Македонија
Вархељ: На младите Роми треба да им обезбедиме целосен пристап до образование, здравство, домување, вработување

Домаќин на годишниот министерски состанок, четврти по ред по усвојувањето на „Декларацијата на партнерите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во рамките на процесот на проширување на ЕУ“ – Познањска декларација, е Република Северна Македонија. На состанокот добрите пракси од своите држави, како и гледиштата за идните чекори, ги истакнаа министрите од Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и од Косово.
Министерскиот состанок со поздравни обраќања го отворија Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, Оливер Вархељ, комесар за проширување и соседски односи од Европската комисија, Ана Лирман, државен министер за Европа и клима во Германија, Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија, и Жељко Јованович, директорот на Ромската иницијатива при фондациите „Отворено општество“ (Open society).
Тренчевска, отворајќи го настанот, ја истакна важноста на годишниот состанок за интеграција на Ромите посочувајќи дека размената на добри пракси може да придонесе во унапредувањето на политиките и мерките, кои го подобруваат квалитетот на живот на Ромите. Таа им посака добредојде на сите присутни и повика на плодна дискусија, која ќе оди во прилог на сите земји учеснички.
„На младите Роми треба да се залагаме да им обезбедиме целосен пристап до образование, здравство, домување, вработување и учество во зелената агенда“, истакна Вархељ.
Тој посочи дека постојат голем број успешни проекти, кои ги вклучуваат Ромите и придонесуваат кон унапредување на нивниот животен стандард, меѓутоа ја искажа и својата убеденост дека земјите во регионот можат уште повеќе.
Лирман во своето видеообраќање ја истакна силната поддршка на Германија во процесот на интеграција на Ромите и ја искажа својата визија за инклузивна Европа, која еднакво ќе ги вклучува Ромите, како и сите маргинализирани групи во сите општествени процеси.
Амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, ја истакна важноста на соработката за успешна интеграција на ромската заедница во сите општествени процеси.
„Соработката е клучна за постигнување значаен напредок. Ова значи тесна соработка со институциите на ЕУ, релевантните меѓународни организации, граѓанските организации предводени од Ромите и што е најважно – самите ромски заедници. Нивните гласови мора да се слушнат, а нивните перспективи мора да ги водат нашите заложби. Како заклучок – стоиме на клучен момент во нашето патување кон вклучување на Ромите во Западен Балкан. Предизвиците се застрашувачки, но и одлучноста да се надминат“, изјави Гир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.