Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Зошто Манолева втор месец молчи за непотпишувањето согласности за вработување од Министерство за финансии
„Заменик министерката за здравство, Маја Манолева вчера се разбуди од длабок зимски сон и го приватизираше Министерството за здравство каде држеше политиканство – партиска прес конференција како класичен партиски полтрон. Без факти и аргументи Манолева одлучи да одработува партиски, без срам и перде таа истата Манолева излезе со клевети дека дополнителната заменичка за Министерството за финансии “ги блокирала” враборувањата за медицинските работници всушност е истата личност која два месеци молчеше за непотпишување на истиве овие согласности од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими“, пишува на социјалните мрежи Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
Преку фејсбук, Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ и постави неколку прашања на Манолева.
„Зошто веќе втор месец не кажа ни збор за тоа што од сите здравствени установи во Македонија беа потпишани согласностите за вработување медицински кадар освен за една установа и тоа Клиничката болница во Тетово, додека за сите други вработувања немаше согласност?
Дали по истиов принцип Манолева премолче и за феноменот “истечен сертификат” со што ја пушти низ вода директорката на Инфективна клиника, која до вчера ја третираа како херој на пандемијата?
Дали се заинтересира каква е реализацијата на последниот оглас во Болницата во Гостивар каде балансерот се применува така што од 25 нови вработувања – само 2 се Македонци, од 10 доктори и 10 мед. сестри – ниту еден Македонец.
И во овој случај ли Манолева е нем набљудувач, исто како во случајот со “поминат сертификат” и непотпишаните согласности од Министерството за финансии?
Уште пред повеќе од еден месец, Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ алармираше дека Владата на ДУИ и СДС седум години не најде начин да го реши статусот на вработените со договор на дело, а решавање на проблемот најави предизборно и манипулативно, без заложба вистински да се излезе во пресрет на оваа категорија здравствени работници
Доказ за негрижата во кадарот е затворањето на цели специјалистички оддели, токму заради негрижа во кадарот
Манолева треба да одговори зошто премолче и што конкретно таа презема на последната владина седница
1.Зошто на седница на Влада заради партиски препукувања одбиена е точката за покачување на платата на медицинските сестри?
2 Што презема Манолева по однос на одбивањето од дневен ред на точката за потпишување на Колективниот договор за вработените во Министерството за здравство, институцијата каде ја извршува функцијата заменик министерка?
3.Што конкретно Манолева презема за решавање на статусот на здравствените работници, ангажирани со договор на дело и кои се институциите каде започнала трансформацијата на работниот однос?
4.Зошто Манолева од позиција на директор на Заводот за физикална медицина ги укина обуките за вработените во оваа ЈЗУ и за која намена сега одат овие средства“, се наведува во објавата на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Оваа сабота во Јавна соба: базар на „втора рака“ облека, накит, книги и детски играчки
Трендот во големите градови и култура е рециклирање и рекреирање на веќе постоечкото. Колку понапредни општествата – толку повеќе се рециклира, се води сметка за животната околина и сè погласна и популарна е “second hand” модата.
Скопје полека ја прегрнува оваа нова филозофија, но колку е поголема и подобра понудата – толку повеќе ќе има интерес од страна на потрошувачите и ќе има поголем успех.
Оваа сабота (11 мај) во Јавна соба, под слоганот “Second hand е подобро од ново” започнува Базарот каде што посетителите можат да си набават добро сочувано парче гардероба, чевли, накит, книга или можеби некоја играчка. Ќе има бројни штандови со разноразни парчиња кои дефинитивно заслужуваат втора шанса.
И сето тоа во еден забавен, опуштен и пријателски амбиент, еве неколку причини зошто е подобро да купувате работи од втора рака:
– Заштеда на пари
– Помагање на животната средина и зачувување на природните ресурси
– Поддржувате локален и мал бизнис
– Развивате уникатен стил
– Имате чувство како да сте во потрага по богатство
Македонија
На ден пред двојните избори гласаат болните и изнемоштените лица, затворениците и дијаспората
Денес своето право на глас први ќе го остварат болните и изнемоштените лица, како и затворениците во казено-поправните домови во државата.
Од Државната изборна комисија информираа дека за претседателските избори ќе гласаат 11.123 болни и немоќни лица, а за парламентарните избори бројката е поголема за 102 избирачи или ќе гласаат 11.225 болни и немоќни лица.
Освен изнемоштените и затворениците, денес своето право на глас ќе го остварат и пријавените македонски државјани од дијаспората, но единствено за претседателските избори. Гласање за парламентарните избори во дијаспората нема да се спроведе поради недоволен број пријавени.
На овие парламентарни избори поднесени се 17 кандидатски листи, за парламентарните избори од кои 16 на политички партии и коалиции и една од група избирачи. На изборите учествуваат 61 партија. Од нив, 11 самостојно, а 50 во пет коалиции.
На вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, а на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите е 1033, генерално поради граѓани кои стекнуваат полнолетство. Во посебните изводи од Избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во дипломатско конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се запишани 2.569 избирачи, а во затворите или во притвор 2.147 избирачи.
Македонија
Акредитирани 1078 домашни и 770 странски набљудувачи за изборите
За вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај акредитирани се вкупно 1999 набљудувачи, преведувачи и странски новинари. Најмногу акредитирани се домашни набљудувачи – 1078. Изборите ќе ги следат и 770 странски набљудувачи за чии потреби се ангажирани и 85 преведувачи.
За известување од изборите, акредитирани се 66 странски новинари, меѓу кои и од Ројтерс, Асошиејтед прес, Ал Џезира и Франс прес.
Најмногу домашни набљудувачи акредитирало Здружението за развој на општествено – социјални иновации „ВАКЕ УП“ Скопје – 752, потоа Фондација Ромите за демократија – 151, Цивил – 82, Центарот за безбедносни истражувања – 46, Институтот за меѓународни односи и стратегии Охрид – 20, Националниот ромски центар Куманово – 14, Здружението за промоција и развој инклузива Куманово – 12 и Македонскиот центар за културен развој – еден набљудувач.
Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 410 набљудувачи, 14 експерти и 31 преведувач, најмногу од странските набљудувачи. Парламентарното собрание на ОБСЕ (OSCE PA) има акредитирано 138 набљудувачи, Амбасадата на Соединетите американски држави во Скопје – 68 набљудувачи и 33 преведувачи, Парламентарното собрание на Советот на Европа – ад хок комисијата за набљудување на претседателските избори во Република Северна Македонија – 33 набљудувачи и 20 преведувачи, Иницијативата за дијалог и демократија Силба 30, Централната изборна комисија – Република Косово – 13, Европскиот парламент – 12 и други.