Македонија
Бучковски: Не знаеме дали ќе се случи чудо за една недела, но ќе се бориме до крај
Специјалниот владин претставник за Бугарија, Владо Бучковски, вели е убеден дека ќе се најде решение, но не за седум дена.
„Можеби ќе биде потребно дополнително време, но сме на вистинскиот пат. Јас поради моето искуство нема да прифатам со нашите бугарски пријатели да ги испраќаме пораките преку медиумите“, рече Бучковски.
Тој вели дека не знае дали за една недела може да се случи чудо, но до последен момент ќе се бори за да се изнајде решение.
„Јас се надевам дека со моето искуство, со довербата која ја имам и во бугарската јавност, ќе бидам јасен сигнал на посветеноста на нашата Влада во исполнувањето на преземените обврски од Договорот за пријателство и соработка. Со задоволство го прифатив овој предизвик затоа што сум убеден дека можеме да стигнеме до решение кое ќе го деблокира процесот, а од друга страна ќе биде во духот на европските вредности со целосно почитување на нашето достоинство“, вели Владо Бучковски.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вели дека со ова ја пополнуваме дипломатската празнина, бидејќи немаме назначено амбасадор во Софија.
„Создаваме низа механизми за да ја засилиме довербата меѓу двете земји. Работиме и на дополнителни форми на акциски планови за суштински да покажеме намери да ја засилиме улогата на Договорот за пријателство, неговата ефикасност и имплементација“, рече Османи.
Претходно денеска портпаролот на Владата, Душко Арсовски, изјави дека Владо Бучковски е избран за специјален претставник за Бугарија бидејќи е одличен познавач на македонско бугарските односи.
„Почитуван е од бугарските општествени и политички чинители, има добри контакти со Бугарија и добро е примен во тамошната јавност, има позитивни перцепции за неговите политики како поранешен премиер и е прифатен како некој кој порано придонесувал позитивно кон подобрување на односите со соседска Бугарија“, рече Арсовски, одговарајќи на прашањето по кои критериуми е избран Бучковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Кризна состојба заради тендери, зошто навреме не е набавен мазут
Кризната состојба во енергетиката не е поради протестите во Грција туку поради криминалните тендери и неспособноста на ДПМНЕ, велат од СДС:
„Кои се фактите:
-77 милиони евра е официјална загуба за само првите два квартали оваа година, со проекција од над 100 милиони евра загуба до крајот на 2025 година.
-Има историски најлошо производство на домашна струја, од планирани 5.100 GWh, не се произведени ниту половина.
-Наместо да се произведува струја дома, која чини 80-90 евра мегават час, Владата купува скапа струја за 140 евра мегават часови.
Сето ова треба да се покрие со „кризна состојба“ за граѓаните да ги платат овие загуби.
Така доаѓаме и до клучното прашање: зошто навреме не бил набавен мазут, зошто се чекало досега“.
Прашуваат, дали можеби веќе постои избрана фирма за снабдување со мазут.
„Какво е ова решение да се трошат преостанатите резерви на мазут без обезбедени нови количини? Па тоа само ќе ја продлабочи загубата во ЕСМ.
Граѓаните го знаат одговорот. Заради тендери. За некој да профитира. Како што се и 161 тендер за една фирма или 9 милиони евра за друга фрима за двајца вработени.
100 милиони евра загуба, буџетска дупка од 1 милијарда евра, се заради криминални тендери.
Одговорност ова мора да има“.
Македонија
Ако пиеш не вози, ако возиш немој да пиеш, секој живот е важен: новогодишна кампања за безбедност во сообраќајот
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во пресрет на новогодишните и божиќните празници ја реализира новогодишната кампања за подигнување на јавната свест за ризиците од управување на моторни возила под дејство на алкохол.
Празничниот период е карактеристичен по зголемена раздвиженост на населението, зголемен интензитет на сообраќајот, новогодишни прослави и семејни дружби, што објективно го зголемува ризикот од настанување на сообраќајни незгоди со тешки последици, истакнуваат од таму.
„Алкохолот значително ги нарушува психофизичките способности на возачот, ја намалува концентрацијата, го продолжува времето на реакција и ја компромитира способноста за правилна проценка и донесување одлуки во сообраќајот.
Управувањето на возило под дејство на алкохол не претставува само прекршување на сообраќајните правила и прописи, туку и сериозен безбедносен ризик кој директно ги загрозува животот и здравјето на возачите, патниците и останатите учесници во сообраќајот.
Последиците од ваквото неодговорно однесување често се трајни и ненадоместливи – за поединците, семејствата и општеството во целина.
Во таа насока, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упатува јасен и недвосмислен апел до сите учесници во сообраќајот:
• да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол;
• навремено да планираат безбедна алтернатива за превоз ( јавен превоз, такси-служба );
• доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со посебен акцент на ограничувањата на брзината на движење, почитување на сообраќајната сигнализацијата и користење на заштитна опрема;
• да покажат зголемена внимателност и одговорност кон ранливите категории на учесници во сообраќајот.
Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност на сите. Со почитување на законските прописи и одговорно однесување во сообраќајот, секој поединец може да придонесе празничните денови да бидат исполнети со радост и среќа, а не со трагични последици“.
Македонија
Андреј Жерновски, симбол на неуспех и директен учесник во скандали и предавство на националните интереси, не е и не може да биде нов лик на СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ
СДС може колку сака да го претставува новоформираното партиски раководство, како кадровска реформа и „нова“ сила, тоа не поминува. Реформа во СДС нема со самиот факт што претседател на партијата е Венко Филипче, а во раководството го има другар му Андреј Жерновски, симбол на неуспех, предавства и скандали, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Жерновски,, додаваат од таму, исто како и Филипче, не е нов лик на македонската политичка сцена. „Јавноста многу добро го памети уште во времето на Зоран Заев, кога само за да добие функција прелета од неговата матична партија ЛДП, во СДС.
Тој е исто така неуспешен и скандалозен дипломат, што шеташе по Букурешт претставувајќи се како македонски амбасадор, а за тоа акредитации немаше добиено.
Жерновски, исто така, е запаметен и како неуспешен градежник, кој долго време зборуваше и ширеше паника дека новата трибина на стадионот во Скопје, кај и да е ќе се срушела. Но, годините поминаа, стадионот сосе трибините стои и е жив сведок за лагите и манипулациите на Жерновски.
Тој е познат и по многуте скандали и партизацијата во времето кога беше градоначалник на општина Центар, кој ја превработи општинската администрација и претпријатието „Паркинзи Центар“ со роднини на активисти и членови на раководството на СДС“.
Во биографијата на Жерновски, нагласуваат од владејачката партија, неизоставен дел се јавните настапи на штета на македонскиот идентитет и позиции, а во полза на бугарскиот наратив за Македонија.
За него тоа, како што оценуваат, веројатно и воопшто не било проблем, со оглед на неговото лично потекло и на фактот, според нив, дека неговиот дедо бил бугарски кмет, но тоа не му дава за право да ги руши и предава македонските позиции.
„Со други зборови, како Филипче така и Жерновски не се нови кадри, туку имиња кои се поврзуваат со СДС од транзицијата кои се директни виновници за неуспесите на државата и за поразите на СДС низ годините.
И по сето ова, Жерновски се стави на располагање на СДС заедно со Филипче, да биде најголемиот поборник на бугарските интереси во државата.
Така наречените нови сили на СДС се стари и потрошени кадри кои веќе биле раководни позиции и функционери кои ја изневериле довербата на граѓаните и не покажале никакви резултати“.

