Македонија
Бочварски – Рустеми: Го рехабилитираме патот од Маврови Анови до Жировница, инвестиција од над 6 милиони евра

Mинистерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, при работната посета на општина Маврово истакна дека Владата инвестира над 6 милиони евра за рехабилитација на регионалниот пат од Маврови Анови до Жировница, патна врска која е меѓу најоштетените и која е многу значајна за жителите на Маврово, Дебар и населените места.
Министерот заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, и заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи, изврши увид во рехабилитацијата на регионалниот пат Маврови Анови – Дебар.
Патот е со должина од 18 километри, инвестицијата е во вредност од 6,1 милиони евра, средствата се обезбедени од ЈП за државни патишта. Предвидена е целосна рехабилитација на патниот правец и санација на осум моста.
„Маврово, но и реканскиот дел, е многу значаен регион, каде што е потребно да го развивме туризмот од сите аспекти, но истовремено и да им ги подобриме условите за живеење на граѓаните. Нашите залагања и примарен фокус е да обезбедиме подобри услови во патната инфраструктура, исто така и во делот на комуналната инфраструктура, она за што сме надлежни, сѐ со цел да го подигнеме нивото на услуги што ги нуди регионот. Покрај овој пат, во годинашната програма на ЈП за државни патишта предвидена е изградба на регионален пат од Гарскиот мост до Извор, потоа реконструкција на патот од Гарскиот мост до Лазарополе, како и реконструкција на транзитот до Дебар“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, најави динамичен план за рехабилитација на патниот правец.
„Трасата на оваа делница, всушност, е продолжение на веќе рехабилитираната делница Бунец – Маврови Анови. Во наредниот период ќе се работи на еднослојна и двослојна надградба на сегменти од трасата, каде што површинските оштетувања се поизразени, нова коловозна конструкција на делови од трасата, каде што коловозот е во лоша состојба, предвидена е и санација на осум моста, реконструкција, доградба и изведба на нови потпорни ѕидови, како и поставување нова сигнализација“, изјави Ејуп Рустеми, директор на ЈП за државни патишта.
Бочварски потенцира дека во завршна фаза е изработката на проектите за изградба на пречистителна станица за Маврови Анови, како и изградба на водоводен систем за населеното место Аџиевци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осуда од Ковачевски за каменувањето на македонскиот клуб во Бугарија: Очекувам да го санкционираат вандализмот во најкраток рок

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски најостро го осудува вандалскиот чин, на каменување на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград.
Тој преку својот Фејсбук профил, порача дека очекува во најкраток можен рок, институциите во Република Бугарија да ги најдат сторителите и соодветно да ги казнат.
„Каменувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград е чин на вандализам кој најостро го осудувам. Ваквите активности не соодвествуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави. Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија“, пишува во објавата на премиерот Ковачевски.
Македонија
ЦУК: Пожар кај селото Миладиновци

Искрење на бандера, предизвика пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинеријата ОКТА.
Центарот за управување со кризи на својот фејсбук профил објави дека во моментот се интервенира на негово гаснење.
,,Во 19:05 часот на телефонскиот број 112 пријавен е пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинерија ОКТА кој настанал како резултат на искрење на бандера и истиот се проширил на околната сува трева. Во моментот на местото на настанот се екипи на БППЗ на Град Скопје и полиција. Се интервенира на негово целосно гаснење и во моментот нема опасност од негово проширување”, се вели во соопштението од ЦУК.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го осуди демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград: Да запре говорот на омраза кон Македонците во Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград. Вандализмот не е добрососедство и не може да биде. Негирањето на Македонија, но и на Македонците во соседството е пред се резултат на поданичкиот однос на власта, која го дозволи и мотивира тој однос, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека сега Ковачевски и Пендаровски на дело гледаат кај ја донесоа државата и македонскиот народ. Народот не смее да биде жртва на власта, затоа и ВМРО-ДПМНЕ бара промени. Потребна е власт која ќе се грижи за народот.
Упатуваме апел и до Бугарија и до меѓународните институции во таа земја, што побрзо да се откријат вандалите, истите да се казнат и да се запре со говорот на омраза против Македонците, се вели во соопштението.