Македонија
(Видео) Арсовски: Џолев има рок до вторник да поднесе иницијатива за разрешување на Сандев или следуваат кривични пријави

Иван Џолев 5-ти ден по ред молчи за противзаконското делување и постапување на поротникот Митко Сандев, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„ Митко Сандев има полни 60 години и согласно одлуката на Уставен Суд од 2007 година, но и Член 80 од Закон за Судови, кој јасно кажува дека судија поротник со навршени 60 години мора да биде заменет со друг судија поротник во Републичкиот судски совет.
Дополнително, Иван Џолев или Митко Сандев, сокриле дека судијата поротник Митко Сандев на кој треба да му прекине мандатот, е член на партиско тело од Партијата на пензионерите, што е уште една причина да се постапи со менување на нов судија поротник“ рече Арсовски.
Тој додаде дека согласно законот за кривична постапка, судија поротник не смее да биде член на политичко тело или партија, од едноставна причина затоа што може да одлучува пристрасно. Дотолку што партијата во која членува Митко Сандев е во колиација со СДСМ и со власта, нагласи Арсовски.
„ Иван Џолев има време до вторник да постапки согласно законот и да поднесе иницијатива до Републички Судски Совет за прекин на мандатот на судијата поротник Митко Сандев. Бараме да биде заменет со друг, за да може текот на случајот да продолжи непречено и непристрасно“ истакна Арсовски и предупреди дека ако Џолев не постапи по законот и не пушти до вторник иницијатива до Републички судскиот совет, тогаш ќе биде поднесена кривична пријава и за него, но и за Митко Сандев.
Арсовски обвини дека целиот суд на Иван Џолев, кој, како што рече, следи наредби од Зоран Заев, е крајно пристрасен во постапувањето по овој предмет и не ги почитува законите.
„ Иван Џолев и Митко Сандев имаат избор, или да бидат слуги на Зоран Заев и неговата неселективна правда или да го почитуваат законот. Ако се одлучат за првото, набрзо ќе сносат и кривична одговорност, во вторник, ако се одлучат за второто, ќе покажат дека овој Суд има барем малку капацитет за фер судење и почитување на законите“ порача Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.