Македонија
Вакцинирањето во земјата ќе почне до март и ќе биде бесплатно

Вакцинирањето против Ковид-19 ќе почне во првите два-три месеци в година, најави министерот за здравство, Венко Филипче.
Ќе се примаат по две дози, а на 21. ден по втората доза се очекува лицето да стекне имунитет.
„Во делот на набавката на вакцините, да повторам дека се веќе се обезбедени 833 илјади вакцини за 400 илјади граѓани преку Ковакс-механизмот. Тоа е механизам на СЗО и глобалната Алијанса за имунизација, во која учествуваат сите соседни земји, освен членките на ЕУ. Покрај овој механизам, веќе доставивме барања за директни договори до две светски компании – ‘Астра зенека’ и ‘Фајзер’ за нивните вакцини и по нивните иницијални одговори, сега ја чекаме и дефинитивната потврда дека дополнтелна количина ќе можеме да набавиме директно од компаниите“, рече Филипче.
Освен тие вакцини, министерот вели дека ќе биде искористен и механизмот што го понудија некои од членките на ЕУ.
„Беа договорени 400 милиони дози за граѓаните на ЕУ, а од кои 100 милиони за земјите што не се членки на Унијата. Иницијална понуда добивме од Полска и од Грција. Освен тоа, аплициравме за 800 илјади допоплнителни дози“, истакна министерот.
Фрижидерите на -70 степени, кои служат за чување на вакцините, се набавени од американска фондација, која министерот не ја именува, и тие ќе пристигнат на почетокот на јануари.
„Вакцинацијата ќе се врши во постојните наши капацитети, а тоа се вакциналните пунктови и болниците. Ќе се спроведе брз процес на тренинг за вакцинирање, сите здравствени работници ќе бидат соодветно обучени. Веќе имаме соодветна експертиза во делот на здравствените работници што работат на вакциналните пунктови“, рече Филипче.
Цената на вакцината изнесува 10 долари, но таа за граѓаните ќе биде бесплатна.
Пациенти што прележале Ковид-19 ќе може, доколку сакаат, да се вакцинираат, но сепак ќе постои приоритетна листа.
Како приоритет ќе се вакцинираат сите здравствени работници што работат во ковид-центрите или се директно изложени или работат со заболени или суспектни. Понатаму, здравствените работници што работат на земање брисеви, граѓаните над 65 години и пациентите со хронични болести во делот на хронично белодробни и кардиоваскуларни болести според шифрите на дијагноза преку системот „Мој термин“, како и вработените во критичната инфраструктура и транспортот.
„Епидемијата е сѐ уште многу силна. Има навистина многу голем број заразени. Пред нас претстои период на традиционални семејни собири и слави. Апелирам и замолувам – сите да се воздржиме од такви прослави и собири, сигурен сум дека в година новогодишните и сите други празници практично ќе се слават како што тоа било порано. Но, оваа година сите да ги почитуваме мерките, да не се групираме заради тоа што тоа е најефикасниот начин на спречување на патот на заразата“, апелира Филипче.
На прашањето во однос на тоа кои категории граѓани треба да се вакцинираат, претседателката на Комитетот за имунизација, д-р Александра Грозданова, потенцира дека правилото за примање вакцина, како за сите други вакцини така и за ковид-вакцината, е таа да се прими во општа добра здравствена состојба.
„Пациентите што прележале Ковид-19, во зависност од состојбата во која се наоѓаат и временскиот период, секако, доколку сакаат, може да ја примат вакцината, но имајќи предвид дека ќе имаме приоритетна листа, ќе треба на некаков начин да им се даде приоритет токму на тие категории. Како што спомна министерот, здравствените работници директно изложени на работа во ковид-центрите, тие што ги третираат или работат со пациенти, микробиолошките лаборатории и оние што ги тестираат и потоа, секако, хронично болните. Од хронично болните ќе се прави приоритет во зависност од нивната здравствена состојба, најчесто се тоа кардиоваскуларните заболувања, респираторните, малигните заболувања и, секако, еден параметар ќе биде возраста кај пациентите, поприоритетна ќе биде повозрасната група пациенти. Во моментот со оваа категорија вакцини не се опфатени децата. Врз основа на резултатите од клиничките испитувања, по 21. ден од втората доза, би можело да се очекува покачување на титарот на заштитните антитела. Кога вистински ќе дојде, ќе видиме индивидуално, меѓутоа повторно ќе кажам – како и за секоја вакцина, по примање на втората доза, најмалку во тој период од еден месец би се очекувал заштитниот ефект од вакцината“, истакна Грозданова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Училиштето во Стајковци ќе добие нова спортска сала

Со спортските сали во училиштата во Стајковци, Страчинци и Булачани, сите основни училишта во Општина Гази Баба добиваат услови за одржување на наставата по физичко како грижа на централната власт и на општината за младите, изјави премиерот, Зоран Заев, кој заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски и директорката на основното училиште „Кирил и Методиј” во село Стајковци, Анита Ангеловска, направија увид на училиштето каде ќе започне изградба на нова спортска сала.
„Се радуваме на стартот на изградба на спортска сала во основното училиште „Кирил и Методиј“. Кога ќе биде завршена само во сеќавање ќе останат деновите кога учениците од ова основно училиште наставата по физичко ја одржуваа во пренаменета училница или надвор, во дворот на училиштето. Со овој капитален проект конечно се решава овој проблем и учениците добиваат спортска сала според сите стандарди“, рече Заев.
Проектот за салата го подготви општината и во својот буџет обезбеди средства за почеток и изградба. Вкупната вредност на инвестицијата за изградба на салата во Стајковци е 17 милиони денари.
Салата е проектирана на површина од 430 метри квадратни со висина од 6,7 метри и во неа ќе може да се игра кошарка, ракомет, мал фудбал, одбојка, пинг-понг, гимнастички спортови. Салата располага со две соблекувални и помошен простор.
Покрај спортската сала се предвидува и изградба на дополнителна просторија за физичко и во подрачното училиште „Кирил и Методиј“ во Страчинци.
Македонија
Казнети 48 возачи во Липково

Полицијата за еден ден казнила 48 возачи во Липково.
Полициски службеници денеска спроведоа засилена акциска контрола за санкционирање на возачите што не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи на територија на општина Липково.
Санкционирани се 48 возачи, од кои 35 за возење со брзина над дозволената, а пет за возење без возачка дозвола.
„Министерството за внатрешни работи продолжува со засилените акциски контроли во сообраќајот. Апелираме до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за поголема безбедност на патиштата“, се наведува во соопштението.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 15 степени

Утре наутро ќе има повремени врнежи од дожд, особено во западните и источните делови. Во текот на денот ќе преовладува сончево и релативно топло време со умерена облачност, информира УХМР.
Ќе дува умерен до засилен ветер од југозападен правец. Кон крајот на денот повторно ќе има врнежи од дожд, на планините од снег, пообилни во западните делови. Поради продор на студена воздушна маса во текот на ноќта врнежите ќе преминуваат во снег и на некои пониски места. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 9, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од југозападен правец. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд.
Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне 11 степени.
Во вторник ќе преовладува облачно време со врнежи кои ќе преминат во снег и на некои пониски места. На планините значително ќе се зголеми снежната покривка, а поради засилениот ветер ќе има услови за појава на снежни наноси. Локални врнежи од повремен слаб снег ќе има и во среда. Во вторник и среда ќе дува засилен северен ветер што ќе предизвика опаѓање на температурите.
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија2 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира
- Македонија1 месец
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот