Македонија
Васил доби 3 години и 10 месеци затвор за претходното дело, соопштија од Апелација

Апелациониот суд во Скопје на нејавна седница ја одби како неоснована жалбата на Васил Јованов, за претходното кривично дело каде е фатен со 80 кесички амфетамин.
„Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека постапувајќи по кривичниот предмет KЖ- 1047/24, на нејавна седница одржана на ден 05.02.2025 година, ја одби како неоснована жалбата на обвинетиот В.Ј. од С., а жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје ја уважи. Решението на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1439/24 од 31.07.2024 година, го преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција – изречената заводска мерка Упатување во воспитно-поправен дом на начин што за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 1-една година и за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 в.в член 22 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 3-три години и согласно член 44 став 2 точка 2 од Кривичниот законик, СЕ ОСУДУВА на единствена казна затвор во траење од 3– три години и 10-десет месеци“, стои во пресудата на овој суд.
Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје на 29 јануари од 20-годишниот Васил Јованов за кого беше објавено дека возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло. Јавноста дополнително се вознемири по информациите дека возачот им бил познат на органите од постапка во која лани му се судело за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и прекурсори, но судот му одредил мерка поправен дом третирајќи го како помлад полнолетник. И претходно предизвикал сообраќајна незгода без возачка дозвола, но се спогодиле со оштетената страна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.