Македонија
(Видео) Арсовски: Што сè можеше СДСМ да подобри за 21 милион евра, кои ги испумпаа преку агенцијата за обезбедување

СДСМ и Заеви свесно ја покачија цената на електричната енергија, на штета на граѓаните, само за да делат профит од високата цена преку тендери од универзалниот снабдувач и од институции од државата.
„За сметка на тие профити кои струмичката агенција за обезбедување ги дели со Заеви, за коишто имаме сериозни сомнежи, над 21 милион евра, граѓаните живеат во сиромаштија. Наместо Заеви да делат огромни профити од парите на граѓаните, можеа да реализираат сериозни проекти за подобрување на животот на граѓаните.
Со овие пари можеа да реконструираат болници, клиники или да се изградат нови болници. Со 21 милион евра ќе можеше да се купат над 50-тина возила за брза помош, коишто ги имаа најавувано и пред да дојдат на власт.
Со овие пари можеа да се реконструираат училиштата и градинките или, пак, да се изградат над 10-тина нови училишта или над 20-тина нови градинки. Со овие пари можеа да се пратат над 50 луѓе со сериозни болести на лечење во странство, за кои граѓаните секојдневно донираат пари, преку социјалните мрежи, преку интеренет-сервисите или преку СМС-пораки.
Со 21 милион евра ќе можеше да се поддржат домашните компании кои откако почна корона-кризата се на работ на пропаст, а секојдневно се обидуваат да преживуваат и, како што видовме според последниот податок, над 12.000 работници ги загубиле своите работни места.
Со овие пари ќе можеа да се реконструираат стотици километри патишта кои граѓаните секојдневно ги возат, кршејќи ги своите возила.
Ова е начинот на работа на СДСМ, Заеви и нивните фирми. Институциите мора да отворат случај и да ги испитаат овие енормно големи суми пари кои легнале на сметка на оваа струмичка агенција за обезбедување, односно што го дуплирала својот приход од овие институции во текот на една година“, порача Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.