Македонија
Велешанка револтирана на „Градски паркинг“: Со инвалидно возило платила казна иако била паркирана на место за инвалиди
Велешанка, лице со инвалидитет, добила блокатор на едното тркало од автомобилот при паркирање на своето возило на место означено за инвалиди. Таа платила за паркингот и на возилото имала лепенка дека е за инвалидни лица, но сепак вработени во ЈП „Градски паркинг“ ѝ ставиле блокатор, само затоа што била од друг град.
Билјана Гаврилова Станковска, револтирана го опиша инцидентот на својот фејсбук-профил:
„Денес сум толку револтирана, толку дискриминирана, толку очајна што воопшто живеам во оваа наша никаква државичка, ај да кажам и зошто.
И покрај сите предизвици и сопки што ми ги нанел и нанесува животот, наместо ова наше општество (ако може да се каже така) да ни ги олесни работите како лица со посебни потреби, тоа нè удира по нос.
Отидени во Ск нормално по болници,на враќање паркирани на автобуска станица на паркинг означен за инвалидни места,колата означена со знак за инвалид,со членската од здружение на лица со посебни потреби ставена на шал табла,пратена порака..ни ставаат блокада..се јавуваме на бројот нормално залепен на возачката врата,доаѓаат дечките од гратски паркинзи ги прашуваме зошто е блокадава кога се е уредно направено по правила,овие првично велат дека цитирам:”Aма вие сте од друг град” ко божем мајко мила јас кога ќе отидам во Ск инвалидноста ми завршува и не смеам да паркирам на место означено за инвалиди и му велам:” Кога веќе вака ставате блокади на инвалидни возила паркирани на инвалидско место што не се од Ск тогаш напишете некаде дека паркингов важи само за возила од Ск”..чудно ме гледа..Второ велам: “Запознати со тоа што град Ск за возилата од други градови не дозволува бесплатни паркинзи,си пративме порака..и покрај тоа пак блокада”..на тоа ми одговара: “Кога си паркиран на инвалидско место пораката не важи”.Молам?!?! Кого и како правите будала!! Во нормална држава и во останатите градови во нашава ни државичка нигде не е проблем да се паркираш на инвалидно место со инвалидско возило,иако си од друг град/држава,па дури и да не платиш паркинг..само Скопјево е некоја посебна држава изгледа со некој нивни дискриминирачки правила!Се јавува батето во централа,прво чекаме едно 15мин за да го решат “проблемов”,ѕвонат од таму чоекот си се трга настрана (за да не се слушне што се убедуваат) разговара едно 5мин..се враќа и вели:”Од таму велат мора да си ја платите казната”..Си кажавме уште некој работи на кој секако не се придаде важност,пошто се вадеа цело време со тоа дека они се само вработени и си ја работат работата..незнам само која и каква работа кога ,како ќе им дојде така си тераат..ама нејсе.
Море чоек, море човеци.. пошто не сте луѓе да ве наречам така, знам дека и до некаде не сте ни вие криви некој има и над вас ама да печалите на нас и згора да се иживувате.. има Господ тој е над сите.
Лута сум да.. никогаш јавно не сум се дрзнала да напишам ништо иако ова е еден од многуте случаи со кој се соочуваме ние, третирани како граѓани од не знам кој ред.. прв сигурно не.. ама ова е веќе претерано.
Инаку казната си ја плативме, да, ама да ви кажам дека повеќе нема да ќутам.. ова нема да остане вака“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

