Македонија
Беќаровски за пациентите на Токсикологија: Млади страдалници раскажуваат како мирисот на изгорено човечко месо им ги парал ноздрите, а нам солзи ни навираат

Докторот Нико Беќаровски на неговиот „Фејсбук“ посочи дека на Универзитетската клиника за токсикологија хоспитализирани се дваесетина млади лица повредени од пожарот во дискотеката во Кочани кои раскажуваат низ солзи како преку нив газеле други деца, бегајќи од пламените.
„На Универзитетската клиника за токсикологија хоспитализирани се дваесетина млади страдалници од хоророт кој го доживеаа во таканаречениот кабаре бар. Од една страна среќни што сепак извлекле жива глава, задоволни што поминале со некоја полесна изгореница, сѐ уште со гареж во нивните гради“, но секој од нив има своја траорна приказна за ужасот кој го доживеале тие 10-30 минути“, посочи докторот Нико Беќаровски и додаде:
„Раскажуваат низ солзи, како преку нив газеле други деца бегајќи од пламените, како изнесувале на своите раце изгорени и јагленисени свои другари, како мирисот на изгорено човечко месо им ги парал ноздрите, како топлината им го горела ждрелото, како чучнати во вецето го чекале судниот момент и уште многу други лични трауми кои ги погодија овие прекрасни млади личности. Тие раскажуваат, нас солзите нѝ навираат“.
Истакна дека ова се дваесетина индивидуални драми, но секој од тие петстотини невини фиданки, има своја приказна своја лична траума.
„Драми кои не може да ги креира ниту Холивуд. Физичките трауми ќе зараснат или ќе остават трајни физички дефекти, но душевните трауми уште долго или доживотно ќе бидат нивен следбеник. Ноќните кошмари уште долги години ќе бидат нивен несакан ноќен придружник. ЗОШТО ??? За туѓи бели дворови, копај си црни гробови”, завршува Беќаровски.
Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, утрово извести дека првично кај нив биле хоспитализирани 18 повредени во пожарот во Кочани. Поради влошување на состојбата, четворица се префрлени во Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Директорот Чибишев не е до крај задоволен од состојбата на четворица пациенти кои се уште се на Токсикологија, оти не е целосно стабилизирана, а останатите рече дека се стабилни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ажурирана листата на контакти за поддршка на граѓаните и семејствата на повредените кои се испратени на лекување во странство

Ажурирана листата на контакти за 24/7 поддршка на граѓаните и семејствата на македонските граѓани кои се испратени на лекување во странство, објави на Фејсбук страницата министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Дежурни телефонски броеви во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се: 075/273-732 и 075/268-736.
Во продолжение се телефонските броеви на дежурните контакти во странство, каде што се наоѓаат повредени македонски граѓани на лекување.




Македонија
Над 500 граѓани на Бугарија дарувале крв за повредените од Кочани

Над 500 граѓани во Бугарија дарувале крв за повредените Кочани од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Ова го соопшти бугарскиот Црвен крст за агенцијата БТА.
Сепак, многумина се прашуваат дали собраната крв ќе биде доволна за сите повредени. Затоа, организаторите апелираат до граѓаните да продолжат со дарувањето до крајот на неделата. Инаку, секоја капка крв може да направи разлика за нечиј живот.
Крводарувањето се одржува во две клучни институции во Софија. Првата е Универзитетската болница за активно лекување и итна медицина „Н.И. Пирогов“. Втората е Националниот центар за трансфузиона хематологија. Денеска, 381 лице учествувало во акцијата за повредените Кочани. Вчера, пак, за само три часа над 120 лица дарувале крв. Од прес-службата на Црвениот крст на Бугарија соопштиле:
„Со болницата ‘Н.И. Пирогов’ и Националниот центар за трансфузиона хематологија организираме голема акција за да обезбедиме крв за младите луѓе повредени во несреќата во Кочани“.
Македонија
Пациентите примени во Анкара од денес дишат самостојно, Министертвото со информација за хоспитализираните млади луѓе по пожарот

Министерството за здравство информира дека медицинските тимови на здравствените установи и денеска се целосно ангажирани во обезбедување соодветна медицинска нега за сите пациенти.
На Клиника за пластична хирургија во моментот се хоспитализирани – 10 пациенти,
На Клиника за токсикологија – 10,
На Торакална – 4,
на трауматологија – 2,
на Детска хирургија – 4,
на КАРИЛ – 13,
На Клиника за пулмологија – 2,
Во ГОБ 8 септември -17,
Во Хируршка клиника „Св Наум Охридски“ -11
Во ОБ Штип – 2
Според информации од медицинските центри во Австрија, од шест пациенти, пет се на интензивно лекување во стабилна состојба, додека еден е префрлен на интерно одделение.
Во Литванија – четири пациенти се на интензивно лекување во стабилна состојба.
Петтемина пациенти повредени во пожарот во Кочани кои беа испратени на лекување во Анкара, Турција, од денес дишат самостојно.
Во Србија во моментот се лекуваат 30 пациенти, кои се на интензивно лекување во стабилна состојба.
Во здравствени установи во Бугарија се лекуваат 14 пациенти, од кои седум се на интензивна нега, а останатите се со помал процент на изгореници и самостојно дишат.
Во Грција се лекуваат осум пациенти, кои се стабилни во моментот.
Во текот на ноќта се очекува пациенти да бидат упатени во европски центри, за што Министерството за здравство изразува благодарност за поддршката која ни се пружа од првиот момент од нашите меѓународни партнери.