Македонија
Беса може да го условува спроведувањето на уставните измени во Собранието
Пратеникот Фадил Зендели, дел од крилото на Беса со кое предводи Биљал Касами, вели дека во процесот на уставните измени тие ќе поднесат свои амандмани за унапредување на правата на Албанците. Тој вели дека според дебатата за нивните амандмани, ќе одлучат дали ќе поддржат усвојување на амандманите поврзани со договорот со Грција.
„Како политичка партија навестивме дека ќе бидеме дел од процесот за донесување на уставните измени, а ќе интервенираме со уставни амандмани за унапредување на правата на Албанците. Не можеме да прифатиме, по 27 години, овие права да бидат за едни поубави времиња. Сметаме дека во овој момент се отвораат овие прашања бидејќи ги засегаат Албанците. Овие прашања треба да се решат“, вели пратеникот Зендели.
Тој вели дека прашањата за правата на Албанците, кои тие ќе бараат да се унапредат, не произлегуваат од Охридскиот рамковен договор, туку од самостојноста на Македонија.
„Како политички субјект, Беса го поддржа договорот од Преспа и бевме дел од тоа мнозинство од 80 пратеници за да се почне со постапката за уставните измени со цел да се отвори патот кон ЕУ и НАТО. Ова беше важен чекор за државата да има демократско општество“, додава Зендели.
Зендели, меѓу другото, посочи и дека еден од амандманите ќе биде употреба на албанскиот јазик на целата територија на Македонија, додека другите не се готови.
Процесот за национално помирување, кој неофицијално треба да почне в среда и e најавен од премиерот Заев, ќе го поддржи и Беса, додава тој.
„Беше и иницијативата за национално помирување. Ние сакаме да придонесме кон тоа. Но, првин сакаме да видиме во каква насока и какви елементи има тоа национално помирување. Ние би придонеле кон ова“, додава тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.
Македонија
Не е за пиење водата во тетовските села Мерово, Луковица и Седларево, како и во прилепското село Ропотово
Регионалниот центар за управување со кризи Тетово, извести дека од Центарот за јавно здравје ЈЗУ – Тетово добиле информација дека испитаните примероци на вода за пиење од селата Мерово, Луковица и Седларево (Општина Желино) не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа.
„Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водата за да може да се употребува за пиење“, велат од ЦУК.
РЦУК Битола, информира дека од Центар за јавно здравје ЈЗУ – Прилеп е докажана здравствена микробиолошка неисправност на водата за пиење од регионалниот водовод (Општина Долнени) во с. Ропотово и во основното училиште на с. Ропотово.
Македонија
Се’ уште забранета водата за пиење во Струмица
Изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила, соопшти Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) по резулатите од анализираните мостри земени на 18 октомври годинава во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект – фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица.
Од АХВ информираа дека кај сите мостри претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности, но микробиолошки, четири од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата.
Целта на контролата беше увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД Комуналец од Струмица во однос на спроведувањето добра производствена и добра хигиенска пракса, како и други технички зафати во водоснабдителниот систем.
Во рамки на надзорот, земени се 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец Струмица и тоа: една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.