Македонија
Битола во последни подготовки за празничната магија: професионално лизгалиште како главна атракција на зимската приказна 2024
„Празниците живеат во Битола на Зимска приказна“ – фестивалот кој ја претвора Битола во празнична туристичка атракција од 20 декември до 6 јануари, велат од оваа општина.
„Битола оваа зима ќе заблеска во празничен сјај со нова и досега невидена атракција – професионално лизгалиште кое ќе биде поставено на амбиенталниот плоштад Магнолија. Оваа централна атракција ќе го означи и официјалното отворање на годинешната Зимска приказна под слоганот „Празниците живеат во Битола на Зимска приказна“, која ќе трае од 20 декември до 6 јануари“, најавуваат од таму.
Лизгалиштето ќе биде достапно за сите граѓани и посетители на градот во текот на еден цел месец, нудејќи забава и зимска магија за сите генерации. Според најавите од Општина Битола и ЈП „Паркинзи“, подготовките за поставување на оваа празнична инсталација започнуваат овој викенд. Во овој период, граѓаните се замолуваат за трпение и разбирање, бидејќи просторот околу плоштадот ќе биде привремено адаптиран за техничките подготовки и монтажата на лизгалиштето.
„Со гордост најавуваме дека Битола оваа година добива уште подобра празнична магија која ќе го привлече вниманието на граѓаните и туристите. Лизгалиштето ќе биде отворено за сите генерации, носејќи забава и незаборавни празнични моменти. Ова е само дел од искуството што го нуди Зимска приказна – фестивал кој ја надминува локалната димензија и ја промовира Битола како празнична туристичка атракција,“ изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски на заедничката прес конференција со директорот на ЈП „Паркинзи“, Зоран Михајловски.
Покрај лизгалиштето, Зимска приказна ќе понуди богата програма со празнични активности и содржини кои ќе го исполнат духот на празниците. Внимателно осмислените декорации, музиката во живо, креативните работилници и забавните програми за деца и возрасни ќе бидат само дел од магијата која ќе се случува на плоштадот Магнолија.
Посебна благодарност се упатува до битолските компании кои ја поддржаа реализацијата на Зимска приказна 2024. Нивната поддршка е клучна за креирање на овој празничен амбиент кој ги надминува границите на градот, претворајќи ја Битола во вистинска празнична туристичка дестинација, се нагласува во информацијата.
„Ги покануваме сите граѓани и посетители да бидат дел од оваа зимска магија. Од 20 декември, плоштадот Магнолија ќе биде местото каде што радоста и заедништвото ќе го исполнат секој агол. Зимска приказна не е само фестивал – тоа е приказна што ја живееме заедно,“ порачуваат организаторите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

