Македонија
Бухова: Во последните четири дена издадени се 7.500 решенија за самоизолација
Изминатиот месец откако стапија на сила измените и дополнувањата на Законот за заштита на наслението од заразни болести, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) издаде околу 40.000 решенија на лица позитивни на вирусот и на лица контакти со позитивни. Само во последните четири дена доставени се 7.500 решенија за изолација, изјави директорката на ДЗСИ, Ирина Сотирова-Бухова.
Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, одржа работна средба со дел од инспекторите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ).
„Инспекциските служби се важен контролен механизам за правилно спроведување на секоја уредба, одлука, протокол и мерка, што ги преземаме за спречување на ширење на коронавирусот. Повеќе од кога било е важно да ги почитуваме мерките и протоколите, да носиме маска, да одржуваме растојание и да нема групирања. Само така, заеднички, ќе ја надминеме оваа здравствена криза, која притиска и врз економијата. На тој начин, ќе им помогнеме и на инспекторите, на здравствените лица, полицијата, армијата и сите други чинители што се вклучени во битката со овој вирус“, изјави вицепремиерот Николовски.
Тој посочи дека Информацијата за кадровската екипираност во инспекторатите е веќе влезена во владина процедура, и онаму каде што има потреба, за следната година ќе се овозможи да има нови вработувања, со цел да се обезбеди непречено функционирање.
Бухова изјави дека инспекторите изминатите девет месеци се секојдневно на терен со вршење вонредни инспекциски надзори во сите здравствени установи, училишта, детски градинки, козметички салони, старачки домови..
„Изминатиот месец откако стапија на сила измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, нашиот инспекторат издаде околу 40.000 решенија на лица позитивни на вирусот и на лица контакти со позитивни. Само во последните четири дена доставени се 7.500 решенија за изолација. Ако ја споредиме оваа бројка со бројката од минатите месеци, ќе ни ја покаже сериозноста на целата ситуација. Инспекторите ќе останат на терен, будно ќе мониторираат какво било отстапување од протоколите и од законските норми кои се пропишани. Борбата е заедничка, почитувајќи ги протоколите прво се заштитуваме себе си, но и овозможуваме на здравствениот систем да истрае“, изјави Сотирова Бухова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.
Македонија
Мицкоски на проштална средба со Агелер: благодарност за ангажманот и поддршката
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
„Денеска се одржа проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Анџела Агелер.
На средбата беше изразена благодарност за нејзиниот ангажман, поддршката и придонесот во унапредувањето на односите меѓу двете држави“, објави на социјалните мрежи Мицкоски.
Информира дека во пријатна и конструктивна атмосфера биле разменети мислења за досегашната соработка, како и за значењето на партнерството и заедничките вредности.
„Упатени беа искрени желби за успех во нејзините понатамошни професионални ангажмани“.

