Македонија
Битиќи до Кочоска: Имам сопруга и родител сум на две деца, дали сум достоен да ви поставам пратеничко прашање

Денес во Собранието се случи срамен чин на непочитување и дискриминација изговорени од страна на министерката за финансии. Настан којшто не е само личен напад до пратеничката Петровска, туку напад и до достоинството на сите жени, мајки, работнички, борци за правда и еднаквост во ова општество, реагираше пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на собраниската седница посветена на пратенички прашања.
„Министерката за финансии си дозволи да изрази дискриминаторски став кон пратеничка, деградирајќи ја како личност и негирајќи ја нејзината способност да зборува за животот, трошоците и предизвиците на семејствата во оваа наша држава. Со зборовите: ’Не можам да ве кажам, почитувана, за да кажам почитувана, треба да ја заслужите мојата почит’-министерката директно покажа ароганција и непочитување кон институцијата парламент, во кој секој пратеник и пратеничка е избран од граѓаните и граѓанките и имаат мандат да ја изразат нивната волја.
Ова собрание, почитувана, не е приватен клуб во кој членството зависи од личните симпатии на некој министер. Ова е демократска институција во која секој има право да зборува, без да биде понижуван.
Но, министерката отиде чекор понатаму, до обидот на наметне поделба меѓу оние што се мајки и оние што според нејзиното мислење, немаат право да зборуваат за економските проблеми на семејствата.
Ако некоја жена, не е мајка, тоа не значи дека не може да зборува за економски прашања. Ако некоја жена не е министерка, тоа не значи дека не знае како изгледа реалноста во нашата драга Македонија. Министерке, во оваа држава има илјадници мајки и знаат многу добро што значи да се преживува од месец во месец и кои се борат со зголемените трошоци, кој бројат денари за да обезбедат храна, греење, училишни материјали.
Оваа држава има илјадници жени кои не се мајки, но кој работат напорно и ги чувствуваат економските последици од вашата за жал неспособна политика. И кој не заслужуваат да бидат замолчени со вашите ставови и ароганција. Ова не е прашање само на еден недоличен напад на една пратеничка, ова е прашање каков однос има Владата кон секој граѓанин кој не се вклопува во нивните лични интереси за почитуваност.
Ова е прашање на тоа за тоа дали министрите што управуваа со милијарди евра јавни пари мислат дека граѓаните и граѓанките треба да ја заслужат нивната почит или тие треба да служат на сите подеднакво.
Почитувани, не постои дијалог таму каде што постои дискриминација. Не пости почит таму каде што се понижуваат пратенички. Министерке, ова не е ваш личен простор каде можете да делите оценки за луѓето според вашата лична перцепција. Ова е собранието на Република Северна Македонија, каде ќе се борам неуморно да не се нарушува неговото достоинство со ароганција, дискриминација и понижување на било кого или која било заради нејзините различности.
Ќе не слушате, без разлика дали вие сметате дали ние заслужуваме почит или не. Почитта во оваа сала ја даваат граѓаните и граѓанките, а не министрите што денес се на функција, а утре ќе бидат само фуснота во историјата.
И затоа, министерке, јас сум Фатмир Битиќи, имам сопруга и родител сум на две деца. Ве молам, одговорете ми, дали сум достоен да ви поставам пратеничко прашање. Ова собрание не смее да бие место каде министрите делат оценки кој заслужува почит, а кој не. Почитта не е лична привилегија на еден функционер, туку вредност што треба да биде основана на секој демократски процес. Со својот изразен дискриминаторски став, министерката покажа дека на ги разбира овие принципи и затоа нема да учествувам во понатамошната комуникација со неа. Ниту ќе и поставувам пратенички прашања, иако беа подготвени две. И ова ќе остане така сè додека не се извини јавно кон навредливиот и понижувачки однос кон колешката Петровска и кон сите оние што не се вклопуваат во нејзината лична дефиниција за ’почитувана‘,“, истакна пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
Денеска максималната температура до 38 степени, од утре потопло

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.