Македонија
Бојмацалиев на средба со СВР Тетово: Ја гарантираме безбедноста за секој граѓанин да може да го оствари правото на глас
Денеска, дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, оствари работна средба со раководствата на СВР Тетово и ОВР Гостивар во рамките на серијата посети што следуваат периодов во секторите за внатрешни работи во целата држава, а со цел увид во постигнатите резултати и маркирање на идните активности.
„Минатата недела почнавме со серијата посети на секторите за внатрешни работи почнувајќи со СВР Куманово. Денеска сме во работна посета на СВР Тетово да се запознаеме со безбедносната состојба на ова подрачје. Притоа,ж од страна на раководството бев информиран за поволната безбедносна состојба, како и за резултатите по акциите насочени кон сузбивање повеќе форми на криминал“, рече Бојмацалиев.

Притоа тој сподели статистика за резултатите на оваа организациска единица.
„Во однос на криминалитетот во наведениот временски период извршени се вкупно 301 кривично дело на подрачјето на ПС Тетово извршени се 194 кривични дела, додека на подрачје на ПС Гостивар извршени се 107 кривични дела. За сторените дела поднесени се вкупно 174 кривични пријави. Откривачката функција на извршените кривични дела на ниво на СВР Тетово постигната е севкупна eфикасност од 31 %. Во областа на недозволена трговија со дрога во текот на овие два месеци од 2024 година откриени се вкупно 16 кривични дела. Вредно за одбележување овој период на подрачјето на СВР Тетово (ПС Тетово и ОВР Гостивар) спроведените девет акциски контроли, со цел откривање на странски државјанки кои нелегално престојуваат и работаат во угостителски објекти на нашето подрачје како танчерки и пеачки, во 21 угостителски објект, при што затекнати биле вкупно 27 женски лица“, рече Бојмацалиев.

Притоа, тој упати порака да се работи исклучиво по закон и на страна на граѓаните, без подлегнување на притисоци или уцени.
„Ние сме тука да им служиме на граѓаните професионално, да гарантираме безбедност за време на изборниот процес за секој граѓанин да може да го оствари своето право на глас“, истакна Бојмацалиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица поднесе амандмани за измените на Кривичниот законик
Левица поднесе амандмани кон Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик предложен од пратеници од ДПМНЕ, насочени кон заострување на казнената политика за делата за злоупотреба на службената положба и овластувања и за несовесно работење во службата.
„Иако ДПМНЕ овие измени сака да ги претстави како санација на штетните измени на Кривичниот законик од 2023 за кои тие обезбедија кворум и врз основа на кои измени застареа над 80 предмети и се амнестираа нивни функционери – фактички, малициозно, манипулативно тие ја ублажуваат казнената политика и го олабавуваат обемот од претходниот Кривичен законик. Дополнително, како што укажавме и претходно, со предложениот текст од ДПМНЕ, се создава правна рамка што овозможува побрзо застарување, поблаги санкции и реална можност за условни казни за најтешките форми на корупција“, велат од партијата.
Додаваат дека поднесените амандмани се во насока на укажувањата на Уставниот суд и потребата од заострување на казнената политика за кривичните дела сторени од страна на службени и одговорни лица кои вршат јавни функции, имајќи предвид дека искуството ни покажува дека истите често се склони кон злоупотреби за време на вршење на својот мандат.
„Имено, наместо предложената екстензивна одредба која намерно предвидува дупки во злоупотребата на службената положба при вршењето на јавни набавки, Левица предложи зголемување на казната и враќање на старата одредба која едноставно го опфаќа секој елемент од злоупотребата при овој процес, а предложи и прибавената имотна корист при злоупотребите на позицијата да биде одземена. За делото „Несовесно работење во службата“, покрај заострувањето на казните, Левица амандмански предложи и министрите, директорите, односно службените лица од органите на државната управа да одговараат, што не е предвидено во измените предложени од пратениците од ДПМНЕ. Кон ова, во амандманот се предлага казнување и доколку делото е сторено од небрежност“, велат од партијата и ги повикаа пратениците на утрешната комисиска седница да ги поддржат амандманите.
Македонија
ФЗОМ воведе нови онлајн услуги за граѓаните: „Повеќе нема непотребно чекање на шалтери“
Министерството за дигитална трансформација и Фондот за здравствено осигурување објавија воведување нови електронски услуги од областа на здравственото осигурување и техничко поврзување на ФЗОМ со Централниот регистар на население (ЦРН), со што се поедноставуваат постапките и се намалува административниот товар за граѓаните и бизнисите.
На денешната прес-конференција, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека целта на Министерството е јасна: „јавните услуги да бидат достапни, поврзани и ориентирани кон потребите на граѓаните и бизнисите.“
Министерот нагласи дека станува збор за услуги кои директно го поедноставуваат пристапот до важни документи, го намалуваат административниот товар и го елиминираат непотребното чекање и физичко присуство на шалтери.
За правните лица, за прв пат е овозможена електронска услуга за:
Издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување (целосно дигитално, достапно во секое време).
За физичките лица, воведени се следните е-услуги:
Потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување,
Потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес,
Потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.
„Овие услуги се само почеток на системска дигитална трансформација, а не изолирани технички решенија,“ порача министерот Андоновски.
Посебен акцент беше ставен на воведувањето на единствената најава.
„Корисниците на порталот на Фондот за здравствено осигурување автоматски се воведуваат во системот за единствена најава – SSO,“ рече Андоновски, додавајќи дека граѓаните добиваат можност со еден кориснички профил непречено да се движат и користат услуги на различни институционални портали, без повторно најавување и без дополнителни административни бариери.
Од денес, ФЗОМ е и технички поврзан со ЦРН, што овозможува автоматско преземање релевантни податоци за граѓаните. Министерот истакна дека преку ова поврзување, ФЗОМ во рамки на речиси 40 управни и деловни постапки користи податоци од ЦРН како единствен референтен извор со што се намалуваат грешките и потребата од рачно внесување податоци.
Ова поврзување, меѓу другото, се применува во постапки како: пријава и одјава на здравствено осигурување, утврдување својство на осигурено лице, боледување, бременост и раѓање, лекување во странство, двојазични обрасци, рефундации, потврди и други права и обврски во надлежност на ФЗОМ.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Дали Филипче ја подготвувал продажбата со зголемување на буџетот на Клиничката болница „Жан Митрев“
Случајот со Клиничката болница „Жан Митрев“, во кој сегашниот претседател на СДС, Венко Филипче, а за време на владата предводена од СДС се обидувал да ја преземе здравствената установа претставува сомнеж за злоупотреба на моќта и директен удар врз владеењето на правото, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче, вели тој, веројатно ја подготвувал продажбата, со зголемување на буџетот на Клиничката болница.
„Според информации до кои дојде ВМРО-ДПМНЕ, оваа Клиничка болница има најдобар буџет токму за време на владата на СДС, поточно кога Венко Филипче бил на власт.
Што велат бројките?
За 2015 година буџетот е 361.600.000 денари. Истиот се зголемува во 2017 година на 406.600.000 денари, а во 2018 година повторно се зголемува на 457.000.000 денари. Во 2019 година има уште едно поголемо зголемување или 612.000.000 денари, за во 2020 година достигне 682.000.000 денари или скоро 11 милиони евра.
Еве ги податоците и за наредните години:
За 2021 година, 602.000.000 денари, за 2022 година, повторно 602.000.000 денари,
за 2023 година, околу 548.000.000 денари, за 2024 година, околу 515.000.000 денари, а во 2025 година или минатата година е намален на 479.883.000 денари.
Бројките се повеќе од јасни, Филипче правел огромен прилив на средства кон Клиничката болница Жан Митрев.
Замислете сето ова го правел човек кој требал да ја креира здравствената политика и кој бил директно одговорен за функционирањето на здравствениот систем“.
Според Петрушевски, Филипче наместо грижа за граѓаните се занимавал која болница да преземе, како да ја изнуди од сопственикот со нудење помош за судска постапка што пак укажува за некакво целосно влијание врз системот.
Со години, додава тој, слушаме за апетитите на другарите Заев и Филипче и кон приватниот здравствен сектор.
„Несомнено дека јавното обвинителство има многу работа. Обвинителството мора да се ангажира за овој и слични случаи“.

