повредени во пожарот се на лекување во Србија, од кои 12 се лекуваат во военото здравство, а другите во цивилниот здравствен систем.
„Станува збор за изгореници предизвикани од ефектите на висока топлина и повреди од вдишување, кои преовладуваат кај поголемиот дел од повредените во оваа трагедија бидејќи биле затворени во запалениот простор и изложени на висока топлина“, рече Рондовиќ.
Тој додаде дека е тешко да се предвиди времето на оздравување на пациентите, но дека нивното закрепнување, доколку нема компликации, може да се очекува најмалку за една-две недели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
OJO: Поднесено обвинение за тешката сообраќајна несреќа со смртни последици на „Партизанска“

По целосно спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.
Во рок од два месеци од трагичниот настан, надлежниот јавен обвинител ги прибра сите докази и вештачења кои укажуваат дека обвинетиот го сторил ова најтешко дело против безбедноста во сообраќајот за кое е запретена максимална затворска казна до 20 години.
Согласно доказите, на 29 јануари, 15 минути пред полноќ, обвинетиот, без воопшто да поседува возачка дозвола, управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственост на неговиот татко.
Не се придржувал кон прописите и со тоа свесно го довел во опасност животот на луѓето. Автомобилот го управувал под дејство на алкохол, односно со 0.80 промили алкохол во крв, но и со брзина на движење од 91 km/h што е речиси двојно поголема од дозволената.
Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата меѓу булеварот “Партизански одреди” и улицата “29-ти Ноември“ продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот кој сигнализирал забрана за минување и со предниот лев дел од возилото кое го управувал удрил во телото на пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на обележан пешачки премин и зелено светло за пешаци.
Од силата на ударот, оштетената се издигнала во воздух и удрила во семафор, поставен на разделното пешачко стојалиште, па се здобила со тешки телесни повреди од кои починала на лице место.
Во конкретниот случај постојат околности што го оправдуваат стравот на опасност од бегство и основан страв дека ќе го повтори кривичното дело. Дополнително, имајќи ја предвид возраста на обвинетиот, објектот на заштита, сериозноста и тежината на кривичното дело и другите факти, јавниот обвинител процени дека се уште опстојуваат законските основи поради кои на обвинетиот му беше определена мерка притвор, па од Судот побара притворската мерка да биде продолжена.
Македонија
Времето до крајот на денот: променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд

Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд.
Процесите ќе бидат поинтензивни, особено во источните делови, каде што ќе бидат во форма на невреме со пообилен пороен дожд, појава на грмежи и засилен ветер.
Во Скопје променливо облачно со повремен дожд.
Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Македонија
Кривична пријава за екоцидот на Крива Река, бара ДОМ

ДОМ бара надлежните да поднесат кривична пријава за загадувањето на Крива река.
„Согласно изнесените информации од страна на Градоначалникот, добиени од резултатите од акредитираната лабораторија за загадувањето на Крива река, го повикуваме да покрене кривична пријава до обвинителство за кривично дело екоцид по чл.218-б од КЗ“, велат од ДОМ.
Како што појаснуваат, согласно кривичниот закон ваквото загадување на животната средина претставува тешко кривично дело против природата и животната средина каде се предвидени затворски казни над 10 години за одговорните лица во правното лице.
Владата, апелираат од ДОМ, треба да размисли какви кадри поставува на одговорни функции, кои треба да превенираат идни хаварии.