Македонија
Божиновска: Крај на ризиците од испади – новиот трансформатор во Битола носи стабилност во снабдувањето со струја во југозападна Македонија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во придружба на директорот на АД МЕПСО, Бурим Латифи, ја посети трансформаторската станица (ТС) Битола 2 по повод пуштање во употреба на новиот 400/110 kV трансформатор. Оваа инвестиција претставува пресвртница и клучен чекор во обезбедувањето енергетска стабилност за југозападниот регион на земјата и целиот електроенергетски систем.
„Нашата мрежа беше изложена на сериозен ризик, особено поради двата изгорени трансформатори, што создаде реална опасност од колапс на целиот електроенергетски систем. Новиот трансформатор ќе ја зајакне сигурноста на снабдувањето со електрична енергија во градовите Битола, Прилеп, Ресен, Охрид и Струга, обезбедувајќи стабилно снабдување за време на зголемената потрошувачка во зимските месеци. Дополнително, ќе овозможи непречено производство на електрична енергија во РЕК Битола, кој е клучен снабдувач на електрична енергија во државата.“, изјави министерката Божиновска.
Проектот, првично започнат во 2023 година, но занемарен од претходното раководство, беше оптоварен со доцнења и пропусти. Под водство на новото раководство, проектот беше оживеан и забрзан за да одговори на итните потреби на регионот. Транспортот на трансформаторот беше предизвик сам по себе, вклучувајќи неповолни временски услови, силни ветрови кои го отежнуваа утоварот и истоварот на пристаништето, како и потребата за обезбедување дозволи за транспорт низ неколку земји.
„Успешната испорака на трансформаторот беше можна само благодарение на тимската работа и посветеноста на нашите технички екипи како и координацијата со ресорните Министерства. Наследивме систем на работ на колапс, но со фокус и експертиза, испорачавме решение кое ја враќа стабилноста и довербата “, истакна генералниот директор на АД МЕПСО, Бурим Љатифи.
Инсталирањето на трансформаторот дополнително ќе овозможи продолжување на проектот за реконструкција на 110 kV далекувод ТС Битола 1 – ТС Прилеп 1, чија што реконструкција беше прекината поради испадот на двата трансформатори.
Посетата на министерката е дел од континуираните напори за модернизација на енергетската инфраструктура. Преку соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) се започна и со изработка на стратегија за зајакнување на националната мрежа со цел забрзана и сигурна интеграција на обновливите извори на енергија, како и модернизација на енергетската инфраструктура во државата.
Божиновска истакна дека со исклучителна посветеност во изминатиот период се работеше на изработка на новиот Закон за енергетика и Законот за обновливи извори на енергија, со чија имплементација земјата ќе се врати на патеките кон забрзана интеграција во единствениот електроенергетски систем.
“На долгорочен план, нашите иницијативи се тесно усогласени со целите на ЕУ за енергетска безбедност и зелена транзиција. Дополнително, преку механизмот на
Western Balkan infrastructure facilities планираме надградба на 400 kV интерконекција меѓу Македонија и Грција, конкретно 400 kV интерконекција Битола-Лерин, со што би ги зголемиле прекугранични капацитети. Планираме воведување на технологијата (Dynamic Line Rating) на критичните коридори за максимизирање на ефикасноста и зголемување на преносниот капацитет. Една од клучните цели на долг рок е и отпочнуваме на процесот на дигитализација на нашите трансформаторски станици, вклучувајќи го и преминот кон системи без SF6 гас.
Друга приоритетна област е напредокот во интеграцијата на пазарот преку пазарното поврзување со Грција, Албанија и Косово кој се очекува да биде целосно имплементиран до 2027 година, создавајќи обединет регионален пазар со кој би зголемила флексибилноста и адекватноста на македонскиот електроенергетски систем, а со тоа и можноста за дополнителна интеграција на обновливи извори на енергија. “ додаде министерката Божиновска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сомнежи за финансиски злоупотреби и низа неправилности во Стоматолошката комора: Здравство ги презема нејзините надлежности

Поради сомнежи за финансиски злоупотреби и низа неправилности во Стоматолошката комора, Министерството за здравство ги презема нејзините надлежности, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
„Вчера донесов одлука заснована на факти, на закон и на обврската да ја заштитам довербата во здравствениот систем. Надзорите и документите покажаа сериозни пропусти: едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување лиценци; договори склучувани ретроактивно, спротивно на законот; одлуки и документи без потпис и со невалидна документација; игнорирање на привремената мерка и конечната одлука на Уставниот суд повеќе од една година, иако судот утврдил дека условите за стручно усовршување биле спротивни на закон“, рече Алиу.
Тој додаде дека, исто така, има сериозни сомнежи за финансиски злоупотреби на Комората, за кои финансиската полиција истражува и има прибавено обемна документација.
„На Комората ѝ беше дадена можност да ги отстрани недостатоците. Но, не го стори тоа. Затоа, имајќи ја предвид одредбата од член 261, став 1, алинеја 4 од Законот за здравствената заштита, а врз основа на препораките на стручната комисија, донесов одлука, за времено одземање на јавното овластување на Стоматолошката комора. Од денес, Министерството за здравство ги презема надлежностите за лиценцирање, сè додека не воспоставиме систем кој ќе работи законито, транспарентно и професионално“, рече Алиу.
Тој кажа дека овој чекор не е казна туку дека е почеток на реформа што ќе врати доверба, ќе обезбеди интегритет и ќе гарантира дека секој стоматолог ја продолжува лиценцата со знаења и вештини усогласени со најновите светски стандарди.
Македонија
(Видео) СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минимална плата од 500 евра

СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минимална плата од 500 евра, најави потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
„Владата е слепа за ситуацијата во која се наоѓаат илјадници работници, кои едвај го минуваат месецот. Затоа, СДСМ јавно ја изразува својата целосна поддршка на Синдикатите за зголемување на минималната плата на 500 евра. Ова не е само барање на работниците, ова е неопходно, ова е мерка која ќе им го олесни тешкиот живот на многу македонски семејства“, рече тој.
Илиевски потсети дека СДСМ веќе еднаш ги поднело законските измени за поголема минимална плата, за покачување на сите плати, но ВМРО-ДПМНЕ ги одбило.
„Ние нема да се откажеме. СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минималната плата од 500 евра. За достоинствен живот и за фер плати. Ќе видиме кој ќе гласа „ЗА“ народот, а кој повторно ќе го сврти грбот на народот. СДСМ е и ќе остане гласот на работниците, на сите граѓани. СДСМ ги слушаше и почитуваше работниците, и сега е така“, рече Илиевски.
Македонија
Петрушевски: Каде се СДС сега да го нападнат главниот обвинител Коцевски или да прашаат за некоја истрага?

Каде се сега СДС да го нападнат главниот обвинител Коцевски или да прашаат за некоја истрага, праша Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со месеци СДС лицемерно глумеа различни страни со главниот обвинител Коцевски, се додека не дојде на ред неговата фотеља, па мораа да запрат со глумата и да го спасат, за тој да продолжи да ги штити нив. Додека СДС лажно го напаѓаа главниот обвинител Коцевски, сакајќи да направат привид дека тој работи по закон, тој им ги штитеше функционерите кои беа потонати до гуша во криминал. Повеќе од година дена главниот обвинител Коцевски релативизираше за СДС и нивните функционери“, рече тој.
Според Петрушевски, ниту еден човек функционер до Заев или Филипче не завршил во затвор, за сите или има спогодби или обвинителството прогледува низ десет прсти кога ги пишува обвиненијата.
„И сега кога се демаскирани, молчи СДС, молчи главниот обвинител Коцевски, ги нема збор да изустат, но важно им е дека се си тече, Коцевски ќе си седи уште некое време во фотеља, а луѓето на Заев и Филипче ќе останат да бидат заштитени. Овој однос на СДС го урива правниот систем и за тоа се директно одговорни. Казната за ваквото држење во заробеништво на правдата ќе дојде на избори. Народот памти и не заборава“, рече Петрушевски.