Македонија
(Видео) Арсовски: Одговорност за Коста Петров и итна оставка

Потпретседателот на СДСМ и директор на Фондот за иновации, јавно, без грам совест, дрско и без срам, најважно без ничија присила, призна дека свесно сторил кривично дело и притоа причинил материјална штета на институцијата што ја води, во случајот Фондот за иновации. Уште побезобразно, признавајќи дека направил кривично дело, јавно на телевизија им порача на граѓаните но и на сите останати, само „извините ако сум направил кривично дело”. Замислете секој криминалец во државава што извршил кривично дело да се извини само на јавноста и на Судот и да биде ослободен од одговорност, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Но, она што е суштинско и поважно, Коста Петров сепак трошел од парите на граѓаните за маркетинг-услуги и тоа ги трошел преку агенциите кои го добија тендерот. Коста Петров противзаконски плаќал реклами со буџетски пари на граѓаните на медиуми и со тоа го прекршил член 353-В став 2, односно став 3 и причинил со своето несовесно работење материјална штета во институцијата што ја води во моментов.
Токму Владата на СДСМ го смени законот 102 од законот за АВМУ, со што државните институции и сите оние коишто користат буџетски средства да не смеат по ниеден основ да се рекламираат во медиумите. Ова е законот жшто го прекршил Коста Петров како директор на Фондот за иновации, а притоа треба да одговара според членот 353-В од Кривичниот законик на Република Македонија.
Ова имено само да знае значи од половина до 5 години затвор, односно од 1 до 10 години затвор во зависност од висината на штетата.
Сепак, како што рековме и претходно, Коста Петров преку советникот од СДСМ, Бојан Ивановиќ, трошел пари коишто се на граѓаните. Значи директор од СДСМ сепак давал пари за маркетинг преку фирма на советник исто така од СДСМ.
Коста Петров да одговори колку пари се потрошени за рекламирање и каде. Односно колку пари тој потрошил за рекламирање и каде.
Зоран Заев да одговори дали побарал оставка од својот потпретседател и директор и кога планира да побара оставка за свесното признаено кривично дело што го извршил.
Дали Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија сè уште ќе се прават и глуви и слепи на криминалот на СДСМ, којшто сите знаеме дека е аминуван токму од Зоран Заев?
Фондот за иновации стана златна кокошка за СДСМ и за нивните функционери. Од проекти, единствен и главен проект на оваа Влада е правење и создавање криминална држава преку којашто крадат и пустошат сè живо.
За крај, сакам да ѝ најавам на јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ во текот на неделата ќе поднесе соодветна кривична пријава против директор за извршен кривичен престап. И очекуваме брзо расчистување на случајот, односно носење одговорност, бидејќи имавме јавно признание на национален сервис“, порача Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.