Македонија
Веднаш да се активира „Безбеден град“ за наоѓање на сторителите што истураат кучиња во Скопје, бараат од Зелен хуман град
Од Граѓанската иницијатива Зелен хуман град предупредуваат дека веќе со месеци се множат објавите за исфрлање кучиња од други градови во Скопје. Со нив, како што посочуваат, се множат и немилите снимки од несакани интеракции животно-човек.
Нема да биде првпат, според Зелен хуман град, да се креира вештачки проблем со носење кучиња од други градови, создавање немир и револт кај населението за после да „пројде“ масовна еутаназија како „решение“.
„Бевме сведоци на дискусија во комисијата за комунални работи на Град Скопје каде што од претставник на актуелното градско раководство се нафрли терминот „еутаназија“.
Не сме заборавиле дека Комунална хигиена во времето на Коце Трајановски масовно и симултано труеше низ сите скопски општини. Фрлаа отров накај 3 или 4 сабајле и како војска во 5 или 6 поминуваа и собираа лешеви. Не беа само бездомните кучиња, сите памтиме како умираа и домашни миленици во тие дивјачки хајки! Нема погадна смрт од смртта од отров!
Бараме веднаш да се активира Безбеден град во функција на наоѓање на сторителите што истураат кучиња во Скопје.
Бараме ригорозно и неселективно казнување на сите што ќе бидат фатени дека го прават ова!
Бараме поддршка од вас, драги сограѓани, ако забележите исфрлање кучиња од возило снимајте и фотографирајте со јасно фаќање на регистарските таблици, но од безбедна оддалеченост“.
Од Зелен хуман град потсетуваат како што велат дека актуелното раководство во Град Скопје ги елиминираше сите до еден активисти од управниот и надзорниот одбор на Лајка и ги замени со партиски номинации што немаат допирна точка со стратегии за хумана контрола на бездомни животни.
„За сега само директорката на Лајка е единствената останата активистка на раководна функција со моќ за одлучување во претпријатието.
Дури и да се убијат сите бездомни кучиња и мачиња како што варварски се правело во минатото, за 6 месеци пак ќе бидат полни улиците со бездомни кучиња и нови на пат. Неодговорни сопственици се проблемот, непостоечки/премали казни, како и што напуштањето миленик не е кривично дело“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

