Македонија
Бочварски од Крањ: На транспортерите им се потребни олеснувања на граничните премини и модерни патишта

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска, во Брдо кај Крањ, Република Словенија, учествуваше на министерски состанок за прекуграничното поврзување на земјите од регионот на Западен Балкан и Европската Унија во организација на словенечкото претседателство со Советот на Европската Унија.
На министерскиот состанок присуствуваа министрите за транспорт на Република Грција, Република Словенија, Република Србија, Република Хрватска, Црна Гора, Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Косово, како и претставници на Секретаријатот на Транспортната заедница и Европската комисија.
Во своето обраќање министерот Бочварски истакна дека Република Северна Македонија се стреми кон создавање модерен и безбеден транспортен систем, кој е приспособен на потребите на земјата, за обезбедување поголема мобилност на граѓаните како поддршка на одржливиот развој и раст на националната економија.
„Воспоставувањето сигурен и безбеден транспортен систем е исто така еден од нашите приоритети и вклучува подобрување на безбедноста на патниот и железничкиот транспорт, воведување ИТ-технологии и имплементација на интелигентни транспортни системи во транспортниот сектор. Нашата Влада ја промовира регионалната соработка со ставање во центарот на вниманието на регионалната и меѓународната димензија на сите видови транспорт преку развој и модернизација на транспортната инфраструктура по должината на основната и сеопфатната мрежа на TEН-T, што минува низ земјата“, истакна министерот Бочварски.
Во рамките на дискусијата на темата за подобрување на граничното управување министерот Бочварски истакна дека билатералните договори со соседните земји за заеднички гранични премини се ефикасна алатка за подобрување на транспортот на стока и патници на граничните премини.
Министерот Бочварски истакна дека паралелно со билатералните договори потребно е да се подобри транспортната инфраструктура на граничните премини и по должината на транспортните коридори 8 и 10.
Во рамките на министерскиот совет тој одржа и билатерална средба со министерот за транспорт и инфраструктура на Грција, Костас Караманлис.
На средбата се разговараше за поинтензивна соработка помеѓу двете министерства, како и за обновување на железничката линија Битола – Лерин по должината на Коридорот 10-д.
На маргините на советот се одржа и средба со асоцијациите на транспортерите од Словенија, на која, покрај министерот Бочварски, присустваа и министрите од Словенија, Хрватска, Србија и од Босна и Херцеговина. На состанокот се разговараше за олеснување на транспортот на граничните премини, изнаоѓање начини на поедноставување на процедурите, како и проширување на зелените ленти на граничните прмини со земјите членки на ЕУ од регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.