Македонија
(Видео) Дамева против сите во Судскиот совет: Ниту треба ниту сум морала да знам за судските постапки на мојот сопруг, дома не разговараме за тоа
Експретседатеката на Судскиот совет, Весна Дамева, на денешната седница повторно е во центарот на вниманието на колегите, кои инсистираа да ги извести за судски спор на нејзиниот сопруг изоставен во нејзините предлози за ревидирање. По получасовна расправија, Дамева потврди дека нејзиниот сопруг има постапка во која се јавувал како оштетен, која била во Обвинителството, каде што, како што рече, немало начин таа да влијае. Најави дека ќе го соопшти бројот на предметот за и колегите и јавноста да се уверат во она што го зборува.
„Слушајте го добро мојот одговор, јавноста ќе го има бројчето на предметот за половина час и ќе знае за која постапка се работи. Ве молам, колеги, треба да прекинете за да не се нарушува и мојот углед и угледот на Судскиот совет. И веќе, за да го зачувам личниот интегритет, немам намера ниту да седам на обвинителна клупа пред заменик-претседателот во оставка, ниту да расправам повеќе, ниту да одговарам на прашања“, рече Дамева.
На ова реагира потпретседателот Селим Адеми, кој уште еднаш побара од Дамева да им достави комплетни информации и да извести во која фаза се предметите.
„Јас не сакам да кажете дека се прави хајка кога вие само известувате, но точно е дека вас добро ве научија, ви кажаа дека не може да покриете факти и аргументи дека сега не сте претседател на Судскиот совет и сега ќе се расправа за сѐ. И за она што сакате вие и за тоа што не сакате вие. За ова ќе се расправа, ќе се утврди колку предмети има, а за тоа дека требало да знаеш – требало да знаеш, без разлика дека вчера си разбрала. Тоа ќе дојде кога ќе точката биде на седница“, рече Адеми.
Ова дополнително ја вознемири Дамева, која повторно се јави за збор иако претходно беше децидна дека повеќе нема да коментира, туку само ќе го соопшти бројот на предметот за својот сопруг.
„Ниту треба ниту сум морала да знам за деловните обврски за судски постапки и какви било постапки за мојот сопруг бидејќи ние дома не разговараме за судски работи. Ниту тој знае по што јас постапувам ниту јас знам какви судски постапки се водат, тоа прво. Второ, мојот сопруг и кој било член на моето семејство нема законска обврска мене да ме известува за јас да ве известам. Да бидеме на чисто, ова е тоа што имам да го кажам. Во овој момент знам за тоа. Во секој момент кога ќе дознам, ќе известам. Како ми кажуваат – така известувам. И за разлика од некои членови на Судскиот совет, кога можеби имале судир на интереси или одредени состојби, не известиле или не кажале причина за изземање, јас тоа не го сторив. Јасно и гласно известив, да престанеме со ова зашто создаваме лажна слика“, рече Дамева.
Седницата на Судскиот совет и денес е тензична со низа меѓусебни обвинувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

