Македонија
(Видео) Апасиев: Спасовски со илегален правилник воведе Северна во личните карти и на ист начин Тошковски може да ја укине

На вчерашната собраниска седница, претседателот на Левица, Димитар Апасиев истакна дека, додека бил министер Спасовски, на неуставен начин, преку носење Правилник, го внел новото име во лични карти. Пратеникот од Левица потенцира дека претходно Левица го блокирала законот за воведување илегална двојазичност, каде било предвидено да се вметне и „Северна” во личните карти.
Според Апасиев, Спасовски со носењето на ваквиот Правилник извршил кривично дело и треба да одговара.
Дополнително, пратеникот Димитар Апасиев од собраниската говорница го повика новиот министер Панче Тошковски да донесе нов Правилник, со кој ќе го укине незаконскиот Правилник на неговиот претходник.
„Според актуелниот важечки Закон за лична карта, во членот 5 се вели:
Образецот на личната карта содржи натпис Република Македонија (значи не Северна), назив лична карта, натпис МКД, место за фотографија, грб и машински читлив дел.” Кога сакаа во времето на Спасовски да го променат овој Закон и да воведат „Северна” и да воведат илегална двојазичност, jас и пратеникот Борислав Крмов го блокиравме. Во тогашните преговори, кај поранешниот спикер Џафери, ни беше кажано дека ако не го одблокираме, ќе мора да прават правни претумбации, да ги цитирам. Ние кажавме дека нема да го одблокираме. Која беше правната претумбација?
Во Законот стои „Република Македонија”, не „Северна”. Но, министерот Спасовски во 2021 година, донесе Правилник со кој, спротивно на Член 5 од важечкиот закон, воведе Северна во личните карти. Овој Правилник веднаш го оспоривме пред Уставен суд, затоа што со подзаконски акт не можете да додавате нешто што е законска материја. Кацарска до ден денес, ја држи нашата претставка во фиока.
Тоа значи, дека со министерски правилник не можете да дерогирате собраниски закон и да менувате образци на лична карта. И за ова Спасовски кога-тогаш кривично ќе одговара. Министерот Спасовски во 2021 година, бидејќи немал законски основ за да донесе Правилник со кој ќе внесе „Северна” во личните карти, се повикал на Член 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта од 2007 година. Од закон донесен во времето на Гордана Јанкуловска, кој важел три месеци и предвидувал овластување да министерот донесе правилник. Гордана Јанкуловска во 2007 година си го искористила тоа право, донела некој правилник и со тоа завршува примената на тој закон. Неможејќи да најде правна основа, Спасовски прави претумбации и си го земал овој член“, кажа пратеникот Апасиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Сарај и Илинден денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 13:00 часот, дел од корисниците од село Кондово, општина Сарај;
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. 534 и ул. 531 во село Марино, општина Илинден.
Македонија
На Табановце се чека до половина час за влез во државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. Се бележи зголемена фреквенција на возила на ГП Табановце, времето на чекање за влез во државата е околу 15 до 30 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
СДСМ: Демографија не се подобрува со кампањи, туку со квалитетен животен стандард и јасна перспектива за младите

„Наместо да создава услови младите да останат тука и да формираат семејства, Мицкоски ги брка од државата со зголемување на сиромаштијата и нееднаквоста, без да понуди каква било јасна перспектива за државата. Денес, младиот човек во Македонија е оставен без иднина. Стандардот е уништен. Платите се недоволни, а Мицкоски се заканува со нови даноци. Со вакви политики, за кратко време, тој ќе ги избрка сите од државата“, велат од СДСМ.
„Наместо да понуди современа, хумана и искрена поддршка за младите семејства, тој вели дека ќе ги едуцирал за „семејните вредности“. Демографијата не се решава со кампањи за „семејни вредности“, туку со стабилни и добро платени работни места, достапно и квалитетно здравство и сигурна социјална заштита.
Младите не бегаат затоа што не сакаат да создадат семејство, туку затоа што не можат да си го дозволат. Тоа е директен резултат на промашените и класично десничарски политики на оваа влада. Стандардот е намален за 20%, се богати само елитата околу Мицкоски, а за останатите граѓани нема никаква корист од владините политики.
Ако навистина сакаше да се раѓаат деца во Македонија, ќе се грижеше најпрво нивните родители да бидат сигурни и да ја гледаат својата иднина тука. Таква политика од Мицкоски нема“, соопшти СДСМ.