Македонија
Битиќи: Странските инвеститори си заминуваат, Владата со хартија гаси пожар

„Доколку ги тргнеме слоевите на сложениот правен вокабулар и бирократскиот јазик на измените и дополнувањата на Законот за технолошки индустриски развојни зони, останува едноставна реалност – ова е „пожарна мерка“ за негативните трендови кои ја погодуваат индустријата и странските инвестиции, со хартија ќе се гаси пожар“, рече пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи во дискусија по однос на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони.
Битиќи посочи дека овие измени и дополнувања не со случуваат во вакуум, туку во момент кога голема странска компанија најави напуштање на една од зоните, а неколку други најавија намалување на бројот на вработени.
„Очигледно власта не знае и нема механизам како да одговори на овој предизвик. Затоа пред нас се измени и дополнувања со кои празниот простор во зоните ќе се пополнува со компании што се најблиску до нив. Не може да зборуваме за спроведување на политика што води кон економски раст, може да зборуваме само за административно решение наменето за привидно одржување на нивото на инвестициите зоните“, рече Битиќи и потсети дека бројот на вработените во индустријата во декември 2024 година е намален за 4,7% во споредба со истиот месец претходната година. Истовремено, индустриското производство е во пад од 1,4%, а извозот, кој во најголем дел се должи на странските компании во зоните, се намалил за речиси 88 милиони евра во декември споредено со месец претходно.
Според него, ова не се мали флуктуации – ова се алармантни показатели дека активностите во зоните се намалуваат, дека странските инвеститори го губат интересот и дека Владата нема одговор на кризата што веќе е во полн замав.
„Во обид да се прикаже привиден раст на активноста во индустриските зони, предлагачите на овој закон воведуваат можност за „релокација во зона“, што е механизам за пополнување на испразнет простор. Наместо привлекување нов капитал и одржливи инвестиции, компаниите што се наоѓаат до 50 километри оддалечени од ТИРЗ ќе можат да се преселат во зоните“, рече Битиќи, притоа дополнувајќи дека ограничувањето на растојанието од 50 километри како критериум за релокација е целосно произволно и во отсуство на економска логика.
Битиќи нагласи дека нема студија, нема анализа, нема објаснување зошто токму 50 километри се сметаат за оптимална граница, притоа прашувајќи дали ова значи дека компанија што е на 51 километар не може да се пресели, но онаа што е на 49 километри може? Или пак дали ова растојание е утврдено врз основа на нечии политички интереси?
„Имаме нелогичност која зборува за тоа дека ова решение е арбитрарно и изнудено“, рече Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Без вода делови од Гази Баба и Кисела Вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Михаил и Евтихиј бр. 33 во населба Кисела Вода, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Михаил и Евтихиј. ( општина Кисела Вода).
Од таму со соопштение дека поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. 30 во населба Трубарево, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населба Трубарево. ( општина Гази Баба ).