Македонија
(Видео) Апасиев: ВМРО стагнира, Левица дуплира
„Ова е пирова победа на режимот. Јас како претседател на Левица ќе упатам честитки само до кандидатите во Кичево и во Брвеница. Тоа значи дека нашата македонска платформа дава резултати доколку се обединиме. За разлика од нив сетете се што и направија на Јована во Струга“, кажа Димитар Апасиев вечерва на прес-конференција.
„Ако треба да опишам во еден збор како помина вториот круг, тоа е ВМРО стагнира, Левица дуплира. Од првиот круг, Орце од Драчево има освоено плус 3 и пол илјади гласа што е само три посто зголемување, а Амар од Чаир има освоено плус 30 илјади и 500 гласа. Ова покажува дека опозициските тенденции се престројуваат позади Левица“, рече Апасиев.
„Од втора партија на ниво на цело Скопје, вечерва обзнанувам дека сме прва партија, пред ВМРО-ДПМНЕ, во Центар, во Карпош и во урбаниот дел од Аеродром. По којзнае кој пат балистичко-врховистичката коалиција потфрли и Вреди ги зафркна ДПМНЕ насекаде кадешто очекуваа нивни гласови. За возврат на кусогледоста на Мицкоски, курбан отиде Западна Македонија, патриоти продолжете да си го гласате Мицкоски“, додаде Апасиев.
„Во поглед на неопределените ќе кажам дека 66 проценти од нив не излегоа на гласање. Тоа е многу неинтелегентно решение со ваков изборен модел. Или да објасниме пластично, две третини од скопјаните не гласаа, една третина гласаа. Од тие една третина, само една петина одлучија за сите нас. Дваесет проценти ВМРО-вци ќе ви ја стават чизмата во наредните четири години. Апелиравме дека неизлегувањето е неинтелегентно решение и тоа се покажа во пракса. До гласачите на СДСМ – ве пуштија низ вода, ја предадоа Струмица и Карпош, предадени сте од корумпираното раководство, престројте се позади нашиот бајрак, да ги победиме ДПМНЕ на наредни парламентарни избори“, кажа Апасиев.
Тој истакна дека Амар е новото лице на Левица.
„Амар од обичен левичарски воин вечерва стана специјалец, борбата продолжува“, додаде Апасиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За вакцинација против сезонски грип досега пријавени над 76 илјади граѓани, започна и вакцинацијата со комерцијални вакцини за 700 денари
Министерството за здравство информира дека за вакцинација против сезонски грип за ризични категории населени досега се пријавени над 76 илјади граѓани, а вакцинирани се повеќе од 43 илјади лица низ државата.
„Заинтересираните граѓани сѐ уште имаат можност да се пријават за вакцинација против сезонски грип преку апликацијата vakcinacija.mk или преку својот матичен лекар. Певентивни тимови продолжуваат и со теренска вакцинација во домашни услови за повозрасни и неподвижни лица, како и за лица со попреченост“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Исто така, започната е и вакцинацијата со комерцијалните вакцини во Центарот за јавно здравје Скопје, а во текот на неделата ќе отпочне вакцинација и во другите центри за јавно здравје низ државата.
Екипите на Центар за јавно здравје – Скопје вршат вакцинација секој работен ден од 07:30 до 14:30 часот. Цената на комерцијалните вакцини изнесува 700 денари.
Македонија
За еден месец 138 санкции за непрописно вградени фолии
Во периодот од 01 до 31 октомври, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе сообраќајни контроли на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возачи кои не ги исполнуваат пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата.
При контролата санкционирани се 138 учесници во сообраќајот. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.
Македонија
Пецаков: Охрид не само што ќе изгледа поинаку туку ќе има и многу подобри услови за сите жители и за сите туристи
Кирил Пецаков го почнува вториот мандат како градоначалник на Охрид. Тој најави дека Охрид не само што ќе изгледа поинаку, туку ќе има и многу подобри услови за сите жители и сите туристи
„За мене е голема обврска и чест да продолжиме заедно по патот на успехот и да работиме за подобра иднина за нашите поколенија. Реализиравме многу проекти кои што значат за Охрид и стратешки го менуваат, а така продолжуваме и во вториот мандат. Имаме 10 нови капитални проекти на кои ќе се надополни и финиширањето на четири проекти, кои беа ветени во претходниот мандат. Станува збор за сериозна промена на сето она што ние го перцепираме во Охрид, првично за охриѓани и за сите оние кои што доаѓаат и уживаат во неговите убавини. Пред нас следува инвестициски период кој верувам дека ќе заврши успешно, односно за многу работи за кои што охриѓани разговарале, побарувале и било како насушна потреба во изнинативе 30 години, ќе се остварат, ќе се завршат и сметам дека Охрид не само што ќе изгледа поинаку, ќе има и многу подобри услови за сите жители и сите туристи кои го посетуваат“, рече Пецаков.

