Македонија
Бојан Христовски е личен избор на Мицкоски – партизацијата на АНБ ја потврди и Таравари, велат од СДСМ
Поставувањето на Бојан Христовски на чело на АНБ е личен избор на премиерот Христијан Мицкоски. Коалицискиот партнер Таравари ја потврдува во целост опасната партизација на АНБ, истакнуваат од СДСМ.
„Дури и на оние на кои не им беше јасно сега им е кристално јасно сè. Поставувањето на Христовски на директорската позиција на АНБ е избор и директива на Мицкоски. Тој сака свој човек кој во целост ќе го контролира и ќе му служи само на него и на ДПМНЕ.
Мицкоски го враќа времето на директни злоупотреби на безбедносните служби во партиски и лични цели како што беше во минатото.
Затоа по секоја цена се турка партиски кадар – претседател на Градски комитет на ДПМНЕ, близок до Мицкоски, спротивно на член 10 од Законот за АНБ и со бројни сомнежи дали воопшто ги исполнува критериумите за оваа позиција.
Бојан Христовски во едно интревју самиот призна дека нема безбедносен сертификат „Државна тајна“ а барањето за ваков сертификат го поднел дури откако беше назначен на директорската позиција“, нагласуваат од опозициската партија.
Според СДСМ, се уште е отворено и прашањето дали Христовски воопшто има 5 години стаж на раководни позиции сигласно законските услови или не.
Додаваат дека во неговата објавена биографија недостасуваат прецизни датуми за неговото раководно искуство од 2012 до 2017 година.
„Не е потврдено ниту дали Христовски има вистински документ за соодветно познавање на Англиски јазик. Затоа што документот што го приложил е од училиште во Пловдив Бугарија а во Пловдив воопшто нема TOEFL центар за тестирање.
Ова се премногу спорни работи за вака важна позиција.
Затоа Христовски треба да биде разрешен и да биде назначен нов директор на АНБ.
Професионализмот мора да се заштити и АНБ да биде во функција на државните интереси, а не на интересите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

