Македонија
Бојчевски вели дека приоритет на новата влада да бидат здравствените работници
Приоритет на новата влада треба да бидат вработените во јавното здравство, кои повеќе од пет години работат без здравствено и пензиско осигурување, порачаа денеска Независниот синдикат на здравствени работници и административен технички персонал (НСЗР) и Здружението на приватни лекари (ЗПЛРМ) кои се обрзаа на соработка со меморандум „Заедно сме посилни“.
„Немаат здравствено и пензиско осигурување, би требало тие да се приоритет и веднаш по формирањето на новата влада да се направи нешто, заедно со новиот министер за здравство, приватните доктори и со јавното здравство, да им се реши ситуацијата на овие луѓе, бидејќи ќе нѐ снајде уште еден егзодус од 1.000 до 2.000 вработени кои работат повеќе од 5 години, кои што се вработени за време на кризата“, рече претседателот на НСЗР Боби Бојчевски на прес-конференција со претседателката на ЗПЛРМ, Лилија Чолакова.
Очекувањата, додаде Бојчевски, се дека со назначувањето на новиот министер за здравство ќе се решат проблемите на вработените, бидејќи како што рече, жално е за плата од 21.700 денари да држат цели одделенија во јавното здравство.
„Го чекаме назначувањето на новиот министер и да се договориме за ситуацијата за приватните доктори, а исто и за вработените во јавното здравство. Очекуваме позитивна клима и ќе се реши овој проблем, бидејќи тие луѓе се вработени повеќе од 5 години со плата од 21.700 денари, тоа е срамно и жално, а држат цели одделенија во јавното здравство, како примарна медицина, вакцинација, лабаратории, физикални и така натаму“, истакна Бојчевски.
На прес-конференцијата беа промовирани новите претседатели на синдикатите на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и ГОБ „8 Септември“ Мето Трајановски и Слободан Алексиќ. Тие доаѓаат, откако нивните претходници Јосиф Ѓоревски, претседател на синдикатот на „Мајка Тереза“ и Кристина Олевска, претседателка на синдикатот на „8 Септември“, го напуштиле јавното здравство и станале лекари во приватната клиника „Аџибадем Систина“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

