Македонија
Боки 13 е хоспитализиран и ќе биде опериран; поради ризикот од исходот, се оградуваат и докторите, порача неговиот правен тим

Бојан Јовановски-Боки 13 е хоспитализиран во градската болница во Скопје, каде што ќе биде опериран, соопшти неговиот правен тим. Тие велат дека операцијата е високоризична, а исходот од неа е неизвесен. Додаваат и дека хирурзите што ќе ја извршат се оградуваат од ризикот и одговорноста, а сè поради нејзината сложеност.
„Во согласност со специјалистичкиот извештај, ве информираме дека за извршувањето на операцијата, која по својот карактер е сложена, високоризична и со неизвесен исход, формиран е тим на повеќе хирурзи специјалисти од областа што ќе ја извршат операцијата, а истовремено напоменуваме дека хирурзите специјалисти се оградуваат од ризикот и одговорноста за исходот од оперативниот зафат дотолку повеќе што тие навремено и повеќекратно даваа категорични препораки и укажувања преку конзилијарните стручни мислења да не дојде до оваа операција и да се избегне овој мутилантен хируршки зафат од причини што самата хируршка интервенција е високоризична и сложена, придружувана со можни компликации, кои може да бидат кобни за пациентот“, пишуваат од правниот тим на Боки 13.
Според нив, ова е последица на тоа што Боки 13 во затворот „Идризово“ не бил третиран во согласност со лекарските упатства.
„Оттука, произлегува фактот дека поради апсолутно и крајно непочитување на издадените задолжителни препораки и мислења на стручните колегиуми на државните клиники од страна на судските власти и Управата за извршување на санкциите, дојде до оваа непосакувана и ризична актуелна здравствена состојба на Бојан Јовановски по што во најдобар случај и позитивен исход од операцијата, тој ќе биде со траен инвалидитет. Целата оваа ситуација и операцијата можеа да се избегнат доколку властите што одлучуваа по барањата за прекин ги почитуваа специјалистичките препораки, кои категорично укажуваа дека ќе дојде до сето ова бидејќи во затворски – пенални услови нема можност за лекување и третирање на болеста на пациентот. На Бојан Јовановски, по денешната хоспитализација, во наредните денови ќе му бидат извршени сите потребни испитувања и подготовки за операцијата по што хирурзите специјалисти ќе пристапат кон нејзино извршување“, додаваат тие.
Правниот тим испратил и ново барање за прекин на казната бидејќи, како што велат, никако поинаку не може да се санира состојбата на Боки 13, а тоа се докажува и од алармантното влошување.
„Ја информираме јавноста дека пред Основниот кривичен суд веќе е поднесено ново барање за прекин на издржување на казната затвор во согласност со чл. 224 ст. 2 од ЗИС и очекуваме одлука што ќе биде донесена во итен рок ќе биде темелена врз основа на реални факти и неселективна оценка на доказите со примена на начелото на хуманост во согласност со новонастаната состојба, односно одлука со која ќе биде уважено барањето за прекин во согласност со сите исполнетите законски услови, совест и одговорност при одлучување од страна на судот. Во овие чувствителни моменти за Бојан Јовановски и неговото семејство ја повикуваме јавноста на солидарност и емпатија како доблесни карактерни особини на секој поединец бидејќи со овој пример на Бојан Јовановски имаме цел да ги укажеме негативните појави, а истовремено да дадеме придонес кон подобрување на јавното добро“, додаваат тие.
Претходно, во јавноста се обрати и мајката на Боки 13. Таа порача дека во најдобар случај нејзиниот син ќе остане со траен инвалидитет по операцијата. Додаде дека ќе бара одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајна несреќа на патниот правец Кавадарци – Прилеп, сообраќајот во прекин

АМСМ информира дека сообраќајот на патниот правец Кавадарци – Прилеп е во прекин.
Од таму велат дека прекинот е поради сообраќајна незгода.
Прекинот ќе трае до завршување на увидот.
Македонија
СВР Битола апелира до граѓаните да не палат стрништа и земјоделски површини

Битолската полиција апелира до граѓаните на подрачјето Битола да не се пали оган на отворен простор откако деновиве настанаа неколку пожари како последица од намерно запалени стрништа.
-Апелираме да не се пали оган на отворен простор, да не се палат стрништа, земјоделски површини, отпад и друг горлив материјал и да не се фрлаат отпушоци од цигари и догорчиња. Доколку граѓаните забележат пожар на отворен простор најбрзо што може да го пријават во надлежните институции, апелираат од СВР Битола.
Македонија
Претседателот Пендаровски во Њујорк оствари средба со Јури Ким и Џим O’Брајан од американскиот Стејт Департмент

Претседателот Стево Пендаровски во Њујорк, на маргините на 78. Генерално собрание на Обединетите нации, оствари средба со Јури Ким, заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија и Џим O’Брајан, раководител на канцеларијата за координација на санкции при американскиот Стејт Департмент.
На средбата се разговараше за текот и за актуелните состојби поврзани со европските интеграции на нашата држава, за реформскиот напредок, како и за политичките состојби во земјава и во регионот. Соговорниците се согласија дека е потребно да се одржи фокусот на реформите, како и подготвеноста за водење на преговорите со Европската Унија.
На средбата беа потврдени одличните билатерални односи меѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија, при што претседателот Пендаровски се заблагодари на американската поддршка за членството на Северна Македонија во ЕУ како стратешка определба на македонското општество.