Македонија
Велешкото Обвинителство отвори предмет по повикот на Агатангел за масовно одење во верските храмови

Основното јавно обвинителство Велес отвори предмет по допрен глас по објавите во медиумите и јавното соопштение на митрополитот Агатангел и Повардарската Епархија, со кое ги повикува верниците на масовно одење во храмовите за време на верскиот празник Духовденска Задушница, в петок и в сабота, во текот на целиот ден, додека во сила е забраната за групирање на територијата на целата држава, забраната за движење на населението во одредени временски периоди и забраната за пристап до гробишта.
Со цел утврдување факти во предметот и евентуална кривична одговорност, велешкото Обвинителство му даде насоки на СВР Велес за обезбедување податоци во однос на стореното дело и испитување на околностите дали содржи обележја на кривично дело, како и во поглед на почитувањето на мерките определени од страна на Владата, се вели во соопштението.
Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, по повикот на епископот верниците да ги посетуваат храмовите бидејќи гробиштата за Духовден ќе бидат затворени, побара од него да го повлече повикот.
„Јас го повикувам епископот да го повлече повикот да се посетуваат храмовите. Ова е многу осетлив период во овој момент на епидемиолошката крива и тој повик е спротивен на сè што сега правиме да се заштити јавното здравје. И, секако, спротивен и на многу уредби што Владата ги има донесено, а тоа е, пред сè, уредбата за забрана на масовни собири и тоа е нешто што, ако се случи, сериозно ќе го загрози здравјето на сите што ќе бидат таму присутни, како и јавното здравје“, апелира Филипче на прес-конференцијата по повод донацијата, која како помош за справување со Ковид-19 пристигна од Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Завршен првиот дел од санацијата на хидросистемот Ѓавато, кој повеќе од 4 години беше со пробиени цевки

Заврши првата фаза на санирање на хидросистемот Ѓавато. Бунарскиот дел е комплетно завршен, пуштена е водата и нема никаде протекување, објави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека останува уште една интервенција на цевката за испуст и со тоа ќе бидат дуплирани количините вода кои ќе се влеваат во Дојранското езеро.
„Каква беше состојбата пред интервенцијата? Повеќе од четири години пробиени цевки на двата функционални бунари. Потрошени повеќе од половина милион евра за електрична енерија, а ефектот минимален или никаков. Два функционални од десет направени бунари. Негрижа и срам. Во втората фаза ќе обезбедиме најмалку уште две бунарски пумпи за зголемен капацитет и побрзо полнење на Дојранското езеро. Владата во втората фаза ќе го задолжи ФОД при ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) да ги репарира постојните потисни пумпи. Конечно во последната трета фаза ќе инсталираме сончеви панели со батерии за акумулирање на електричната енергија и сопствено производство на електрична енергија. Нема трошење милиони евра од буџетот за електрична енергија“, напиша Мицкоски.
Македонија
СДСМ ги објави имињата на уште 11 кандидати за градоначалници

Попладнево се одржа седница на Извршниот одбор на СДСМ. Членовите донесоа одлука со која е дадена согласност за кандидатури за градоначалници во уште 11 општини низ државата:
1. Бутел – Оливера Ливриниќ
2. Велес – Маја Хеско
3. Гевгелија – Миле Атанасов
4. Делчево – Дејан Глинџарски
5. Демир Капија – Лазар Петров
6. Конче – Благој Илиев
7. Кратово – Влатко Спировски
8. Кривогаштани – Игор Каравиловски
9. Македонски брод – Ивица Стојковски
10. Ранковце – Даниел Крстевски
11. Старо Нагоричане – Далибор Трајковски
„СДСМ јасно ја потврдува својата подготвеност да понуди силни, чесни, квалитетни и докажани кандидати за претстојните локални избори кои ќе работат во интерес на граѓаните и напредок на општините’“, соопштија од партијата.
Македонија
Гужва на границите: на Богородица и Табановце се чека по 40 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, информира АМСМ.
На ГП Богородица времето на чекање за влез е околу 40 минути, на ГП Дојран времето на чекање за влез е околу 20 минути, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути, додека пак на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од денеска од 05:00 часот регионалниот пат Р-1106 Нова Брезница – Македонски Брод преку националниот парк Јасен ќе биде пуштен за сообраќај во термините од министерство за внатрешни работи. Се препорачува внимателно возење, почитување на сигнализацијата и прилагодување на брзината поради можни одрони на патот.