Македонија
(Видео) Ангеловски: 36 отсто намален бројот на жртви во сообраќајни несреќи
Бројот на жртви во сообраќајни несреќи во ноември е намален 36 отсто во споредба со ноември минатата година, информира портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
„Во споредба со ноември 2020 година и ноември 2019 имаме 21 отсто намален број на сообраќајни незгоди, 36 отсто намален број на загинати лица, 75 отсто намален број на загинати пешаци, а 47 отсто е намален бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди“, рече Ангеловски од Куманово.
Тој информира дека мобилната единица за безбедност во сообраќајот при Министерството за внатрешни работи деновиве спроведува засилена акциска контрола во областа на сообраќајот на територијата на Куманово, каде што вчера се казнети 96 возачи.
„Евидентно е дека имаме подобрување на дисциплината на возачите на целата територија на државата како резултат на овие засилени контроли, што се рефлектира и на значително намалениот број сообраќајни незгоди и жртви“, рече Ангеловски.
Тој рече дека и на територијата на СВР Куманово е евидентно намалувањето на сообраќајни незгоди, особено оние со тешки телесни повреди, кои се намалени 80 отсто, а вкупниот број на сообраќајни незгоди е намален 37 отсто.
„Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот“, рече портпаролот на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Аеродром спроведува акција за чистење диви депонии на повеќе локации
Јавното комунално претпријатие на Општина Аеродром денеска реализира акција за чистење на поголемите диви депонии на повеќе локации на територијата на општината.
Со соодветна механизација се врши темелно отстранување на секаков вид отпад депониран на несоодветни и недозволени места, со цел подобрување на хигиената и заштита на животната средина.
Општина Аеродром упатува апел до граѓаните да не се фрла отпад на недозволени локации и да се постапува совесно и одговорно, во интерес на заедницата и јавниот простор.
Во наредниот период ќе се спроведуваат зајакнати инспекциски контроли, при што против сите прекршители ќе бидат преземени соодветни мерки, согласно со важечките законски прописи.
Општина Аеродром останува посветена на континуирани активности за унапредување на јавната хигиена и создавање чисто, уредно и здраво опкружување за сите жители.
Македонија
Унгарските искуства за „Безбеден град“ и миграциите во фокус на посетата на Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на покана на министерот за внатрешни работи на Унгарија, Шандор Пинтер, во периодот од 14 до 16 јануари реализираше билатерална посета на Министерството за внатрешни работи на Унгарија, со цел продлабочување на безбедносната соработка и размена на конкретни искуства и добри практики.
Во рамки на посетата, Тошковски оствари билатерална средба со министерот Пинтер, на која беа разгледани прашања од заеднички интерес, со посебен фокус на управувањето со миграциските текови, борбата против организираниот криминал и современите безбедносни предизвици. Министерот Пинтер го истакна значајниот и конкретен придонес што Македонија го дава во спречувањето на илегалната миграција, нагласувајќи дека улогата на македонската полиција е од суштинско значење за безбедноста на Европа.
„Посебно внимание беше посветено на искуствата на Унгарија во воспоставувањето и примената на системи за автоматско детектирање на сообраќајни прекршоци, во контекст на тековната имплементација на системот „Безбеден град“ во Македонија. Во таа насока, беа разменети мислења за практичните аспекти, институционалната подготвеност, правната рамка и ефектите од примената на ваквите системи, со цел користење на најдобрите европски практики.’, истакна министерот Тошковски.
Во делот на борбата против трговијата со дрога, беа презентирани законските и институционалните решенија што Унгарија ги има спроведено во областа на кривичното санкционирање, при што беа споделени искуства за влијанието на построг и појасен казнен пристап врз сузбивањето на организираните нарко мрежи и зајакнувањето на превенцијата.
Во рамки на посетата беше потпишана Декларација за соработка во спроведувањето обуки за полициски службеници помеѓу Центарот за обука на МВР и Центарот за полициска едукација и обука на МВР на Унгарија, со што се отвораат можности за долгорочна и практична размена на знаења и искуства. Воедно, беше упатена покана унгарскиот центар да се приклучи кон Регионалната асоцијација на центри за обука и полициски академии на Југоисточна Европа, формирана на иницијатива на нашето МВР.
Министерот Тошковски оствари и работна средба со директорот на унгарското Национално биро за истраги, Арон Јенеј, на која беа разменети искуства за институционалната поставеност, оперативните модели и пристапите во сузбивањето на најсериозните форми на организиран криминал. Дополнително, беше реализирана и средба со директорот на Националниот директорат за менаџмент на катастрофи, Золтан Гора, со фокус на системот за управување со кризи, меѓуинституционалната координација и практичните искуства во справувањето со катастрофи.
„Унгарија е докажан пријател и партнер на Македонија, а посетата претставува уште еден чекор кон зајакнување на соработката, размената на искуства и градењето партнерства кои придонесуваат за поголема безбедност, стабилност и европска перспектива.’, потенцираше министерот Тошковски.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска-Клеин: Соработката со Унгарија е пример за вистинско партнерство
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес во просториите на општината оствари средба со амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Андраш Клеин. Во рамките на разговорот, таа ја претстави својата визија за развој на општината, а посебно беше нагласена подготвеноста за унапредување на долгогодишната соработка меѓу општината и Унгарија.
Соговорниците посебен акцент ставија на продолжувањето на традицијата на чествување на Шандор Петефи, чија биста е поставена во новиот парк во Драчево. И годинава ќе продолжат активностите поврзани со неговото одбележување, а најавен е и конкурс за учениците од основните училишта, посветен на теми од унгарската историја и државност.
-Преку вакви проекти не само што го унапредуваме урбаниот и културниот живот во Кисела Вода, туку и ги зајакнуваме врските меѓу македонскиот и унгарскиот народ. Нашата соработка со Унгарија е пример за вистинско партнерство и верувам дека и во иднина ќе реализираме уште многу заеднички иницијативи-истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
На средбата присуствуваше и претседателот на Здружението на Унгарците во Македонија-Теледом, Јожеф Шутуш, кој ја потврди долгогодишната соработка и одличните релации со Општина Кисела Вода, како основа за понатамошно зближување и заеднички развој.

