Македонија
Бујар Османи на видеосредба со Хајко Мас за членството во ЕУ
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари видеосредба со министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Хајко Мас. Во таа пригода Мас му упати честитки за изборот на Османи и му посака многу успех во вршењето на новата должност, но и плодна билатерална соработка на две блиски и пријателски земји кои остваруваат интензивна економска и трговска размена.
„Одржувањето на првата меѓувладина конференција, често користен технократски термин, има големо симболично значење за нашиот европски пат. Тоа ќе значи потврда на реформската определба и европскиот курс на земјата. Покрај политичката симболика, почетокот на преговорите ќе значи почеток на најобемната и најкомплексната административно-техничка операција со која досега сме се соочиле. Тоа е сериозен предизвик за целото општество, а не само за Владата, во кое ќе мора да ги подигнеме своите перформанси и сите заедно како политичари, државни службеници, но и стопанственици, синдикати и претставници на граѓанското општество да ја сплотиме својата енергија и напори кон остварување на оваа цел“, беше истакнато на разговорот.
Соговорниците заеднички констатираа дека завршувањето на 2020 година и претседателство на Германија со ЕУ нуди неповторлива и неодминлива шанса Северна Македонија, по членството во НАТО, да почне со исполнување на вториот државен стратешки приоритет – членство во ЕУ.
„Почетокот на преговорите ќе значи конвергенција на нашето општество кон правилата, стандардите и вредностите на Европската Унија, цел која не претставува причина самата за себе, туку процес кој нуди можности за постепена интеграција, процес во кој од нас самите ќе зависи колку придобивки ќе обезбедиме за себе и во текот на самите преговори“, истакнаа соговорниците
Министрите особено внимание посветија и на Берлинскиот процес, кој беше инициран од канцеларката Меркел во 2013 година. Османи потенцира дека заедничкото копретседавање со Бугарија на 10 ноември ќе претставува одлична можност успешно да се круниса овој процес, со значителни резултати и испораки во форма на економско-инвестицискиот план за целиот регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Со Мицкоски Македонија е во ранг со Сомалија, САД ја запре обработката на визи“, велат од СДСМ
„Македонија е опфатена во одлуката на САД за суспендирање на обработката на визи заедно со уште 75 земји, меѓу кои Сомалија, Сирија, Гана, Руанда, Бутан, Нигерија, Иран, Русија…“, велат од СДСМ.
„Минатата година САД ги зголеми царините кон Македонија, сега од 21 јануари САД ќе биде суспендира и обработка на визи за македонските државјани.
Толку е периметарот на Мицкоски, ја доведе Македонија во ранг со Сомалија“, соопшти СДСМ.
Македонија
Фактот што Македонија е ставена на иста листа со Судан и Сомалија е длабоко поразителен и алармантен сигнал, смета Македонски концепт
Губењето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави претставува сериозна и потенцијално смртоносна закана за безбедноста, стабилноста и иднината на Република Македонија и македонскиот народ. За мала држава во чувствителен геополитички регион, ваквото нарушување на односите со клучниот стратешки сојузник значи институционална изолација, економска несигурност и директно слабеење на националната безбедност, велат од Македонски концепт.
Според нив, фактот што Македонија е ставена на иста листа со држави како Судан и Сомалија е длабоко поразителен и алармантен сигнал.
„Тоа не е случајност, туку последица на долгогодишна толеранција, па дури и институционална пасивност кон два опасни феномени: растечкиот верски радикализам на македонска територија и широко распространетото прокомунистичко и антизападно однесување и наратив во јавниот простор“, велат од Македонски концепт.
Од таму велат дека овие појави се директно спротивни на вредностите на НАТО, на западната цивилизација и на принципите врз кои се темели стратешкото партнерство со САД.
„Потребни се итни, проактивни и недвосмислени државни мерки, без калкулации и без идеолошки страв: забрана на носење бурки и верски манифестации во сите јавни институции, во име на безбедноста, секуларноста и јавниот ред; донесување посебен закон за спречување и санкционирање на верскиот радикализам и донесување закон за забрана на комунистичката идеологија, нејзините симболи и тоталитарното наследство, како идеологија која историски и суштински е спротивна на слободата, демократијата и западниот вредносен систем“, се наведува во соопштението.
Паралелно со внатрешните реформи, велат од Македонски концепт, Република Македонија мора да упати формален и аргументиран приговор до Соединетите Американски Држави за штетите предизвикани со ставањето на земјата на ваква листа.
„Како полноправна членка на НАТО, Македонија има право да се повика на Договорот за стратешко партнерство, со јасно барање истиот да се почитува и земјата веднаш да биде отстранета од таа листа. Македонија мора да избере, или ќе биде јасен и вредносно усогласен сојузник на САД, или ќе продолжи да тоне во сива зона на радикализам, идеолошки анахронизам и меѓународна недоверба. Среден пат, нема“, велат од Македонски концепт.
Македонија
Утрово најстудено во Берово, најмногу снег на Попова Шапка
Утрово најстудено било во Берово кадешто се измерени -6 степени, -5 било во Скопје-Петровец, Струмица и Демир Капија, -4 во Битола, Велес, Штип, Кавардарци, Попова Шапка, -3 во Прилеп, -2 Скопје-Зајчев Рид, Гевгелија, -1 Kрушево Претор, Куманово, 0 Крива Паланка, Виница.
Висината на снежната покривка во 7 часот утрово била 25 сантиметри на Попова Шапка, 10 сантиметри во Маврови Анови и Крушево.
Времето денеска
Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 7 до 14 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со мала облачност. Максималната температура ќе достигне до 9 степени.

