Македонија
(Видео) Спасовски од Крушево: Ролер ски купот „Тоше Проески“ расте од година во година
Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска беше во посета на Крушево каде се обрати на отворањето на спортската манифестација Ролер ски куп „Тоше Проески“. Тој изрази посебна чест што и оваа година е дел од манифестацијата Ролер ски куп „Тоше Проески“, којашто со право прерасна во традиционален спортски настан.
„Оваа година ниту пандемијата со Ковид-19 не го спречи овој настан. Претставници од повеќе земји пристигнаа во прекрасното Крушево за да ги манифестираат и слават спортските вредности и да и пркосат на заканата по здравјето со афирмација на здравиот спортски живот и навики. Веќе нема сомневање дека овој спортски настан расте од година во година. Го зазема своето место како манифестација од големо спортско значење. Ролер ски купот „Тоше Проески“, како релативно нова спортска дисциплина, го зацврстува своето место во меѓународните спортски манифестации и календари“, истакна Спасовски.

Тој потенцираше дека Агенцијата за млади и спорт заедно со Скијачката федерација и со сесрдната поддршка на Општината и организацискиот одбор, за многу краток период успеаа да го издигнат ФИС Ролер ски куп „Тоше Проески“ на ниво на останатите меѓународни манифестации во регионот.
„Предноста на овие натпревари е дека резултатите се бодуваат исто како и на зимските натпревари, така што на овие натпревари нашите натпреварувачи и сите учесници добиваат бодови за крајната ФИС листа за бодување и пласман на зимските олимписки игри. Честа што ми е укажана вечерва е дополнително поголема од фактот што овој ФИС ролер ски куп го носи името на нашата најсјајна музичка ѕвезда, нашиот Тоше Проески. Оваа манифестација секоја година не собира во спомен домот на нашиот Тоше, со што овој спортски настан се облагородува од сеќавањата на неизмерниот талент и човечки вредности што Тоше Проески им ги подаруваше на сите нас“, потенцираше Спасовски.

Тој го прогласи овогодинешниот Ролер ски куп „Тоше Проески“ за отворен, посака натпреварите да течат во најдобар спортски дух, а на организаторите и на Општина Крушево уште еднаш им честиташе за успешната реализација на оваа спортска манифестација.
Пред отворањето, премиерот Спасовски, заедно со градоналникот на Општина Крушево, Томе Христоски и градоначалникот на Општина Кривогаштани, Рубинчо Шефтеровски положија свежо цвеќе на гробното место на Тоше Проески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ бега од темата Груби и од борбата против корупцијата, рече Петрушевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција оцени дека Социјалдемократскиот сојуз, како што рече, бега од темата Груби, и наместо да го поздрави справувањето со криминалот, нуди приказни за театар и циркус.
„Времето покажува дека на СДС – безрбетна најдобро ѝ оди кога нешто треба да се продава, распродава и да се мести. И тоа е така без разлика дали тоа е местење на тендери или продавање на државата“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека партијата наместо да поздрави, како што наведе, „чин на справување со незаконити дејствија, криминал, фаќање на лица кои бегаат или бегале од правдата“, се занимава со други теми.
„Очигледно е зошто го прават тоа, веројатно затоа што во конкретниот случај со Артан Груби не можат ни да се сетат во што се биле заедно вмешани, во какви зделки, коруптивни активности или криминал. Поточно во што се шурувале“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека актуелното раководство на СДСМ, меѓу кои ги спомена Венко Филипче, Оливер Спасовски, Јованка Тренчевска и Јон Фрчкоски, „кажуваат секојдневно некакви приказни“, но дека суштината, според него, е борбата против корупцијата.
„Професионална, координирана активност на надлежните служби за да се фати бегалец од правдата покажува на дело дека сега борбата со корупцијата и криминалот е решителна“, изјави Петрушевски.
Тој нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ клучна е борбата со корупцијата и криминалот и, како што рече, „поставувањето на здрави темели на начелото на владеење на правото“.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.

