Македонија
Битола учи од Стокхолм како да се справува со отпадот
Во рамките на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво”, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, претставници на општинската администрација и ЈП „Комуналец“, како и претставници на другите општини учесници во проектот, престојуваат во работна посета на Шведска, во градовите Стокхолм и Јевле, каде што ќе добијат повеќе конкретни сознанија и практични примери на подобрување на услугите на општините и комуналните претпријатија во секторот отпад, како и искористувањето на отпадот.
Во предвидените активности, беше реализирана посета на фабриката „Екогас“, која што е во доминантна сопственост на општината. Во неа, се третира органскиот отпад собран од општинските претпријатија, а се обработува околу 27 000 тони отпад годишно. Фабриката произведува 28 GWh гас за возила, со што остварува над 5 милиони евра промет годишно. Исто така, учесниците во проектот беа запознати и со потребата од заедничка меѓуопштинска соработка за управување со отпад, од која што придобивките се повеќенаменски: Повисоки законски барања од власта и поголеми очекувања од граѓаните; Еколошки придобивки; Пониски инвестициски трошоци; Споделување на надлежностите и човечките ресурси; Полесно оптимизација на рутите; Ист надомест во сите општини; Заеднички набавки.
Општина Битола е една од шесте општини од Југозападниот и Пелагонискиот Регион, кои ќе работат на одржливо управување со отпадот, проект финансиран од СИДА (Шведската агенција за меѓународна развојна соработка), а имплементиран од Шведската асоцијација на локалните власти и регионите (САЛАР) и нејзината подружница „САЛАР интернационал“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стоилковиќ во официјална посета на Србија
Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, утре ќе престојува во официјална посета на Република Србија, каде што ќе учествува на конференцијата „Western Balkans 2030“, во организација на Европската инвестициска банка (ЕИБ).
Во своето обраќање на конференцијата министерот Стоилковиќ ќе истакне дека е чест и задоволство да се обрати на настан посветен на клучни теми кои ја отсликуваат реалноста и ја обликуваат иднината на регионот – регионалната интеграција, европската перспектива и економското поврзување.
Во рамки на престојот во Белград, потпретседателот и министер Стоилковиќ ќе оствари и работна средба со потпретседателката на Владата на Србија и министерка за економија Адријана Месаровиќ. На средбата ќе се разговара за потпишување на меморандум за натамошно унапредување и продлабочување на економската соработка, поттикнување на заедничките инвестициони проекти, како и заеднички настап на трети пазари, во пресрет на македонско-српскиот бизнис форум кој ќе се одржи во Македонија на 2 и 3 декември.
„Посетата претставува уште една потврда на континуираниот дијалог и партнерството меѓу двете земји, насочени кон стабилен, економски поврзан и европски ориентиран регион на Западен Балкан.
По завршувањето на средбата предвидени се изјави за медиуми“, соопштија од кабинетот на Стоилковиќ
Македонија
Делови од Центар, Зелениково и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, дел од корисниците од улиците Самоилова и Јоаким Крчовски, како и објектот на Музејот на Современа Уметност, општина Центар;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од селата Зелениково, Ново Село, Страхојадица и Смесница, општина Зелениково;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците лоцирани околу ул. Австралиска бр. 5 во населба Даме Груев, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд
Променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Утре во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на денот насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониска утринска температура.

